/ Прочитано:

1.399

Еден претседател на суд треба да поседува и добри менаџерски способности — Мерсим Марку, прв човек на Основен суд Дебар

На кормилото на Основниот суд Дебар, Мерсим Марку е речиси година и пол. За себе смета дека е добар менаџер, карактеристика која според него треба да ја поседува секој претседател на суд.

Пред да стане претседател на Судот во Дебар, Мерсим Марку, како судија, 10 години постапувал по предмети од граѓанската материја. Роден дебaрчанец, своето високо образование го стекнал на  Правниот факултетот во Приштина. Со задоволство се присеќа на времињата пред да биде назначен за судија во Основниот суд Дебар.

„Првпат се вработив во „Деплант“ – Дебар, како секретар на фабриката, тоа беа прекрасни времиња. Правосудниот испит го положив во во 1998 година, по што се вработив во Фондот за здравствено осигурување како стручен соработник за рефундација на средства. Во 2004 станав судија“, раскажува тој.

На кормилото на Основниот суд Дебар, Марку е речиси година и пол. За себе смета дека е добар менаџер, карактеристика која според него треба да ја поседува секој претседател на суд.

„Како и за други раководни функции така и за оваа: за да бидеш претседател на суд, меѓу другото треба да си добар менаџер. Јас сум син на трговец, па може да се каже дека сум наследил некои карактеристики од мојот татко кои ми помагаат во секојдневното работење“, вели низ насмевка тој.

Не штеди зборови за тимот кој го предводи, вели дека петмината судии кои постапуваат по граѓанските и кривичните предмети се многу успешни во својата работа.

„За добар судија, нема тежок предмет“, истакнува Марку.

„Првата година, кога станав судија, ги поделив предметите на тешки – кои беа повеќе и лесни – кои беа помалку. Втората година, се намалија тешките предмети. Третата година, имаше повеќе лесни отколку тешки предмети. Сакам да кажам дека за еден судија, пред се’ е најбитно искуството“, додава тој.

Говорејќи за независноста на судството, првиот човек на дебарскиот Суд, тврди дека досега немал притисоци од политички партии.

„Јас сум судија и сметам дека судството е независно. Можеби ние, како суд со основна належност, немаме толку  тешки кривични или граѓански предмети, меѓутоа јас сум бил судија и кога беше и претходната политичка гарнитура и досега не сум имал интервенција од политичките партии. Верувам во независнота на судството, без разлика што има многу критики од јавноста. Сметам дека треба да имаме доверба во нашите судии и во нашиот правосуден систем“, истакнува тој.

Во Дебар нема ниту еден извршител

Пет адвокати, тројца нотари, но ниту еден извршител: Марку е зачуден од фактот што младите правници во Дебар воопшто не се интересираат за извршителската професија.

„Верувате дека ние во Дебар немаме ниту еден извршител?! Никој од младите правници не полага испит за извршител. Еве, ова нека се сфати како апел: младите правници мора да се интересираат и за извршителската професија. Би сакал да ја споменам и Академијата за судии и јавни обвинители, во Дебар знам само еден правник кој конкурирал на Академијата, на жалост“, констатира тој.

Што се однесува до судската професија, според него, таа е круната за еден правник.

„На многу од младите правници им е сон да станат судии, според мене, сон кој станува реалност со многу работа и упорност“, подвлекува претседателот на Основниот суд Дебар.


Разговараше: Елена Павловска Објавено: 19.09.2013