/ Прочитано:

1.995

ЕДУКАЦИЈА, ПРАКТИЧНИ ПРИМЕРИ, УПАТСТВА: Академик одржа обука за јавните набавки, наменета за договорни органи

Вторник, 7 април 2015 – АКАДЕМИК одржа обука за јавните набавки наменета за договорни органи, во врска со практичната примена на одредбите од Законот за јавните набавки, но и во врска со прашањата што се најавуваат од нацрт-измените на Законот за јавните набавки. На обуката се дадоа конкретни одговори на сите прашања во однос на посочената тематика, а учесниците потенцираа дека квалитетните предавања за нив ќе бидат од извонредна корист, особено бидејќи ја опфатиле и проблематиката на најавените законски измени.

Обуката беше реализирана како тематска работилница на која преку размена на искуства и практични примери се образложи правилното спроведување на постапките за доделување договори за јавни набавки, но исто така се елаборираа и прашањата штосе најавуваат од нацрт-измените на Законот за јавните набавки.

За таа цел се дискутираше за подготовката на техничките спецификации за набавка на стоки со цел добивање согласност од Советот за јавни набавки, при што беа посочени разни практични примери како да се детектираат грешките преку досегашните искуства и што е неопходно да се знае во функција на поефикасно и правилно исполнување на целите на новите законски решенија, презентирани и преку конкретни егземпларни упатства.

Дефинирањето на критериумите за способност, критериумите за доделување на договор и видот на постапка (рамковни спогодби), исто така, беше тема за која се дискутираше на обуката. Овие прашања беа анализирани од аспект на тековното соочување со проблемите низ работата, со конкретни примери од практиката и со примери од најчестите грешки што се прават. Посебен акцент беше ставен на објаснување на правилната постапка и кои се најчестите грешки штопостојат при нејзината реализација, за што е потребно консултација со корисните упатства со примери во однос на истражувањето на пазарот, објавата на оглас за јавна набавка, отворање и евалуација на понудите, дополнување на документацијата и подготвување на извештај за спроведена постапка.

Татјана Пешевска и Ирена Стоименова говореа за практичната примена и најавените новости во Законот за јавни набавки

Беше елабориран и Електронскиот систем за јавни набавки преку практични примери и решенија, а и проблемите што би можеле да се јават во пресрет на новите нацрт-законски решенија.

На финалниот дел од обуката беше анализирано прашањето за постапувањето при жалби, каква е постапката при  Државната комисија за жалби по јавни набавки, но и какви се непосредните искуства на оваа комисија во таа насока. За таа цел беа наведени бројни примери, објаснувања, сугестии и упатства, како и детално објаснување за правата и обврските на договорните страни во жалбените постапки.

Предавачи на обуката беа реномираните предавачки и експерти во својата област:

Татјана Пешевска, дипл. економист – раководител на внатрешна ревизија при АД МЕПСО Скопје, овластен државен ревизор и сертифициран обучувач за јавните набавки со долгогодишно практично искуство во спроведувањето на постапките за доделување на договори за јавни набавки.

Ирена Стоименова, дипл.економист – советник за комерцијални работи во АД ЕЛЕМ; сертифициран обучувач за јавните набавки, со долгогодишно практично искуство во спроведувањето на постапките за доделување на договори за јавни набавки во Министерство за финансии, Град Скопје и АД ЕЛЕМ; со искуство во имплементирање на Законите од други области (Закон за градење, Закон за минерални суровини и др.) во согласностсо Закон за јавните набавки и

Маја Малахова, м-р по правни науки, претседател на Државната комисија за јавни набавки, професионалец со долгогодишно искуство во областа на јавните набавки, особено во делот на правната заштита и одлучувањето по жалби во Комисијата за жалби по јавни набавки при Владата на Република Македонија, како и со претходно искуство како судија и адвокат.

„Законот за јавни набавки во 2014 година претрпе повеќе измени со цел овозможување поголема конкуренција, транспарентност и недискриминација на економските оператори во постапката за јавни набавки. Целта на оваа работилница е сумирање на досегашните практични искуства во постапките за јавни набавки, во согласност со законските одредби, посебно во делот на подготовката (со практични примери по позиции) на технички спецификации на стоки и дефинирање на критериуми за способност кај стоки, услуги и работи, сè со цел добивање согласност од Советот за јавни набавки, објаснување на начинот на спроведување на постапките преку ЕСЈН, како и постапувањето по жалби во постапките за јавни набавки со практични примери“, вели предавачките за обуката.

Маја Малахова говореше за жалбените постапки при јавните набавки

Учесниците на обуката искажаа големо задоволство од максималната посветеност на предавачките на својата задача и што, како што подвлекуваат, имале должно внимание за нивните прашања. За тоа впрочем говорат и нивните импресии:

„Подолго време соработуваме со Академик и можеме да кажеме од досегашното  искуство сме особено задоволни. Како и другите, и оваа обука беше одлична. Обуката ќе ни биде од голема корист“, Милка Стојковска, Општина Аеродром.

„Многу беа солидни предавачките. Добро образложија и оставија доволно време за прашања. Темата за јавните набавки секогаш бара континуирана едукација, како од практиката така и за законските измени и задоволни сме од тоа како беше спроведена обуката“,  Јадранка Ристиќ иГоран Глигоровски, „Близу“ ДООЕЛ Скопје.

„Ми се допадна обуката и како беше организира. И предавачките беа супер. Сметам дека она што го слушнавме и што го добивме како одговор на нашите прашања за нас ќе биде од големо значење и тоа ќе го примениме во нашата работ“, Билјана Василева Бојчев, ССОУ„Димитрија Чуповски“-Велес.

„Обуката е супер.Ни се разјаснија многу работи, но наш предлог е, во согласност со законски измени што се најавуваат, да се поканат и предавачи од Советот за јавни набавки. Не се сомневам дека Академик ќе го реализира тоа“, Лидија Пејоска и Анета Тодоровска, АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост.

„Кога би оценувал од еден до пет, одговорот е пет, а кога би оценувал од пет до десет, одговорот е десет. Мислам дека објаснив каков е квалитетот на оваа обука!“, Ѓорѓи Петрушевски, Центар за развој на Североисточен плански регион.

„Предавачките беа одлични. Многу јасно кажаа во однос на јавните набавки, и тоа го кажаа со примери од практиката, што е за поздрав. Сметаме дека само со практични примери може да се објасни како се одвива одредена постапка од темата за јавните набавки. Добро е што на нашите прашања добивме одговори. Би рекле, обуката навистина беше на високо ниво во секој поглед, а посебно во поглед на квалитетот на предавачките“, Силвана Антовска, ЈЗУ Завод за физикална медицина и рехабилитација.

„Доаѓам од Собранието на Република Македонија каде што и се донесуваат законите. Од тој аспект сакам да кажам дека обукава навистина одлично претстави експертски толкувања, кои им се од голема важностна практичарите“, Вања Ралев, Собрание на Република Македонија.

„Презадоволни сме. Нивото на дискусија беше инспиративно. Дознавме многу работи што иницираат дилеми во практиката. Предавачките на мошне стручен и компетентен начин објаснија многу суштински прашања. Доаѓаме повеќе пати на овие обуки, но оваа навистина се издвојува“, Ања Ајдур и Соња Тодоровска, Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ).