/ Прочитано:

980

ЕЛСА – „ФРЕШЕРС КАМП“ 2015: Студентите сè посвесни за важноста на неформалното образование

Вторник, 6 октомври 2015 – Традиционално, како и секоја година, и годинава во организација на ЕЛСА Република Македонија во периодот од 2 до 4 октомври во Охрид се одржа „Фрешерс камп“. Целта на настанот е регрутација на нови членови во Здружението. 

Во рамки на настанот, годинава имаше две работилници. На првата  работилницата  која беше одржана од страна на Ана Велковска, поранешна претседателка на ЕЛСА, на новите членови им беше презентирана работата на организацијата, нејзината структура, како и придобивките кои можат да ги имаат од членството. 

На втората работилница насловена „Практични правни вештини“, пак, Гоце Коцевски од  Македонско здружение на млади правници (МЗМП), на учесниците им предочи за вештините кои му се потребни на еден правник при што се разви дискусија за ораторските вештини, менаџирањето на време, вештини во пишување и сл.

„Кога ќе започнете да го практикувате правото ќе сфатите дека има многу работи кои не ги учите во текот на студиите, а сепак се од суштествена важност за да покажете дека сте квалитетни правници. Речиси по ниту еден предмет нема да научите да пишувате акти кои ќе треба да ги пишувате во иднина, начинот на изразување во судница, ораторските вештини, менаџирањето на време и сл. Тоа се вештини кои правникот треба да ги усовршува надвор од формалното образование, па затоа треба да членувате во дебатни клубови, клуб на оратори, организации како ЕЛСА и слични кои нудат такви услуги”, истакна Коцевски.

Претседателката на ЕЛСА, Маја Вељанова, посочува дека голем дел од времето бил искористен за дискусија за правни прашања.

„Меѓу другото го гледавме и филмот „A time to kill“ и дискутиравме за начинот на кој ние би пресудиле во истоимениот случај, дали сметаме дека поротата правилно пресудила и што би направиле ние доколку се најдеме во таа ситуација“, вели таа.

Според Вељанова, неформалното образование кое се стекнува преку вакви работилници, обуки и сл., игра суштинска улога во изградбата на добар правник.

,,Се почувствував како да сум во интелектуално гето, каде елитата на студенти по право дискутира на релевантни прашања и зборува за иднината на ЕЛСА. Навистина сум исполнета што се повеќе има студенти кои сфаќаат дека не е се во формалното образование и дека неформалното образование е тоа што ќе ги дообучи и ќе допринесе да бидат подобри правници. Не сакам да ме сфатите погрешно, неформалното образование не е и не може да биде основа за добар правник, туку тоа само го надополнува добриот правник и го прави поквалитетен и повреден од останатите колеги, бидејќи ќе има пошироки гледишта и повеќе информации од останатите”, вели таа.

 Е. П.