/ Прочитано:

3.746

ЕСЧП: 12 пресуди за случаи против Република Македонија. Во 4 од нив немало повреда на правата

На генерално ниво во поглед на судската пракса на ЕСЧП во изминатата година постои зголемување на бројот на предмети пред Европскиот суд за човековите права.

fotografija

Досега, како што објави Судот, во текот на 2016 година Европскиот суд  за човекови права (ЕСЧП) има донесено вкупно 12 пресуди против Република Македонија. Судот во Стразбур не утврдил во сите пресуди повреда на некое од правата и слободите загарантирани со Европската конвенција за човековите права. Во 8 пресуди е констатирано кршење на Конвенцијата за човекови права, додека во 4  немало повреда на ниту едно од правата и слободите загарантирани со Конвенцијата.

Бројот на судски пресуди на ЕСЧП во однос на Република Македонија претходно, во интервјуто интервјуто за Академик, го кажа и владиниот агент Костадин Богданов.

fotografija

Oд овие 12 пресуди, ЕСЧП утврди повреди на одредени права од Конвенцијата во 8 предмети, додека во 4 пресуди не е констатирана повреда на ниту едно од правата и слободите загарантирани со Конвенцијата. Истовремено, треба да се нагласи дека освен неколкуте одлуки со кои во стандардна и вообичаена процедура Судот констатираше дека меѓу државата и апликантите, а на предлог на Судот, било постигнато пријателско спогодување, односно во два од нив била изјавена унилатерална декларација и им било исплатено правично обесштетување на апликантите, ЕСЧП годинава донесе и неколку значајни одлуки во кои, по детална анализа на меритумот на наводите на апликантите, утврдено е дека нивните апликации треба да бидат прогласени за недопуштени од различни причини. Со тоа, во предметите на Кочевски, Новески и Милошевски, Судот не прибегнал кон донесување пресуда, туку по пат на одлука констатирал неисполнување на критериумите за допуштеност на апликациите предвидени со Конвенцијата и, оттука, не констатираше постоење на каква било повреда на правата од Конвенцијата“, вели владиниот агент Костадин Богданов.

Воедно, Богданов подвлекува дека генерален е впечатокот дека македонските судии сè повеќе прибегнуваат кон реферирање на праксата на ЕСЧП во своите пресуди, особено во парнични постапки за надомест на штета предизвикана со клевета или навреда.

akademik foto

Според податоците што ги објавува Судот во Стразбур, зголемувањето на предметите пред ЕСЧП во најголем дел се должи на состојбите во Унгарија и Романија во однос на условите на притвор и затвор, и на драматичните случувања во Турција поврзани со обидот за воен удар.

Како што објавува Судот во својот годишен извештај, држави со најголем број на пресуди против нив и барем една повреда на Европската конвенција за човекови права се: Русија (228 пресуди), Турција (88), Романија (86), Украина (73), Грција (45) и Унгарија (41). Покрај тоа, на 31 декември 2016 година, мнозинството на предмети во постапка беа против Украина (22,8 %), Турција (15,8 %), Унгарија (11,2 %), Русија (9,8 %) и Романија (9,3 %).

„Судиите треба да избегнуваат претеран формализам во постапувањето“– интервју со Костадин Богданов, директор на Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП

М.В