/ Прочитано:

4.325

Доајенот на штипската адвокатура, Фиданчо Трајановски: Денес и мечките можат да бидат адвокати!

Не едуциран кадар и куп препишани нелогични закони, вака отприлика долгогодишниот штипски адвокат Фиданчо Трајановски го отсликува личното патешествие во штипските судници. Преку неговото животно и правничко искуство ги запознал заблудите на денешното општество, а вистинско доживување е неговата паралела на правниот систем денес и во времето на неговите први чекори. Освен одбрана на  најтешките кривични дела во околината на Штип, дел од неговата адвокатска ризница се илјадниците предмети од граѓанското право. Во неколкучасовниот разовор, штипскиот адвокат раскажувајќи го секојдневието, ја опфати речиси целата правна наука. 

„Во социјализмот правниците беа исклучителни јаки, не можеше секој да биде судија, ниту секој да биде адвокат. Секој правник и судија во Окружен суд имаше високо ниво на знаење. Не беше можно некој да претендира на таква функција ако нема знаење. Ако некој влезеше во тој суд, никој не му излегуваше во пресрет, во стилот – еве сега ќе те едуцираме, како сега што ги едуцираат судиите да станат судии за еден ден. За еден ден не се станува судија. По начинот на однесување, по знаењето, по начинот и стил на водење на претрес, тие можеа секогаш да влезат во Врховниот суд. Тоа е разликата, денес и во времето кога јас почнував со адвокатурата“, вели Трајановски. 

Правејќи споредба, пак, на законите некогаш и денес, смета дека народот ги губи правата, за разлика од пред неколку децении кога не само законот, туку, како што вели, и општеството претставувало заштита на граѓаните.

„Еве ќе ви кажам пример, односно која е разликата меѓу тогашниот Закон за здружен труд и денешниот Закон за работни односи. Со Законот за здружен труд  работниците ги добиваа сите спорови во тоа време, денес ги губат. Законите се исти, а луѓето ги губат правата, не можат да ги остварат. Тоа е така затоа што законот е препишан, само формалниот дел. Законот треба да даде одговор на многу прашања, кои права ги имаш: дали може или не може да си сменeт од работно место, дали треба да ти престане работниот однос, дали треба да се покрене дисциплинска постапка… Едноставно во тоа време работникот имаше приоритет, денес нема никаква шанса во борбата со работодавачите“, вели Трајановски. 

Како искусен адвокат будно ги следи популарните предмети од организиран криминал што се судат во Скопје. Смета дека мерката притвор се злоупотребува, а ако некој тврди дека другиот сторил кривично дело, тогаш мора да поседува докази за тоа, уште пред да почне истражната постапка.

Доколку македонското правосудство зависи  од нашиот соговорник, први „на удар“ ќе бидат бланкетните правни норми. 

„Се што е бланкетно право ќе го уредам. Еве, обвинителството тврди дека секоја граѓанска норма може да биде кривична норма. Според мене, не може така, мора да се знае опсегот, може да биде граѓанска бланкетна норма, и да стане прекршочна норма. Тоа е градација во правото. Кога може една граѓанска норма да биде прекршочна или кривична и до кое ниво. Затоа сум за бланкетното право да се уреди и да се наброи“, објаснува Трајановски.  

Од судниците, но и од животните лекции, Трајановски има еден поинаков поглед во однос на пресликувањето на западното право кај нас или популарно речено: носење нови закони во однос на македонските евроинтеграции. 

„Западното право знае да ги користи придaвките од римското право, а нашето не знае да гo користи и тоа што ќе го препише од западното право. Ние ги препишуваме западните закони, а колку се компатабилни, тоа на никој не му е грижа. Ние сме посебно општество, ние дишеме посебен воздух, не е ист воздухот во Словенија и тука, не е ист менталитетот на луѓето. Треба некој да истражува колку законските рамки се соодветни пред да се воведат“, посочува Трајановски. 

Адвокатот, дециден: Жената е столбот на македонското семејство

Освен денското возење со запалени светла во земја со преку 300 сончеви денови, адвокат Трајановски најде и други нелогичности кога се во прашање законите. Меѓу другото, може да се каже дека овој адвокат е еден од ретките кој потенцира дека жената, а не мажот е столбот на семејството. 

„Ќе ви кажам пример за Законот за семејно насилство. Па насилството постои во сите земји, во Италија е својствена љубомората на луѓето. Тие ќе се степаат поради љубомора, тепачка од љубомора не е семејно насилство, нив тоа им е стимул за водење љубов, тоа им е адреналин. Не може за 5 денови или 5 години да се смени психата или менталитетот. Еве во Австрија би се степале за материјален интерес, кај нас тоа е секогаш на последно место. Прво треба да се истражува зошто браковите пропаѓаат, колку сме едуцирани во поглед на тоа. Секој брак има фаза, па дури и во врската меѓу партнери. Имам над 1300 разводи, од мое животно и правно искуство, бракот се претвора во другарство. Брачните другари, стануваат блиски луѓе, се губи страста, врската станува конвеционална. Кај нас во суштина жените се столбот на бракот. Жените ги командуваат мажите кај нас, тешка заблуда е кај нас дека мажот е столбот. Таа го врти семејството, само жената може да придонесе да живееш евтино, а во Македонија по статистика сме сиромашни. Жената може да обезбеди семејството да преживее. Тоа е вистината“, заклучува Трајановски. 

Во однос на новите генерации, „стариот лисец“ во штипската адвокатура им порачува на младите да ги зголемат апетитите за знаење, а ги потсетува дека патот до успешна кариера е трнлив, по кој се оди бавно. Адвокатот Донче Наков го посочува како еден од неговите ученици кој денес се вбројува меѓу најдобрите кривичари во земјава. 

„Сега постои правило: и мечките можат да бидат адвокати! Tоа е правило – сега да доjдe студент кај мене во канцеларија, без разлика што има познавање од Интернет, нема да знае молба да напише, треба да му ја диктирам, тоа не е добро. Има голема разлика меѓу знаењето на правниците денес и она на правниците од наше време. Ние полагавме кривично право кај Фрањо Бачиќ, тогаш да положиш беше незамисливо, сѐ требаше да се знае. Сега не ни знаат римско право, а тоа е основата на целото граѓанско право. Младите ако сакаат знаење, треба да учат. Само десет денови можеме да зборуваме за мелодија на говор, уште десет денови за акцентирање, за завршен збор од каде треба да почнеш, каде да потенцираш, дали треба да кажуваш приказни, дали треба да дозволиш некој таму да се проѕева, да покажува дека му е досадно…. За да се стане успешен адвокат треба многу труд и огромна желба. Можам да се пофалам: сите што ја поминале мојата школа, денес се успешни адвокати!“, вели Трајановски.


Објавено: 10.09.2013

Разговараше: Паула Божиновски