/ Прочитано:

5.798

ЕЛЕКТРОНСКО ПОЛАГАЊЕ ПРАВОСУДЕН ИСПИТ: Министерството за правда ја објави Програмата за полагање на правосудниот испит

Понеделник, 24 ноември 2014 – Министерството за правда на РМ на 20.11.2014 ја објави ПРОГРАМАТА ЗА ПОЛАГАЊЕ НА ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ. Правосудниот испит, согласно новиот Закон, кој почна да се применува од 15 октомври оваа година, ќе се полага по електронски пат. Првата испитна сесија ќе биде спроведена во декември.

Новиот Закон за правосудниот испит предвидува двата дела од правосудниот испит, теоретскиот и студијата на случај да се полагаат исклучиво по електронски пат.

Базите на прашања за првиот и базите на студии на случај за вториот дел на испитот, согласно Законот, ги изготвуваат едукаторите во Академијата за судии и јавни обвинители, а ги верификува Комисија составена од: претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Јавниот обвинител на Република Македонија, претседателот на Апелациониот суд Скопје, претседателот на Апелациониот суд Битола, претседателот на Апелациониот суд Штип и претседателот на Апелациониот суд Гостивар.

Првиот дел од испитотсодржи 50 прашања со пет опции за заокружување од кој едната е точна, две се слични, едната е неточна во мал обем и една е неточна во голем обем.  Прашањата од тестот зависно од тежината, се вреднуваат со поени определени во тестот.

  • Кандидатот мора да ги положи сите испити од првиот дел во најмногу три последователни сесии, во спротивно ќе се смета дeка испитот не го положил.

Вториот дел од испитот се состои од две студии на случај по предметите кривично право (кривично материјално и процесно право) и граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право). Прашањата кои се составен дел од студиите на случај во вид на електронско софтверско решение се од областа на предметот на кој е заснована студијата на случајот и имаат десет можни опции на одговори од кои едната е точна, пет се слични и четири се различни.

  • Кандидатот мора вториот дел да го положи во две последователни сесии по завршувањето на теоретскиот дел, во спротивно ќе се смета дeка испитот не го положил.

Правосудниот испит започнува со полагање на првиот дел (теоретскиот дел), а потоа на вториот дел (студиите на случај). Вториот дел се полага во рок од најмалку 15 дена по успешното полагање на првиот дел. Министерот за правда со Правилник го пропишува начинот на бодување на првиот и вториот дел од испитот.

Вкупното траење на времето определено за одговарање на прашањата од првиот дел од тестот за полагање на испитот изнесува 120 минути за секој од предметите. Се смета дека испитот го положил оној кандидат кој со точни одговори на прашањата од тестот постигнал најмалку 70% од вкупниот број предвидени позитивни поени.

Истото важи и вториот дел, односно за студиите на случај: времето за одговарање на прашања е 120 минути,  а се смета дека испитот го положил оној кандидат кој со точни одговори на прашањата од студијата на случај постигнал најмалку 70% од вкупниот број предвидени позитивни поени. На кандидатите кои го положиле испитот им се издава уверение во рок од 15 дена од денот на завршувањето на испитот. На барање на кандидатот, Министерството за правда го информира за направените грешки во тестот за полагање на правосудниот испит, со овозможување непосреден увид во тестот.

Глоби до 5.000 евра

Стручните и административните работи за потребите на спроведување на правосудниот испит ги врши Министерството за правда, а испитот технички го спроведува правно лице регистрирано во Централниот регистар избрано од министерот за правда.

Полагањето на испитот се снима и во живо се емитува на веб страницата на Министерството за правда, а ако поради технички причини снимањето се прекине, сминката од целиот испит се поставува на веб страницата на Министерството. Во просторијата за полагање на испитот, за време на полагање на испитот, се присутни двајца претставници од Министерството за правда, еден претставник од Министерството за образование и наука, еден претставник од Владата на Република Македонија на предлог на Канцеларијата на претседателот на Владата и еден претставник на Министерството за информатичко општество и администрација (информатичар).

  • Глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече на овластеното правно лице кое технички го спроведува испитот доколку не го снима, не го емитува во живо на веб страницата на Министерството за правда и доколку не ја постави снимката од целиот испит на веб страницата на Министерството.

На кандидатот за време на полагањето на првиот и вториот дел од испитот не му се дозволува да контактира со други кандидати или лица освен со информатичарот во случај доколку има технички проблем со компјутерот. Ако техничките проблеми со компјутерот бидат отстранети за пет минути испитот продолжува, а доколку не бидат отстранети во овој рок испитот само за тој кандидат се прекинува и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на испитот. Ако има проблеми со повеќе од пет компјутери и тие не бидат отстранети во рок од пет минути испитот се прекинува за сите кандидати што го полагаат испитот и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на испитот.

  • Глоба во износ од 4000 до 5000 евра во денарска противредност ќе се изрече на овластената институција која го спроведува испитот доколку не го прекине испитот доколку има технички проблеми со компјутерот повеќе од пет минути.

Испитот е предвидено да се полага во просторија посебно опремена за полагање на стручен испит со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето. Јавноста се информира за датумот и времето на полагањето на испитот  најмалку три дена пред одржувањето на испитот. Доколку Комисијата утврди нерегуларности во спроведувањето на испитот од страна на поединци предлага одземање на Уверението. Министерот за правда донесува Решение за одземање на Уверението врз основа на предлогот на Комисијата во рок од 3 дена од приемот на предлогот. Против Решението може да се поведе управен спор пред надлежен суд во рок од 30 дена од приемот на решението.

  • Глоба во износ од 1000 до 1500 евра во денарска противредност ќе му се изрече на Министерот за правда ако не го донесе решението во утврдениот рок.

Испитот се полага во февруарска, априлска, јунска, октомвриска и декемвриска испитна сесија. Јавноста се информира за датумот и времето на полагањето на испитот најмалку три дена пред одржувањето на испитот.

>> ПРОГРАМА ЗА ПОЛАГАЊЕ НА ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ Е. П.