/ Прочитано:

4.939

Електронска достава на судски документи во сите судови низ државава

Понеделник, 3 јуни 2013 – Системот за електронска достава на судски документи, освен во четирите веќе определени пилот судови (Основниот суд Скопје 1 Скопје, Основниот суд Скопје 2 Скопје, Основен суд Велес и Основен суд Гостивар) започна да се применува во сите апелациони и основни судови во Република Македонија. 

Во функција е порталот за електронска достава www.edostava.sud.mk, преку кој ќе се одвива регистрацијата на нови корисници, прием и достава на поднесоци. Со цел користење на услугите на системот, потребно е да се регистрирате како корисник така што ќе доставите барање до надлежните лица во судовите определени како оператори за одобрување на регистрацијата.

За користење на услугите на Системот, правното или физичко лице е должно на свој трошок да ги обезбеди следните минимални техничи услови:

  • дигитален сертификат издаден од овластен издавач во Република Македонија;
  • пристап до Интернет;
  • сопствена е-маил адреса за примање на нотификации од системот;
  • интернет прелистувач Internet Explorer 7.0 или понова верзија, Моzilla Firefox или Google Chrome (користењето на дигитален сертификат и Интернет прелистувач е согласно правилата на овластениот издавач на сертификати);
  • Adobe Acrobat Readеr или друг соодветен софтвер за преглед и печатење на pdf датотеки.

За користење на услугите на системот, правното или физичко лице треба прво електронски да се најави (регистрира) како нов корисник на порталот http://edostava.sud.mk

Судот ја одобрува регистрацијата и користењето на системот врз основа на следните уредно пополнети, потпишани и доставени документи до судот:

  • барање со изјава за регистрација на нови корисници и
  • доказ за вршење на дејност.

Со поднесување на наведените документи, правното или физичко лице се определува да го користи Системот во обем и начин кој е овозможен од самиот систем и го именува овластеното лице (важи само за правни субјекти). Судот има право да го одбие барањето на правното или физичко лице за користење на услугите на системот доколку не се исполнет предвидените услови. По обработката на документите, судот испраќа известување до доставената е-маил адреса дека барањето е одобрено / одбиено. Судот одобрува затворање на електронско сандаче врз основа на уредно пополнетo и потпишани и доставено барање за затворање на електронско сандаче.

Барање за регистрација на електронско сандаче

Општи услови за користење на системот за електронска достава на судски документи

Користење на услугите

Корисникот услугите на системот ги користи откако ќе се најави со корисничко име и лозинка кои самиот ги дефинирал кога се регистрирал на web порталот. Корисникот преку доставената e-mail адреса ќе добива нотификација за пристигнат судски документ од страна на судот во електронското сандаче на корисникот.

Доставата на судски документи од страна на судот до корисникот се смета дека е успешно извршена согласно законските прописи. По изминување на временски период од 30 дена, доставените судски документи автоматски се бришат од електронското сандаче на корисникот, но останува записот за извршената достава. 

Судот не превзема никаква одговорност во случај кога Корисникот поради технички, лични или други проблеми не бил во состојба да изврши увид на пристигнати судски документи во електронското сандаче.  Судските документи кои корисникот ги доставува до судот мора да бидат во PDF формат. Максимално дозволена големина на еден PDF  документ е 2 MB. Максимално дозволена големина на еден поднесок е 10 MB.  Корисникот добива потврда со идентификација за успешно извршена  достава на судски документи од страна на корисникот до судот.  Корисникот е должен да ја отпечати и да ја приложи до судот добиената потврда со идентификација заедно со доволен број на отпечатени примероци потребни за достава до останатите учесници во предметот.

Корисникот е должен секоја промена на лични податоци како и промена на сертификатот, електронски да ја ажурира на web порталот согласно постапката опишана во корисничкото упатство.  За отповикување на овластено лице правниот субјект е должен веднаш,  во најкраток можен рок да достави барање за отповикување на постојното и ополномоштување на ново овластено лице. Судот не превзема никаква одговорност за извршените достави на судски документи од моментот на отповикување на овластено лице до моментот на доставување на барањето во судот.

Измените на Законот за парнична постапка кои меѓу другото ја предвидуваат и електронската достава стапија на сила уште во септември 2011 година.