/ Прочитано:

1.000

ЕДЕН ОД АДВОКАТИТЕ МУ ЈА ПЛАТИ СЛОБОДАТА НА БАНДИЌ: Подигнал кредит од 2 милиони евра

Четврток, 20 ноември 2014 – По речиси еден месец поминат зад решетки, загрепскиот градоначалник Милан Бандиќ вчера околу 18 часот е пуштен од притвор благодарение на неговиот адвокат Маријан Ханжековиќ. Влијателниот хрватски адвокат, според пишувањата на тамошните медиуми, подигнал кредит од околу 2 милиони евра за да ја плати кауцијата на својот клиент, досега највисоката изречена од хрватските судови.

Бандиќ излегува од затворот „Реметинец“

Одбраната најпрвин како гаранција за пуштање од притвор на Бандиќ понуди недвижности. Хрватскиот адвокат Крешимир Крсник, исто така дел од одбраната на загрепскиот градоначалник, го понуди својот стан од 500 квадрати лоциран во центарот на Загреб и проценет на 5, 8 милиони куни. Покрај станот на  Крсник, беа понудени уште осум недвижности,  но залудно. Судот го одби овој предлог, одредувајќи дека Бандиќ ќе мора да го уплати милионскиот износ во парични средства доколку сака да се брани од слобода.

Хрватските медиуми пишуваат дека овојпат, зад Бандиќ застанал адвокатот Маријан Ханжековиќ, кој подигнал краткорочен кредит од  2 милиони евра.

Хрватски „Индекс“, како што објавија, стапиле во контакт со Ханжековиќ, но тој посочил дека не може да дава никави информации на оваа тема.

Кој е Маријан Ханжековиќ?

Маријан Ханжековиќ е најбогатиот хрватски адвокат и воопшто еден од најбогатите Хрвати. Според пишувањата на  медиумите, тој е член на хрватската масонска ложа.

Најпознат е по успешна наплата на долгови, односно по извршување, како за ХРТ, ХТ и бројни други фирми, така и по долгогодишното извршување за Градот Загреб и Загрепскиот холдинг. Неодамна Ханжековиќ преку предстечајна спогодба го презеде Еуропапрес холдинг.

Адвокатското друштво „Хаженковиќ и Партнери“ ДОО, кое има над стотина вработени, минатата година имало приходи поголеми од 46 милиони куни (околу 6 милиони евра), а добивка од 8, 37 милиони куни (над 1 милион евра). Една година претходно тие имале добивка од 19 милиони куни (речиси два и пол милиони евра), a 2011 година добивка од 16, 43 милиони куни.

Адвокатската канцеларија, Хаженковиќ ја отворил во 1978 година. Првите четири години работел со минус, поради, како што самиот вели: „никој не сакаше да ангажира 26-годишен адвокат“. Сепак, во 1994 година тој успешно го втемелува адвокатското друштво „Хаженковиќ и Партнери“. Од 1994 до 2000 година бил претседател на хрватската Адвокатска комора.  Во 1995 година е избран за судија-арбитер во Арбитражата при словенечката Стопанска комора. Две години подоцна тој е избран за судија-арбитер на Европскиот суд за арбитража  при Советот на Европа во Стразбур.

Основач е на Хрватскиот кошаркарски сојуз на чие чело бил во 1998 година.  Од 2000 до 2007 година, пак, бил претседател на кошаркарскиот клуб „Загреб“, а од 2009 година е претседател на Загрепскиот воздухопловен сојуз.

Сопственик е на мала авиокомпанија, а го издава и билтенот „Инфо од Брисел“… Сепак, меѓу граѓаните е најпознат како „спроведувач“ на извршување  во име на ХРТ.

Правна празнина околу спроведување на мерките на претпазливост за Бандиќ

На Бандиќ, кој е осомничен за незаконско соработување со неколку приватни фирми и дека поради спорното финансирање на претседателската кампања во 2009 година, ги оштетил градскиот и државниот буџет, му се определени и мерки на претпазливост кои опфаќаат забрана за воспоставување и одржување контакти со повеќе од 100 лица, кои УСКОК ги предложи како сведоци.  Покрај ова, Судот му изрече и мерка забрана за извршување на работни обврски. Тоа ќе значи дека тој не ќе може да се врати на своето работно место и да ја извршува градоначалничката функција.  Се’ уште не е јасно како ќе се спроведува оваа мерка забрана во пракса.

„Градоначалникот на Загреб е биран на слободни избори по слободна волја на граѓаните и нема законски пропис кој предвидува дека Судот би можел да го прекине мандатот на на градоначалникот.  Понатаму, нејасно е како Судот може со таа мерка да ги опфати деловните активности кои градоначалникот ги обавува, а исто така нејасно е како би можело да се контролира спроведувањето на оваа одлука“, го уверувала истражниот судија, заменик обвинителката, пренесуваат хрватските медиуми.

„Мерките би требало да ги спроведува тело кое врши надзор во согласност со посебни прописи. Тоа не е определено со закон. Тука мора да се толкуваат одредби од Законот за кривична постапка, од Статутот на градот Загреб и од Законот за локална самоуправа. Имаме правна празнина која мора да ја пополниме со цел мерките за претпазливост да можат да се спроведуваат“, изјави портпаролот на загрепскиот Жупаниски суд Крешимир Девчиќ.

Бандиќ е осомничен и дека во седум наврати користел службени автомобили на Градот Загреб за приватни цели.

При вчерашното излегување од притвор, тој не давал изјави за новинари. На прашањето, од каде му се парите за кауција, еден од неговите поддржувачи кои го пречекале, пренесуваат тамошните медиуми, одговорил – „Од добри луѓе“.

Покрај Бандиќ, во аферата „Аграм“ беа приведени уште неколку лица. Сите, меѓу кои и претседателот на управата на Загрепскиот холдинг, Слободан Љубичиќ и косопственикот на ЦИОС, Петар Припуз,  освен едно лице кое како гаранција понудило недвижности, се пуштени да се бранат од слобода.

Подготви: E. П.