/ Прочитано:

1.281

Драматично предупредување на српскиот премиер: Moжна побуна во најобезбедениот затвор во Србија

Вторник, 2 октомври 2012 – Ситуацијата во Забелa се искомплицира, од специјално обезбедените ќелии осудените за убиство на премиерот Зоран Ѓинѓиќ – Милорад Улемек Легија, Душко Маричиќ Гумар и Звездан Јовановиќ – од изутрина се префрлени во Белград во Окружниот затвор каде што денес треба да почне судењето за побуната на Единиците за специјални операции  (ЕСО) од ноември 2001 година.

„Забела“

Степенот на побуната во познатиот српски затвор Забелa во близина на Пожаревац е подигнат на највисоко ниво, премиерот на Србија и министерот за внатрешни работи, вчера (1 октомври), изјавија дека постојат податоци за планирана побуна во затворот. Ивица Дачиќ, мотивите за евентуалната побуна ги поврзува со почетокот на судењето на припадниците на Единиците за специјални операции (ЕСО).

– Има некакви информации, но ова не е првпат. Од претпазливост го дигнавме степенот на безбедност и полицијата се наоѓа во кругот на затворот заедно со регуларното обезбедување – изјави Дачиќ за белградските новинари.

Премиерот нагласи дека „нема некои посебни случувања во Забелa, но превентивно е подигнато нивото на будност и безбедност кога се во прашање полициските сили. Потврди дека е можно информациите да се поврзани со судењето на припадниците на ЕСО, но додаде дека „такви информации често се појавуваат“.

„Наша должност е редовно да ја следиме ситуацијата во координација со безбедносните служби и Управата за извршување на затворски санкции, имаме увид во се што се случува“, рече Дачиќ.

Преместувањето на Легија предизвикува бура во српските безбедносни сили

Секое преместување на Легија и неговите соработници, предизвикува бура во српските безбедносни сили, а драматичното предупредување на премиерот, се вклопува со преместувањето на Улемек, Гумар и Јовановиќ во Окружниот затвор во Устаничката улица.

Милорад Улемек Легија

Конвојот во кој беа двајцата поранешни команданти и полковникот на припадниците на ЕСО од Забелa каде што тројцата издржуваат казна, до Белград беа обезбедени од припадниците на полицијата. Покрај нив тројца, за вооружена побуна обвинети се и Веселин Лечиќ, Мичо Петраковиќ, Драгослав Крсмановиќ, Драгиша Радиќ и Владимир Потиќ. Улемек и Јовановиќ издржуваат максимална казна за убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ од 12 март 2003 година, додека Маричиќ е правосилно осуден за убиство на Ивана Стамболиќ и четворица функционери на СПО на Ибарската магистрала и обид за убиство на лидерот на таа партија, Вук Драшковиќ.

Останатите петторица се уапсени во септември 2011 година и од тогаш се во притвор. Во моментот на апсењето, Лечиќ работеше во Безбедносно-информативната агенција (Српската тајна служба), Петраковиќ во полиција, Потиќ во Противтерористичка единица, а Крсмановиќ и Радиќ беа пензионери.

Потсетуваме, побуната на ЕСО се смета за увертира во атентатот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ, што се случи година дена подоцна. На клупата за обвинети ќе седнат Милорад Улемек, Звездан Јовановиќ, Душан Маричиќ, Веселин Лечиќ, Мичо Петраковиќ, Драгослав Крсмановиќ, Драгиша Радиќ и Владимир Потиќ, кои што би требале да почнат со излагањето на својата одбрана пред судот.

На обвинетите им се става на товар кривичното дело вооружена побуна според тогашниот важечки Кривичен закон на СРЈ.  Во обвинението се наведува дека од 9 до 17 ноември 2001 година ЕСО ја откажала послушноста на командата, ги повлекла своите припадници во центарот на Кула, прекинала комуникација со командата и во повеќе наврати ги одбила наредбите на началникот на ресорот, министерот за внатрешни работи и премиерот Зоран Ѓинѓиќ, да прекинат со побуната. Истовремено, оперативниот дел на Единицата за борбени возила и вооружени лица, во два наврати го блокирала автопатот.

Првпат тоа се случи на 10 ноември на автопатот Нови Сад – Суботица во близина на Врбас, а вториот пат на 12 ноември со блокадата на автопатот од Белград кон центарот на Сава. На тој начин, како што е наведено во обвинението, многу јасно е искажана спремноста на Единиците за примена на сила доколку не се прифатат нивните ултимативни барања за смена на тогашниот министер за внатрепни работи Душан Михајловиќ, началникот на ресорот за Државна безбедност, Горан Петровиќ и неговиот заменик Зоран Мијатовиќ. 

Белградскиoт „Лист прес“ пишува дека во ноќта помеѓу недела и понеделник била ангажирана уште една против терористичка единица за да ја спречи евентуалната побуна на затворениците. Според информациите на српскиот таблоид „Курир“, Легија им пратил сигнал на затворениците во делот на затворот познат како „Алкатраз“ да тргнат во акција кога тој ќе биде префрлен во Белград. Неговиот план бил во Забела да избувнат немири па заради тоа, тој да мора да биде задржан во затворот на Специјалниот суд во Белград.

Потсетуваме дека од затворот од Белград пред неколку месеци за малку ќе избегаа Жељко Миловановиќ и Сречко Калиниќ, пишува „Курир“.

Александар Апостоловски, Белград