/ Прочитано:

1.542

„Двeте децении постоење на нашата адвокатска канцеларија се поттик за нова европска перспектива“, Сотир и Александар Карали, адвокати од Охрид

Охрид, градот на традициите и автентичниот културен дух, годинавa во својот мозаик на адвокатска традиција врежа јубилеј со временска определба од 20 години, време кое означува почеток од постоењето на охридската адвокатска канцеларија „Карали“. Несомнено, тоа за развојот на правната култура и охридската адвокатура е факт кој ја надополнува убавата слика за овој град, но и ја продолжува традицијата на втемелувањето на македонската адвокатура, чиј основач е Петре Пирузе – Мајски, кој потекнува Охрид. Традицијата мотивира и за приближување кон европските перспективи, велат нашите соговорници адвокатот Сотир, кој е основач на канцеларијата, и неговиот син Александар, за кого нема дилеми дали би им посоветувал на своите поколенија да ја продолжат, како што вели, оваа благородна професија.

За основачот на адвокатската канцеларија Карали, Сотир Карали, несомнено е дека  традицијата за Охрид е како еден своевиден заштитен знак, а 20-годишниот јубилеј на канцеларијата – нејзино дополнување.

адвокат Сотир Карали

„Во Охрид традицијата е присутна во сите области на делување. Адвокатурата во Охрид има своја традиција и таа има посебно значење во нејзиниот развој. Особено што најчесто таа се предава од татко на син и на внук, како некоја семјена традиција и со тоа се задржува професијата во семјеството и така опстојува. Од тој апсект, не треба да се заборави дека од тука потекнува и втемелувачот на македонската адвокатура Петре Пирузе и не можеме да го одминеме големиот борец за човекови права и слобода, чиј споменик денес има почесно место пред Основниот Суд во Охрид. Тоа секојдневно не потсетува на вечната борба за права и слободи на секој поединец, за што ние како адвокати постоиме, вели адвокатот Сотир Карали.

Тој ни раскажува дека во чекор со развојот на државата, паралелно зачекорила и адвокатурата и поминувла низ премрежјата кои се преплетуваат на патот кон развојот.

Со распадот на големите компании се наметна потреба и од адвокатите кои се бореа да ги оставрат правата на работниците

„Охридската адвокатура стана актуелна негде почетокот на 90 тите години“, вели Сотир, кој се навраќа и на економската состојба и кондиција на самиот град, од што посредно зависи и функционирањето на секоја професија, меѓу кои и адвокатската, особено ако се земе во предвид дека транзицијата „ослободила“ голем број правници на пазарот како бивши вработени во некои компании и индустриски капацитети, кои започнале свои приватни иницијативи.

„За време на Југославија Охрид беше индустриски град. Со распадот на поранешната држава, неминовно започна и намалување на обемот на работа на големите индустриски капацитети како што беше ЕМО , Отекс , Застава и други. Во овие компании работеа поголем број на правниците кои малку по малку започнаа да отвораат свои адвокатски канцеларии и да се занимаваат со адвокатура. Во тој период, имаше доста голем број на работни спорови кои се водеа против големите компании и со тоа се наметна потребата и од адвокатите кои се бореа да ги оставрат правата на работниците“, сведочи Сотир Карали за децениските премрежија на адвокатурата, потенцирајќи дека од минатото се извлекуваат поуки но дека перспективата на адвокатурата треба да се бара во  европските рамки.

Адвокатурата е љубов кон професијата чија иднина треба да има европски рамки

„Со приближување кон европските стандарди на правниот систем, перспективно адвокатурата се отвора кон европските рамки и започнува нова ера во делокругот на своето работење.Тука се пред се арбитражата и постапувањето пред Европскиот Суд за човекови права“, смета Сотир Карали, основач на адвокатската канцеларија „Карали“.

адвокат Александар Карали

Неговиот син, адвокатот Александар Карали, пак, сведочи дека неговиот татко низ целото свое децениско работење имал голема љубов кон професијата што го мотивирала и него иднината да ја гледа низ адокатската професионална призма.

„Влијание да се определам за адвокатската професија врз мене имаше мојот татко , но тоа не беше директно влијание , во смисла на наговарање или слично, туку едноставно гледајќи го него и разговарајќи со него за она што тој го работи, кај мене се создаваше интерес и љубов кон таа професија и на крај тоа резултираше со конечен избор на адвокатурата за мој животен повик“, вели адвокатот Александар Карали.

Тој укажува дека адвокатурата е благородна професија, и на драго срце би ги советувал своите деца да ја продолжат  таа традиција, но потенцира дека не би сакал тоа да го сторат само заради да ја остварат неговата желба туку едноставно „да продолжат да го носат факелот традицијата само ако тоа за нив претставува личен избор“.

Адвокатска канцеларија со 20 годни традиција

Александар не запознава со почетоците на канцеларијата и патем, компаративно, ни открива кои се состојбите на современата адвокатура, посебно на охридската.

„Канцеларијата мојот татко ја основа во 1994 година и на 1 јули оваа година прославуваме 20 годишен јубилеј, на успешно постоење и работење. Работењето во помала средина го определува и делокругот на работа на канцеларијата. Ова во смисла што кај нас е тешко адвокатот да се специјализира само за конкретна област како што е во поголемите градови и држави. Но, со тек на време работите се придвижуват кон напред и од далеку се најавува некоја специјализација по конкретни области. Нашата канцеларија најмногу работи на граѓанската материја, работните односи и трговското право“, вели адвокатот, кој додава дека лично него најмногу го привлекуваат предмети од интелектуалната сосптвеност.

Покрај адвокатската, семејството негува и музичка традиција

„Лично мене најмногу ме привлекуваат предмети од интелектуалната сосптвеност, посебно авторското право, бидејки сметам дека се неистражена област која ме предизвикува , а веројатно е дека со напредокот на ИТ -технологијата  ќе бидат актуелни и позастапени во иднина“, посочува Карали.

Низ разговорот, адвокатот ни открива дека покрај адвокатурата, тој е голем вљубеник и во музиката, која пак исто така била традиција во нивното семејство.

„Покрај адвокатурата како еден вид најважна споредна работа на светот за мене е музиката, која исто така традиционално се негува во Охрид, а посебно и во мојата поширока фамилија, спорните ситуации во текот на работниот ден најдобро се ресетираат со музика која секогаш е неспорна“, вели тој, кој нагласува дека музиката е поврзана со оптимизмот и позитивното размислување, кое исто така треба да се одлика на адвокатот, затоа што, како што вели, се одлика на животот.

„Оптимизмот и позитивното размислување, се главни ликови во претставата наречена живот. Сметам дека позитивниот став кон работите и непосредните односи со луѓето се важни и за адвокатката професија. Доколку не постои оптимизам при започнување на секој предмет тешко е дека може адвокатот да се согласи да работи на тој предмет Во денешно време адвокатурата како професија подолго време како да ја губи битката за свое месето во општествто. Но, со силен оптимизам и желба убеден сум и верувам дека ќе успееме да го најдеме нејзиното вистинско место на општествените скалила и да ја истакнеме нејзината вистинска вредност за граѓанинот“, уверен е адвокатот кој некриејќи ги своите позитивни емоции се навраќа и кон некои анегдоти во досегашната работа, но одделува една, која му оставила најголем впечаток, а која ја открива на наше барање.

Интересни случки низ децениското работење

„Во текот на овие 20 години се случиле многу згоди и незгоди , но најзбунувачка за мене беше ситуацијата кога во мојата канцеларија пристапија дечко и девојка студенти на Факултетот за информатички технологии во Охрид. Дечкото бил од Гана, а девојката од Нигерија и се пожалија дека во нивните земји им било забрането да заклучат брак , најверојатно од страна на нивните родители, па побараа од мене да ги венчам. Во досегашното работење кај мене се обраќале странки за развод на брак , ова беше прв пат некој да побара правна помош за венчавање“, насмеано ни опишува адвокатот, според кого покрај позитивните црти немоновни се други особини кои треба да бидат интегритет на личноста на еден адвокат.

Професионалните принципи – клуч за успехот

„Работливост, искреност, чесност и посветеност е мото кое ја движи секоја професија, адвокатура поставена на вакви вредности може да очекува успех и долг век на траење“, акцентира Александар Карали, со што воедно потенцира на кои принципи всушност работела  адвокатска канцеларија „Карали“ што и донела и 20 годишен јубилеј, кој може да се продолжи надалеку, како што вели, само ако тие принципи искрено се почитуваат.


Разговараше: Милчо Велјаноски Објавено: 05. 07. 2014