/ Прочитано:

1.299

„ДОБРО УТРО СТУДЕНТИ, БУДНИ ЛИ СТЕ?“ – Излегувањето на улица не е решение, смета студентскиот лидер

„Добро утро студенти, будни ли сте?“, „СПУКМ остани на Водно“, „Уште оваа година на Водно, од другата година екстерно!“…  се вели на таблите кои Студентската иницијатива „Студентски пленум“ ги постави на на патот кон средно Водно пред два дена. Целта, како што велат, е потсетување на Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (СПУКМ) дека треба да заземе проактивен став на темата државен испит кој го најави министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми. Став ќе заземеме кога ќе видиме официјален предлог, вели за АКАДЕМИК, претседателот на СПУКМ, Кирил Спировски.

Поводот за оваа акција, информираат од Иницијативата, е студентско планинарење на Водно организирано од страна на СПУКМ, кое е задолжително за студентите од прва година од УКИМ.

„Сметаме дека СПУКМ треба да почне посериозно да ги претставува интересите на студентите на најголемиот државен универзитет во Македонија, наместо само да организира студентски забави и манифестации кои немаат за цел подобрување на положбата на студентите во Македонија“, потенцираат од „Студентски пленум“.

Од Иницијативата порачуваат дека е поразително е што СПУКМ досега не застана на страна на студентите.  „Сметаме дека е поразително што официјалната студентска организација, која се финансира директно од финансиските средства на студентите кои студираат на факултетите при УКИМ преку ставката ИКСА, досега не застана на страна на студентите кои бараат да не се воведе екстерен испит кој само дополнително ќе ги оптовари студентите и ќе ги спречи оние кои нема да прикажат позитивни резултати да го продолжат своето студирање. Според член 349 и член 350 од  Статутот на УКИМ, Студентскиот парламент при УКИМ е официјалното тело кое треба да ги претставува студентите пред органите на Универзитетот, факултетот и јавноста. До сега, СПУКМ како организација нема излезено со никаков став во јавноста на темата државен испит-мерка која нема да донесе никаков квалитет во високото образование и само ќе го попречи образовниот процес на многу млади луѓе во Македонија. Важно да се напомене е дека Студентскиот Пленум не го признава СПУКМ како легитимен претставник на студентите“, се велу во соопштението. 

Овие активности, како што посочуваат, се најава за понатамошното дејствување, чија главна цел е спречување на воведување на државен испит во високото образование.

„Студентскиот Пленум е автентична студентска иницијатива која има за цел да ги обедини студентите во Македонија во одбрана на нивните права. Студентскиот Пленум е составен од студенти кои активно се вложуваат во борбата за студентските права. Во него можат да учествуваат сите студенти кои сакаат да бидат дел од заедничката борба, но притоа секој е должен да пристапи како индивидуалец без никакви партиски влијанија“, нагласуваат од Студентскиот Пленум.

Спировски: Излегувањето на улица не е решение

Претседателот на СПУКМ, Кирил Спировски, за АКАДЕМИК вели дека засега остануваат воздржани, односно дека нема да заземат став, се’ додека не го видат официјалниот предлог на Министeрството за образование. Истовремено, тој истакнува дека тие побaрале целосно вклучување на студентите во процесот на евентуалното спроведување на било каква реформа.  Спироски не ги коментира слоганите кои осамнаа на Водно, но се сомнева во политички мотиви од страна на некои членови на „Студентски Пленум“.

„Не сме против начинот на кои студентите сакаат да го изразат своето мислење, но сметаме дека излегувањето на улица во моментов не е решение и треба да е последно нешто. Додека не видиме официјален предлог на предлагачот – Министерството за образование, не можеме да се изјасниме бидејќи крајниот исход може да биде и надворешна евалуација на програмите или нешто друго. Значи, се’ уште не знаеме за каква надворешна проверка би станало збор, всушност и самиот премиер изјави дека  решението не е конечно и дека за моделот ќе се разговара. Ние побаравме целосно вклучување на студентите во овие дебати и разговори“ , вели Спировски.

АДЕМИ: Нема да се загрози автономијата на универзитетите, ќе се создаде квалитетен кадар

Предлогот на МОН за измена на Законот за високо образование предвидува студентите на сите државни и приватни универзитети во земјава  да полагаат државен испит на крајот на втората и четвртата година од студиите.

Според министерот Абдилаќим Адеми, иницијативата за надворешно тестирање на студентите е базирана на искуства и доколку се реализира во никој случај не би ја загрозила автономијата на универзитетите, туку ќе биде во полза на сите.

„Нашиот високообразовен систем е квалитетен, но сепак е потребно да се надградува и да биде во чекор со светските образовни трендови. Еднаш поставените стандарди не значи дека не треба да се менуваат. Ваква реформа одамна се спроведува во повеќе земји во светот кои водат сметка за квалитетот на високото образование“ , истакна тој на трибина во организација на НВО „Европски центар СН 7“.

Со оваа реформа, смета Адеми, ќе се создаде квалитетен кадар што ќе биде конкурентен на пазарот.

„Немаме намера да казнуваме или да наградуваме некого. Намерата е да стекнат знаење, а не диплома што нема да може да се искористи при барање работа. Со оваа реформа сакаме да се создаде квалитетен кадар што ќе биде конкурентен на пазарот на трудот. Целта е да се добие унифициран систем на студирање како на државните, така и на приватните факултети“,  изјави министерот.

Спротивно на Адеми, од Младинскиот образовен форум посочуваат дека аргументите се на страната на тоа – дека ќе автономијата на Универзитетот ќе биде загрозена. Тие истовремено посочуваат дека  веќе постои законски изграден систем за проверка на квалитетот преку Одборот за акредитација и евалуација, но не функционира.

Универзитетот да заземе став

Студентите веќе неколку пати во незначителен број се собраа и се изјаснија дека се против екстерното тестирање.

„Сакаме да извршиме притисок на Ректоратот и Сенатот да излезат со став и да ги одбранат студентските права и автономијата на Универзитетот“, нагласија тие на последниот собир кој се држа в петокот пред Ректоратот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“.

На нивните прозивки, одговори ректорот Велимир Стојковски, кој потенцираше дека веднаш по добивањето на официјален писмен предлог од надлежното министерство, Универзитетот ќе излезе со конкретен став за ова прашање.

„Ректоратот нема да излезе со став за екстерното тестирање бидејќи од Министерството за образование не добил никаков конкретен предлог на писмено и не знае што точно планира Министерството за образование да воведува, дали државен испит за студентите, дали надворешна евалуација на програмите или нешто друго“, истакна Стојковски.


Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 6.11.2014