Емотивно патешествие за животот на Младиќ во бегство, раскажува неговиот братучед
Петок, 3 aвгуст 2012 – Братучедот на Генералот Ратко Младиќ признал дека го чувал и лечел цели 5 години во неговата куќа, во село Лазарево, Војводина. Toj преговара со обвинителството за да добие условна казна, но специјализираниот суд за воени злосторства во Белград треба да одлучи на закажаното рочиште на 8 aвгуст.
Бранислав Младиќ, обелен и изнемоштен старец, чуварот на Младиќ додека тој беше во бегство, на српските новинарски екипи им се колне дека за својот братучед ќе поднесе се што треба и никогаш нема да се откаже од него. Бранислав за „Вечерње новости“ повеќе раскажува за патешествијата додека Младиќ бил под неговиот покрив, отколку за спогодбата со српското обвинителство околу неговата вина. Идната недела ќе се знае дали судот ќе ја прифати вината и Бранислав Младиќ ќе биде осуден на 3 години условно или 1 година затворска казна.
Пред неколку дена Генералот Младиќ му се јавил од Хаг, емотивно братучедот им го раскажал разговорот на српските новинари.
„Немој да го прекинуваш разговорот, да ме штедиш. Сакам да разговараме се додека на картицата имам кредит. Мене ми се стега срцето. Разговараме. Тој се смее со мене, дојди тука да ни месиш леб и да ни готвиш. Знае дека 5 години додека беше кај мене му месев леб. Го негував. Ми беше страв да не умре после мозочниот удар. Што ќе правам таму со тебе? Ништо, ми одговори, само однеси ме во гроб кај мојата Ана. Јас му викам не си ти куфер, па туку така да те подигнам и однесам“.
Генералот му пратил писмо од Хаг. Во сопствен стил му напишал на Бранислав дека до последно ќе се бори за да докаже дека не е криминалец, туку го бранел својот народ и својата татковина. Во писмото ги поздравил сите што прашуваат за него и прашал што фајде од неговата екстрадиција.
Освен Бранислав Младиќ никој не знаел дека Генералот се крие кај роднина во селото Лазарево, за ова не знаела ниту неговата сопруга, ниту синот, тврди Бранислав. Еден од многуте тешки моменти била желбата на Генералот да си ги види внуците од неговиот син Дарко Младиќ. Бранислав го советувал дека тоа не е добра идеја, но Генералот бил упорен. Бранислав ги повикал внуците на гости, тие си играле во дворот и не ни знаеле дека дедо им ги гледа од прозорец преку спуштена завеса. Го забележувал секое нивно движење како да се опростува од нив, а срцето му било полно, раскажува Бранислав.
Братучедот на Младиќ рамнодушно го чека судењето закажано за 8 aвгуст во специјализираниот суд за воени злосторства во Белград. Останувањето во неговата родна куќа во Лазарево не му е толку важно откако неговиот братучед е во Хаг. Обвинителството е во преговори и со друго лице кое се сомничи дека го криел Младиќ во 2006 година во Моштаници, но засега не се открива идентитетот на осомничениот.