/ Прочитано:

2.631

Дискусија на правниците и економистите за платите и потрошувачката како фактор на економски развој

Во организација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Бизнис конфедерацијата на Македонија и „Јуридика“ денеска се одржа трибина на тема: „Колку платите и потрошувачката се фактор на економски развој во Република Македонија?“

akademik foto

Прашањето за платите и потрошувачката, беше нагласено на настанот, е мошне важно и е директно поврзано со економската благосостојба, односно со обезбедувањето достоинствен живот за граѓаните и остварување на нивните економско-социјални права. Категориите плата, потрошувачка и економски развој, не можат да се  разгледуваат изолирано, само од економски или само од правен аспект, и затоа е потребно заеднички, правен и економски, приод кон ова значајно прашање.

Проф. д-р Предраг Трпески од Економски факултет при УКИМ истакна дека платите имаат позитивно влијание на економскиот раст и развој, но дека тоа влијание од економска гледна точка е ограничено. Професорот Трпески посочи дека македонскиот пазар на трудот е ригиден и сегментиран, па во реалноста е присутна појавата на плати кои се премногу ниски или кои се премногу високи. Според податоците, само 7,4% од вработените земаат плата над 35.000 денари.

Инвестициите, искористувањето на ресурсите и употребувањето на новата технологија се непосредно поврзани со висината на платите, додека пак, како што подвлече професорот, единствен начин да се зголемат платите е да се зголеми продуктивноста.

Во таа насока, Трпески го елаборираше и прашањето на пазарот на трудот и невработеноста, посочувајќи на истражувачки податоци кои говорат дека 50 % од дипломираните студенти чекаат по повеќе од четири години за вработување.

„Ако е некој невработен многу години, ако чека да се вработи и ако и по 8 години не може да го искористи своето знаење низ практичното работење на професијата за која студирал, каков правник или каков економист би бил тој?“, беше нагласено на настанот.

За Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија платите претставуваат дел од широкиот спектар кој влијае на економскиот раст. Од практичен аспект, Бошков подвлече дека за висината на платата влијаат многу социо-економски фактори, особено генералната инвестициска слика во земјата која долгорочно влијае на подобрувањето на животниот стандард.  Подобрувањето на животниот стандард создава и сигурност кај работниците, со што ќе се зголеми нивната продуктивност и, во таа смисла, работодавачите мора да применуваат политика и мерки кои ќе ги задржат квалитетните  работници.

Во однос на потрошувачкото општество, Бошков истакна дека според спроведените истражувања граѓаните не се ориентирани кон, како што рече, експериментирање со купување нови производи, туку се ориентирани кон производите што традиционално ги купуваат. Ваквата реалност ги ограничува бизнис-плановите на компаниите, кои се ориентираат кон традиционалните потрошувачки навики.

Доц. д-р Лазар Јовевски, од Правниот факултет при УКИМ, нагласи дека не може да се говори за раст на платите ако не постои стабилност од социо-економски аспект. Секако, рече Јовевски, со зголемувањето на платата се влијае на потрошувачката, но во таа смисла секогаш треба да се има предвид и психолошката компонента на зголемувањето на платите.

„Јас секогаш се залагам за економија по мерка на човекот. Според ваквото гледиште, на платите не може и не треба да се гледа само аспект на материјалистичкиот концепт, туку и од аспект на човековото достоинство, што подразбира многу покомплексен и потемелен приод кон ова прашање“, подвлече Јовевски.

На денешниот настан со свои дискусии учествуваа и студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, претставници на државни институции и невладини организации, адвокати и претставници на бизнис-заедницата. Во рамките на дискусиите беше нагласено дека загрижуваат податоците дека, наместо да се фокусираат кон дејностите што се однесуваат на правосудството и на бизнис-секторот, младите правници како свое место за вработување ја посакуваат државната администрација.

„Не се води сметка за пазарот на трудот. Има презаситеност од некои професии, има презаситеност од факултети. Големиот број на правни факултети е таков пример. Загрижува тоа што тие студенти по дипломирањето не размислуваат да се усовршат во деловната пракса, туку сакаат да бидат дел од администрацијата. Исто така, неразбирливо е како станувањето судија во светот значи врв на кариерата, а кај нас има толку млади судии кои претходно не ни работеле како адвокати. На пример, во САД не може да се стане судија директно од студентската клупа, туку мора претходно се биде адвокат. Дури понатаму низ годините изборот за судија подразбира и круна на кариерата“, беше посочено на настанот.

M.В