/ Прочитано:

845

ЕК: Ги поздравуваме преземените чекори за подобрување на Изборниот законик

Петок, 17 јануари 2014 – Европската комисија го поздрави меѓупартискиот договор за подобрување на Изборниот законик.  Петер Стано, портпаролот на Kомисијата изјави дека Брисел е информиран за одржаните дискусии меѓу политичките партии во Македонија и за постигнатиот договор.

„Изборните реформи се важен дел и од Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Брисел и Македонија, заедно со спроведувањето на политичкиот договор од 1 март минатата година. Ги поздравуваме преземените чекори за подобрување на Изборниот законик, договорени по многуте препораки од Венециската комисија и сите други организации“, изјави во име на Европската комисија портпаролот Петер Стано.

За тоа дали сега може да се очекува продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) меѓу официјален Брисел и Република Македонија, со оглед на тоа што усвојување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во однос на Изборниот законик беа услов поставен од еврокомесарот за проширување Штефан Филе, неговиот гласноговорник со одговор:

„Овој договор што беше постигнат од страна на работните групи меѓу политичките партии, треба да биде дискутиран и усвоен во Парламентот. Но, тој беше еден од елементите што беа важни во рамки на Пристапниот дијалог, а комесарот беше јасен минатата недела кога кажа дека ХЛАД-от ќе продолжи како важен инструмент на ЕК за поддршка на реформскиот процес во ПЈР Македонија и предвидената континуирана определба на Владата, со имплементација на реформите, имплементација на мартовскиот договор и продолжување на подобрување на добрососедските односи“, потенцира портпаролот Стано во изјава за МИА.