/ Прочитано:

1.660

ЕКОНОМСКИ ФОРУМ: Да се надминат стереотипите за машка и женска професија и жените да земаат еднакви плати со мажите

Жените во Македонија земаат помала плата од мажите. Најголем дел од родовиот јаз кај платите е поради големата неактивност на жените на пазарот на трудот, беше истакнато на денешниот Економски форум „Родово еднакви плати за поголем економски раст“, во организација на „Фајнанс тинк“.

akademik..

„Во Македонија, жените просечно земаат 12,5 % пониска плата од мажите, а разликата се зголемува и до 28,4 % кај лицата без образование или кај оние што се само со основно образование. Најголем дел од родовиот јаз кај платите е поради големата неактивност на жените на пазарот на трудот. Кога ќе се земат предвид карактеристиките како образование, стаж, возраст и во кое занимање се профилираат, овој јаз се зголемува на 17,3 %. Кај населението пак што има само основно образование овој јаз достигнува до 28 %. Тоа значи дека жените за работа со иста вредност заработуваат помалку од мажите“, истакнува Благица Петрески, извршна директорка на „Фајнанс тинк“.

Според Законот за работните односи, во однос на еднаквото плаќање на мажите и на жените, се вели дека работодавачот е должен за еднаква работа со еднакви барања на работното место да им исплаќа еднаква плата на работниците без оглед на полот.

Одредбите на договорот за вработување, колективниот договор, односно општиот акт на работодавачот, кои се во спротивност на оваа законска определба се ништовни.

Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, кој во Македонија континуирано е посветен на прашањето за намалувањето на родовиот јаз во платите, предлага реформи на македонското трудово законодавство во поглед на еднаквоста на платите.

„Дел од мерките треба да бидат насочени токму кон поттикнување на активноста на жените на пазарот на трудот, кон надминување на стереотипите за машка и женска професија, а важна е, истакна Петрески, и поддршката од семејството и од партнерот. Кога жената поактивно би се вклучила на пазарот на трудот, може да имаме поширок избор на понуда на пазарот. Жените не се со полоши карактеристики од мажите и не седат дома затоа што не се образовани или затоа што немаат добри карактеристики, туку напротив резултатите покажуваат дека се пообразовани, но поради одредени причини останеле неактивни. Преку нивната активација најпрво можеме да очекуваме поголема понуда на работна сила, а од друга страна и поквалитетна, и на тој начин да придонесеме за поттикнување на економскиот раст“, вели Петрески.

Зголемување на минималната плата, онлајн калкулатор на плати и задолжително приложување извештаи за еднакви плати, се дел од мерките што ги предлага Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ за намалување на родовиот јаз во платите.

Работодавачите што плаќаат различни плати по родов основ, велат од Институтот, треба да се соочат со санкции и казни. Преку воведување задолжително приложување извештаи за еднакви плати, образложуваат од Институтот за економски истражувања и политики, компаниите ќе бидат обврзани да приготват извештаи за приходот на своите вработени на секои две години. Извештаите мора да прикажат број на мажи и жени во соодветна професија, нивните плати, просекот и медијаната на платите приспособени за работни часови.

Целта е да се создаде транспарентност во приходите и да се преземаат мерки за да се намали родовиот јаз во платите. Дополнително, преку овие извештаи се гарантира промовирање на еднаквите можности меѓу жените и мажите на пазарот на трудот преку демотивирање на оние работодавачи кои плаќаат различни плати по родов основ за исти карактеристики или за работни места со иста вредност.

„Работодавачите што имаат фирми со 50 и повеќе вработени треба да се обврзани да ги приложуваат извештаите преку Националниот акциски план за родова еднаквост до Министерство за труд и социјална политика, кое потоа ги приложува податоците до Секторот за инспекциски надзор од областа на работните односи од Државниот инспекторат за труд и кон синдикатите во Република Македонија. На овој начин се воведува јасна процесна и институционална поставеност за споровите во врска со еднаква плата. Работодавачите што не се придржуваат до Законот за спречување и заштита од дискриминација и до Законот за работните односи би се соочиле со санкции и казни ако се увиди дека има јасна родова нееднаквост“, истакнуваат од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.

Едно од решенијата за намалување на родовиот јаз во платите во Република Македонија е воведувањето на флексибилно работно време, скратено работно време на родител на новородено дете и татковско платено отсуство за намалување на родовиот јаз во платите.

„Флексибилното работно време овозможува простор во работата врз основа на личните потреби за флексибилност на работникот. Во однос на жените, флексибилното работно време овозможува подобра адаптација помеѓу нивните одговорности кон работата и семејството. Тоа овозможува намалување на конфликтот помеѓу работата и семејството, што понатаму директно поттикнува зголемување на активноста на жените на пазарот на трудот и намалување на тенденцијата на жените да излезат од пазарот на трудот поради преголемите одговорности кон семејството“, истакнуваат од Институтот.

Со веб-платформата edplako.mk, која ја изработиле од „Фајнанс тинк“, на компаниите им е овозможено да ги тестираат своите системи дали се фер плаќачи, а на поединците – која е нивната фер плата, без оглед дали се работи за маж или жена.

Германија со законски мерки ќе ги изедначува платите помеѓу мажите и жените, а и во Македонија се предлагаат идентични мерки

Флексибилно работно време, скратено работно време на родител на новородено дете и татковско платено отсуство за намалување на родовиот јаз во платите

ДИСКРИМИНАЦИЈА И РОДОВ ЈАЗ ВО ПЛАТИТЕ: Работодавачите што плаќаат различни плати по родов основ да се соочат со санкции и казни

„Жените просечно заработуваат пониска плата од мажите“, – БЛАГИЦА ПЕТРЕСКИ, извршна директорка на „Фајнанс тинк“

M.В