/ Прочитано:

2.003

Доц. д-р Мишо Докмановиќ, научник на годината: Работата со студентите ме исполнува, а мојата сопруга е главниот столб на мојот успех

Овогодишен добитник на наградата „Научник на годината“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, претставник на младата генерација научници на Правниот факултет „Јустинијан Први“, историчар на правото и интелектуалец кој секогаш е расположен за креативен разговор и корисен дијалог, но првенствено млад човек кој не ја крие почитта и емоциите кон своите професори и студентите кои му се професионален мотив – Д-р Мишо Докмановиќ за Академик раскажува за големата љубов кон науката, но и за љубовта на неговиот живот, неговата сопруга Сања, за која вели дека е главниот столб на неговиот успех.

Професоре Докмановиќ, оваа година добитник сте на престижната универзитетска награда – научник на годината. Несомнено, тоа е исклучителна потврда за вашиот научен труд, ентузијазам и придонес во правната наука. Би ни го откриле ли научниот историјат на тој ваш значаен влог во правната наука кој резултираше со високото признание?

Доделувањето на овогодинешната награда „Научник на годината“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ претставува значајно признанија за мојата научноистражувачка дејност. Во последните десетина години имав можност да учествувам на конференции, студиски престои во областа на правото, историјата и меѓународните односи во повеќе од 45 земји во светот. Автор сум на 50-тина трудови објавени во домашни и меѓународни списанија.

Поконкретно, во текот на минатата 2013 година учествував на повеќе меѓународни научни конференции (Анкара, Ливерпул, Виена, Братислава и др.), објавив неколку трудови и во списанија со импакт фактор и бев предавач на Академијата за подготовка на глобални лидери во Аман, Јордан. Со оглед дека наградата се доделува за тековната година, претпоставувам дека овие резултати беа клучни за доделувањето на наградата на универзитетот. Задоволството од оваа награда е уште поголемо поради фактот дека сум најмлад добитник на наградата досега.

Би сакал да нагласам дека наградата го урива и присутниот стереотип дека во општествените науки не можат да се постигнат видливи и мерливи резултати на меѓународен план.

Вие сте претставник на младата генерација научници и доценти на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и ја проучувате историјата на правото низ сите негови политичко-социолошки искуства. Филозофот Хегел вели дека античкото историско искуство е вечната младост на човековите мисли. Што значат историските правни вредности за развојот на современата правна мисла, особено во Македонија?

Секој период во историјата на правото има соодветно значење во развојот на правните институти и концепти. За разлика од Хегел, инспирацијата или „вечната младост“ почесто ја наоѓам во периодот на либерализмот односно периодот од крајот на XVIII век. Недвосмислено современата правна мисла се темели на идеите и концептите на либерализмот. Тоа е периодот кога настанува рамката на правото која ја познаваме денес.

Предизвиците за современото право во Македонија се комплексни. Се чини дека во оваа масовна пролиферација на закони и прописи од различни причини понекогаш забораваме на целината на правниот поредок, но и на веќе воспоставените правни вредности низ историјата.

 Моите студенти секогаш ги учам дека треба да учат од историјата, а не од сопствените грешки, но и дека не треба да живеат во минатото, туку да гледаат во иднината. Не смееме да заборавиме дека правото како и времето не започнува и не завршува со нашата генерација.

Предавате историја на правото и иницијатор сте на воведување на предметот Балканот и американската дипломатија. Во таа насока, според вашите обемни истражувања, каква е улогата на американската дипломатија во креирањето на современата балканска геополитичка слика?

Воведувањето на овој опционен предмет на Правниот факултет „Јустинијан Први“ произлезе од еден подолг студиски престој во САД на Универзитетот во Флорида. Сметав дека за студентите кои специјализираат во областите на меѓународното право како и дипломатијата и меѓународните односи е особено значајно да добијат дополнителни знаења за улогата на американската дипломатија на Балканот во историски контекст. Со воведувањето на предметот во 2010 година, Правниот факултет стана еден од ретките факултети во регионот кој нуди специјализиран курс во оваа област.

Оттогаш преку 70 студенти го избраа овој предмет. Освен тоа, за мене уште позначаен е податокот дека над 15 студенти во изминатите 4 години се решија да пишуваат магистерски тези токму од оваа област. Тоа недвосмислено демонстрира дека постои голем интерес кај студентите за овие прашања.

Што се однесува до улогата на САД во современата политичка слика на регионот, неподелена е оценката дека XX век претставуваше век на САД. Истовремено, XX век беше век на голем број на конфликти на Балканот, крај на империи, почеток на нови држави, нови успешни и пропаднати експерименти, процес кој на многумина им се чини дека сеуште трае. Постои погрешна теза во јавниот дискурс дека интересот на САД за регионот започнува по Втората светска војна. САД се присутни во регионот во текот на целиот XX век, се разбира со различен фокус и приоритети.

Знаете, во САД честопати велат дека американската надворешна политика е како рефлектор – во еден момент се наоѓате во фокусот и во следниот –не. Дисолуцијата на Југославија со сите последици беше најголемото ангажирање на САД во регионот во текот на XX век. Сепак, евидентно е дека регионот веќе неколку години не се наоѓа во светлото на „американскиот рефлектор“.

Оваа недела заминувате како визитинг професор во САД на реномираниот Универзитет во Мичиген. Кој ќе биде фокусот на вашите предавања и истражувања таму?

Генерално, мојот престој на еден од водечките универзитети во САД има две задачи: привршување на книгата на која работам веќе неколку години поврзана со американската надворешна политика како и одржување на неколку предавања поврзани со оваа проблематика, а особено во контекст на состојбата во регионот, актуелните трендови и билатералните односи на Македонија со САД. Тоа ќе претставува одлична можност за запознавање со предизвиците со кои се соочуваме, но и за воспоставување на нови контакти меѓу двата универзитети.

Кои се вашите идни научни предизвици, подготвувате ли некој нов труд?

Се надевам дека книгата на која работам ќе биде завршена до крајот на оваа година. Веќе неколку години сум навлезен во една „безмилосна машинерија“ на меѓународни конференции понекогаш и 5-6 годишно која исцрпува. Истражувањето и подготовката на трудовите, рецензирањето и самото објавување знае да биде макотрпен процес кој одзема доста време и енергија. Од тие причини, завршувањето на книгата ми е главен приоритет до крајот на годината.

Амбициозно дипломиравте како студент на генерацијата, а денес се наоѓате на другата страна на катедрата. Од педагошки аспект, што е најважно за да се оствари сонот на еден млад правник, без разлика дали неговата цел е да стане научник, дел од правосудната и управната сфера или приватниот сектор?

Честопати посакувам да се вратам назад во студентските клупи. Моите студии претставуваа период на осознавање и инспирација, први дискусии и почеток на патувања, но и период на одлука – со што да се занимавам кога ќе завршам. Мислам дека одлуката дека сакам да се занимавам со наука беше донесена во првите години на студиите.

Имав прилика и би рекол среќа да бидам примен како асистент на факултетот. Тоа во голема мера се должи и на поддршката која ја добив од моите драги професори проф. д-р Владо Поповски и проф. д-р Билјана Поповска.

Се чувствувам исклучително реализиран на професионален план. Работата со студентите ме исполнува и секогаш претставува мотив да се прочита повеќе, да се напише подобро. Се трудам секогаш да ги слушам студентите, нивните гледишта и ставови, но и да оценувам правично и строго. Во текот на моето образование јас не добив ништо од професорите кои не беа строги со мене. Истовремено, изненадувачки се чувствувам дека уште сум на почетокот и дека има уште многу работа за остварување на замислата на професионален план.

 Не мислам дека треба да постои строга граница помеѓу науката и професијата. Науката е во функција на професијата и јас тоа така го доживувам.

 Да ми го поставевте ова прашање пред неколку години сигурно тука ќе завршеше мојот одговор. Денес ќе додадам дека за да се оствари вашиот сон морате да имате силна поддршка на семејството. Мојата сопруга Сања е главниот столб на мојот професионален успех и за тоа многу ѝ благодарам. Честопати знам да кажам дека таа е „мојот прв рецензент“.


Разговараше: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk

Објавено: 28. о3.2014