/ Прочитано:

1.498

Дискусија во Собранието за малолетничките бракови: Државата премолчено одобрува склучување бракови и со 16 години

Клубот на пратенички одржа работна средба на тема „Малолетнички бракови“. Настанот се организираше во соработка со Националниот демократски институт (НДИ). На работната средба присуствуваа пратенички од повеќето пратенички групи во Собранието на Република Македонија.

Координаторката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи, во воведното обраќање рече дека малолетничките бракови се горлив проблем на меѓународно ниво. Ги посочи забелешките на Комитетот за правата на детето при Обединетите нации и Извештајот на Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената во  Република Македонија.

Несиме Салиоска, извршна директорка на „Рома СОС“ Прилеп, ги презентираше наодите и препораките на нивното истражување спроведено во Република Македонија „Сивата зона помеѓу традицијата и правата на децата“. Препораките вклучуваат хармонизирање на постојното законодавство со цел експлицитно да се осигури дека минималната законска возраст е 18 години за едно лице да живее во брачна заедница; обезбедување правни механизми; воведување на институционален систем за евиденција и следење на бракови меѓу и со лица помлади од 18 години и развивање на посебна програма за заштита од брак под 18 години и негово спречување.

Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието на Република Македонија, била вклучена во самото истражување како правен експерт. Таа се осврна на правната рамка и истакна дека Република Македонија нема интегриран систем кој се однесува на овој проблем и затоа, за жал, исклучокот станува правило. Иако во Уставот и во закон е утврдена долната граница, премолчено Република Македонија одобрува склучување бракови и со 16 години, бидејќи нејзиното истражување покажало дека ниту едно барање поднесено за склучување брак под 18 години досега не е одбиено, и ова не смее да се дозволи. Потребни се промени во постојното законодавство, вклучително и во членот 197 од Кривичниот законик и во членот 16 од Законот за семејство, како и во законите за основното и средното образование. Таа истакна дека во процедура се измените на Кривичниот законик, и даде предлог Клубот на пратенички да поднесе амандман за да се зголеми старосната граница за стапување во брак од 16 на 18 години.

Потоа, претставниците на министерствата за труд и социјална политика, за правда, за образование и за внатрешни работи говореа за моменталните и за идните активности на своите министерства. Ѓултен Мустафова и Светлана Цветковска од Министерството за труд и социјална политика истакнаа дека Законот за семејство ќе се менува и се очекува да биде завршен до август 2019 и повика на сеопфатна дискусија по законот, а дека во моментов се изработува Закон за родово базирано насилство, кој е прв од овој тип во регионот.

Татјана Кикерекова од  Министерството за правда истакна дека е значајно да се влијае врз факторите што ја генерираат оваа појава, како и на превенција. Незихтере Сулејмани од Министерството за образование истакна дека воведувањето на задолжително средно образование има веќе резултати во однос на намалувањето на оваа појава. Јасминка Ангелова од Министерството за внатрешни работи сподели статистички податоци во однос на членот 197 од Кривичниот законик за 2017 година (12 кривични дела против 17 сторители) и за 2018 година (18 кривични дела против 24 сторители), но апелираше и законодавниот дом да ги донесе законските измени, а тие како Министерство секако ќе осигурат нивно спроведување.

Во рамките на дискусијата, во која учествуваа пратеничките, пратеникот Самка Ибраимовски  и претставниците на министерствата, дадена е широка поддршка од сите политички партии за што поскоро менување на членот 197 од Кривичниот законик. Беше предложено наместо терминот „малолетнички бракови“, да се употребува терминот „детски бракови“ во согласност со меѓународните конвенции.

M.В