/ Прочитано:

874

Граѓаните на Египет го одобрија новиот Устав

Четврток, 16 јануари 2014 – Египќаните на дводневниот референдум  се изјаснија позитивно за новиот Устав на земјата. Според првичните резултати, излезноста на референдумот била 55 проценти, а за него позитивно се изјасниле над 95 проценти од гласачите. Со референдумот може да се создадат услови за кандидирање на генералот Фатах ал Сиси за претседател.

Државната телевизија соопшти дека е започнато со пребројување на гласачките ливчиња. Првите неофицијални резултати се очекуваат утре.

„Добивме Устав што е соодветен на 21. век“, изјави Амр Муса, шеф на Комитетот за Устав.

Ова треба да го отвори патот за нови претседателски избори, а привремената воена влада го гледа како позитивен сигнал на кои најави дека ќе се кандидира генералот на египетската армија Абдел Фатах ал Сиси, предводникот на воениот удар против соборениот поранешен претседател Морси. Сепак, од една страна целта е воената власт да се замени со цивилна, а од друга, Муслиманските браќа го бојкотираат гласањето и инсистираат на легитимитетот на Морси.

„Нема да се кандидира како врховен генерал, туку како поранешен генерал“, рече Амр Муса. „Јас сум против тоа воен претставник да излезе на избори“, вели Абдел Абул Футух, лидер на партијата Силен Египет.

Вчера на првиот ден од референдумот за новиот устав во Египет во судири меѓу безбедносните сили и приврзаниците на сменетиот исламистички претседател Мохамед Морси животот го загубија 11 лица. Министерството за здравство соопшти дека 28 лица се повредени во судирите, а 11 загинале во Каиро, соседната провинција Гизи и уште две провинции јужно од главниот град.

Референдумот за новиот Устав е првото гласање во Египет, откако на 3 јули минатата година војската го собори Морси во екот на масовните протести против неговото владеење.