/ Прочитано:

1.842

ДЗЛП отпочнува постапка за вонреден инспекциски надзор во врска со случајот со објавените лични податоци на актуелни и поранешни студенти

Дирекцијата за заштита на личните податоци информира дека добила барања од Машинскиот факултет, како и од повеќе физички лица кои се сомневаат дека нивните лични податоци се злоупотребени, да се изврши инспекциски надзор за утврдување на повреда на правото за заштита на личните податоци.

akademik foto

Во согласност со Законот за заштита на личните податоци,  посочуваат од Дирекцијата, отпочната e постапка за вршење вонреден инспекциски надзор и по завршување на надзорот јавноста ќе биде дополнително информирана за наодите од него.

Според Законот за заштита на личните податоци, вонредниот инспекциски надзор се врши врз основа на иницијатива поднесена од орган на државна власт, правно или физичко лице, како и во случај на сомневање на инспекторот за повреди на одредбите на овој закон.

Вонредниот инспекциски  надзор се врши и во случаите по поднесено барање во согласност со одредбите од членот 18 на овој закон, во кој се пропишува дека физичко лице или здружение на граѓани во кое членува физичкото лице, ако смета дека му е повредено некое право загарантирано со овој закон од страна на контролор или обработувач, може да поднесе барање за утврдување на повреда на правото до Дирекцијата.

Во однос на отпочнатата постапка, Дирекцијата за заштита на личните податоци им препорачува на граѓаните (ДЗЛП) да ги променат лозинките, често да ги менуваат, да обезбедат дополнителна заштита и доколку забележат дека има злоупотреби, да пријават во ДЗЛП.

„Граѓаните веднаш да ја променат лозинката што ја користат на личните и професионалните и­мејлови, на друштвените мрежи, на Скајп и на други сервиси. ­ Опасноста е дека луѓето кои имаат пристап до базата можат да се обидат со истите лозинки да се најават користејќи го личниот и­мејл кој е присутен во базата“, истакнуваат  од ДЗЛП.

Воедно од ДЗЛП препорачуваат  граѓаните да користат добри лозинки и често да ги менуваат. ­ Добрите лозинки, образложуваат од оваа институција, се состојат од комбинација на мали и големи букви, броеви и специфични симболи кои е тешко да се пробијат.

„По промена на лозинката, граѓаните треба да преземат дополнителни чекори за да се осигурат дека нема да бидат жртва на дополнителни злоупотреби. ­ Треба да одберат да користат и СМС-кодови за верификација, а не датумот на раѓање, кој доста платформи го користат во процесот за ресетирање на лозинки“, посочуваат од ДЗЛП. „Доколку сметаат дека им се злоупотребени личните податоци, граѓаните се повикуваат да ја пријават злоупотребата во Дирекцијата за заштита на личните податоци“, истакнуваат од Дирекцијата.

И Министерството за образование и наука денеска ги повика надлежните институции целосно да го расветлат случајот со злоупотреба на лични податоци на студенти од Машинскиот факултет и од други факултети на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

„Во врска со случајот со објавените лични податоци на актуелни и поранешни студенти на Машинскиот факултет, но и на други факултети во состав на УКИМ во Скопје, МОН апелира и ги повикува надлежните институции, Министерството за внатрешни работи и Дирекцијата за заштита на личните податоци, да преземат соодветни мерки во насока на целосно расветлување на случајот, односно утврдување на причините за настанувањето на ситуацијата и посочување на соодветна одговорност за инволвираните“ велат од Министерството за образование и наука.

Информацијата за  случајот со протекувањето на личните податоци на 5 000 студенти најпрво почна да се шири преку социјалните мрежи, а за случајот алармираше и Радио МОФ.

M.В