/ Прочитано:

875

Дводневен семинар на тема „Транспарентноста во функција на превенција на корупцијата во правосудството“

Четврток 21 февруари 2013 – Во насока на поефикасно спроведување на превентивните мерки предвидени во правната рамка за борба против корупцијата во правосудството, денеска и утре во Скопје ќе се одржи семинар на тема „Транспарентноста во функција на превенција на корупцијата во правосудството“.

Семинарот, на кој ќе учествуваат судии и јавни обвинители од сите инстанци и апелациoни подрачја, како и претставници на релевантни институции, е во организација на Академијата за судии и јавни обвинители во соработка и со финансиска поддршка на Амбасадата на Обединетото Кралство во Република Македонија. Воведно обраќања на семинарот ќе имаат директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија Кристофер Ивон и претседателката на Судскиот совет на Македонија Александра Зафироска. Работниот дел на семинарот ќе започне со излагањето на Марин Мрчела, судија на Врховен суд на Република Хрватска, член на Државниот Судски Совет на Република Хрватска и претседател на ГРЕКО Комитетот при Совет на Европа, кој ќе говори за превенција и спречување на корупцијата во однос на судиите и јавните обвинители согласно стандардите и искуствата на ГРЕКО Комитетот, при што во текот на двата дена ќе презентира и актуелни случаи од судската пракса на Република Хрватска во врска со делата поврзани со корупцијата и улогата на медиумите. За улогата на Судскиот совет на Република Макдонија и постојните законски и организациски мерки кои ги презема во насока на зголемување на транспарентноста на судството, како превенција на можна корупција на судиите, излагање ќе има претседателката на Судскиот совет Александра Зафироска, додека презентација на референтните меѓународни документи за превенција на корупцијата во судството и независно судство со краток осврт на коментарот на Бангалорските принципи ќе има директорката на Академијата, Анета Арнаудовска.