/ Прочитано:

1.419

Доктор на правни науки продава ракија за да преживее

Петок, 30 мај 2014 – Во 2012 г. докторирал на Правно-историскиот факултет „Неофит Рилски“ во Бугарија и се стекнал со титулата доктор по правни науки. Со новостекнатата титула Пецов се надевал дека конечно ќе му се отворат вратите на професионалниот развој, пренесува „Нова Македонија“.

Но, и по 24 месеци интензивно барање работа, тој сѐ уште е на листата на Агенцијата за вработување. Разочаран од немањето работа во родното место, каде што живеел со родителите, пред една недела Пецов се преселил во универзитетскиот Штип, со надеж дека овде нештата ќе тргнат на подобро.

Во меѓувреме излез од тешката финансиска состојба нашол во продажба на ракија, преку огласи поставени на неколку локации во градот.

„Можеби некому ќе му звучи смешно и интересно, но тоа е вистината, доктор на правни науки продава ракија. Се одлучив на ова зашто не ми личи да живеам од пензијата на татко ми“, вели невработениот доктор на науки Орце Пецов.

Орце се одлучил да продава ракија откако не нашол работа ни како доктор по право ни како обичен правник. Затоа сега знаењето стекнато со многу труд и откажување го нуди за евтини пари.

„Нудам и часови за студенти, правна помош за граѓани при обраќање до локалната самоуправа, јавните претпријатија, нудам консултации со луѓе на кои правните работи не им се многу познати. Огласот го поставив пред пет-шест дена и досега никој ми се нема јавено, па како ќе биде во иднина не знам, но мора на нешто човек да мисли за да преживее“, вели загрижено Пецов.

Пецов е еден од 20-те невработени доктори на науки во државата, кои не добиле шанса да го покажат своето знаење. Друштво во Агенцијата за вработување на Македонија им прават и 836 магистри.