/ Прочитано:

2.189

„До кога господине Стамен?“ — „Додека сум жив!“

Протагонистот на оваа приказна ѝ е добро познат на македонската јавност: „уривач на закони“, „симбол на граѓанскиот активизам во Македонија“, „борец против глупави закони“… — новинарите често знаат да го наградат Стамен Филипов со епитети кои нашиот јунак гордо ги носи. Човекот што веќе две децении будно ја штити уставноста на нашата земја; на 25-ти мај го прослави својот 70-ти роденден. Интересна е коинциденцијата на неговиот изразит младешки ентузијазам со Денот на младоста во поранешна Југославија. Не е ни чудо што пензионираниот правник од АРМ со чин потполковник, ужива толкава слава и почит меѓу своите колеги, неговата статистика говори за над 1000 иницијативи поднесени пред Уставниот суд, од кои над триста бележат успех. Пред само неколку дена, ја одбележа и својата 13-та подготвителна седница на Уставниот суд, за која тој беше еден од иницијаторите: Филипов, во друштво на повеќе експерти, повторно го „напаѓаше“ Законот за лустрација.

Како вистинска боемска душа, македонскиот рекордер нè дочека на чорба во друштво на своите пријатели, меѓу кои и пензионирани судии. Опишувајќи се себеси, со радосен восклик вели:  „Стамен Филипов е ЅВЕР!“.

„Во Армијата сум од 1959-та година: бев старешина во ЈНА и на АРМ каде се здобив со чин потполковник. Во 1974 година вонредно се запишав на Правниот факултет во Битола. Дипломирав на 36 години. Во 1981 година дојдов на приправнички стаж во Скопје, со што почна и мојата кариера како правник. Адвокат или судија никогаш не сум бил, меѓутоа бев секретар на Воено-дисциплинскиот суд во Третата армиска област, од 1984 до 1991 година, до неговото расформирање“, ја почнува својата приказна Филипов.

Иако, како што вели, една негова успешна иницијатива е запишана и во седумдесетите, вистинската „борба“ пред Уставниот суд почнала 93-та година.

„Мојата прва иницијатива е поднесена седумдесетите години во Битола, кога сè уште не бев правник. Забележав дека граѓанските лица кои беа на служба во Армија немаат право на проширување на стан ако им се зголеми семејството, додека активните воени лица имаа право — таа ми е првата иницијатива и беше успешна. Во 1993 година, како правник, со најдобра намера сакав да му укажам неколку работи на нашето Министерство за одбрана, меѓутоа моите сугестии не беа прифатени. И така, почнав од Законот за одбрана, Член 46. Во тој член стоеше дека правата и должностите на Армијата се уредуваат со Правилник што го донесува министерот за одбрана. Сметав дека не може службените и другите должности во Армијата да се уредуваат со Правилник. На 6 мај 1993 година се одржа и првата подготвителна седница на која требаше да присуствуваат лица од Министерството, но тие не дојдоа и таа иницијатива ми е усвоена. Потоа беше донесен друг Правилник, но и тој го срушив бидејќи не беше во согласност со Уставот на РМ и законите. Никогаш не сум постапувал тенденциозно за некому да му наштетам, но кога не оди, едноставно, не оди. Потоа, се редеа иницијативите“, се потсетува пензионираниот правник.

Статистиката на Филипов говори дека досега се прифатени 305 негови иницијативи пред Уставниот суд; 566 се одбиени, а 40-50 моментно чекаат на одлучување.

„Не знам дали сум го срушил Гинисовиот рекорд во оваа категорија, но мислам дека во овој крај нема човек што  поднел над 1000 иницијативи пред Уставниот суд. По овие иницијативи укинати се 236  спорни законски одредби, 9 закони во целина, 64 подзаконски акти, од кои 32 се укинати во целост, а одржани се и 13 подготвителни седници. На 21 мај го ‚напаѓав‘ Законот за лустрација. Јас сум еден од иницијаторите, тој Закон според мене не може да постои во Македонија, не враќа само во минатото“, убеден е тој.

„Не може еден закон да се менува повеќе пати во една година“

Законите ги чита повеќе пати, сите нелогичности ги потцртува, врши анализа и потоа следи иницијативата. Не се сметасебеси за беспрекорен, меѓутоа горд е на резултатите. Освен оние иницијативи што се одбиени или неприфатени, 80 отсто се прифатени со мнозинство гласови, што му дава повод, како што вели,  да размислува дека нешто не е во ред.

Најкотроверзен закон за Филипов е токму Законот за лустрација, но не ги штеди ниту: Законот за работните односи, Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за јавни службеници. Според него неодржливо е закон да се менува неколку пати во годината.

„Не може еден закон во годината да се менува 3 или 4 пати. Не може Уставот да се менува често, 32 амандмана имаме од 91-ва година. Уставот треба да биде стабилен, да се менува барем на 10 години, а закон барем на 5 години: тоа е основно право. Како пример ќе ви ги посочам Законот за работните односи и Законот за пензиското и инвалидското осигурување, само погледнете колку измени имаат, нормално е што луѓето не можат да се снајдат. Законот за јавните службеници, за кој сега поднесов една иницијатива е катастрофа, не знам кој го пишувал. Разговарав со правници, ми велат ‚господине Стамен, вие не сте најпаметен и ние знаеме, ама министерот нареди и готово‘. Ако правник и докторот не се почитувани од органите на државата, тогаш не ни требаат. Јас се залагам да има динамика, ама не ваква: во една година повеќе измени. Kакво владеење на правото е тоа, каква стабилност, каква правна сигурност на граѓаните?! Еве јас, лично, ако не земам консолидиран текст од закон, јас не можам да се снајдам“, објаснува тој.

Упорноста, вели, ја наследил од својот татко, кој бил претседател на месна заедница. Неговиот прв командир на чета по една година го оценил како „вреден, ама тврдоглав човек“.

Кога Стамен Филипов порано влегувал во Уставниот суд го легитимирале, го гледале чудно, но сега на сите им е добропознат.

„Едно дете, бидејќи било многу оптоварено со моите иницијативи, ме гледаше малку чудно (се смее), но можам да кажам дека сите се коректни и со сите судии имам добра соработка“, вели Филипов.

Мечтае за Македонија како правна држава, чија примарна цел е  зачувување и обезбедување на правото.

„Со оглед на тоа што на стари години завршив факултет, а кога се подготвував за факултетот немав ниту адекватно образование, читав утописти. Сметав во тоа време дека ако ми дадат власт за 24 часа би ја средил Македонија или било која држава во тоа време. Меѓутоа и по извесно време сфатив дека и 540 години да ми дадат, не се средуваат така работите. Меѓутоа сметам дека Македонија може да се движи  подобро, барем во правна смисла“, посочува „рушачот на закони“.

За  да добиете слика за чувството по добиената „битка“ пред Уставниот суд, за да осетите барем малку од енергијата која го менува општеството во кое живееме и на која многу наши сограѓани можат само да подзавидат, се разбира дека треба да се обратите кај овој господин.

„Навистина големо чувство, како актерите или пејачите што се чвуствуваат на сцена. Од друга страна ако е некој задоволен од моите пријатели и тоа ми прави големо задоволство. Значи додека ме провоцираат законите, битка ќе има!“, потенцира потполковникот на АРМ.

„Инаку, актуелниот претседател на Уставниот суд, Бранко Наумовски ме праша: ‚До кога господине Стамен?‘ Му велам, додека сум жив!’“

Идеја за книга: „Мојата борба за уставност и законитост во РМ“

Во друштво на Стамен Филипов го начекавме и Фиданчо Стоев, пензиониран судија на Врховниот и Уставниот суд на РМ. Стоев е еден од судиите кој имал можност да се соочи со иницијативите на Филипов. Денес тие се  добри другари кои најчесто се среќаваат на по некое гезме или во пензионерското здружение „Солидарност“ – Аеродром, каде Филипов е претседател. Дебатите за уставноста на одредени закони не изостануваат ниту на овие средби.

„Како судија на Уставен суд, а две години бев и претседател, иницијативи многу слабо добивавме од правни и физички лица. Благодарение на Стамен Филипов тоа сега е стар проблем. Инаку сега се договараме,  да напишеме и книга која би можела да гласи „Мојата борба за уставност и законитост во РМ“. Во оваа книга  би биле прикажани сите негови иницијативи, успешни и неуспешни. Особено мене ме интересираат неуспешните. Во ситуација кога Уставниот суд не поведува постапка, суштината се гледа во аргументацијата, зошто не повел постапка. Со задоволство би работел на една ваква книга, со цел да ја збогатиме правната култура, па и правната теорија и практика на Македонија. Сметам дека правната мисла во Македонија е зачмаена, скоро и да не постои. Нова генерација доаѓа, која се разбира има други некои вредности, но јас би го поставил прашањето: Дали сегашната правничка генерација одговара на предизвиците на духот и потребите на времето? Сè се сведува на неколку правници од Правниот факултет, знаете ли колку правници има во Македонија, каде е нивниот глас?“ – вели пензионираниот судија Стоев.


Разговараше: Елена Павловска Објавено: 28.05.2013