/ Прочитано:

1.122

ЕТИЧКИ ДИЛЕМИ ЗА СУДИСКОTO ОДНЕСУВАЊЕ: Ароганција и крутост или насмевка и смисла за хумор

Во рамките на Четвртиот круг на оцена на ГРЕКО, во делот на развој на превентивните механизми за корупција, на голем број држави им беше препорачано да ги ажурираат етичките кодекси, да развијат водичи за нивна примена и да воспостават тело во судството што ќе го надгледува применувањето на овие начела од страна на судиите и што, воедно, ќе им овозможи советодавен механизам за доверливо советување во случаите на етичките дилеми.

Од Академијата за судии и јавни обвинители велат дека еден од повредните документи кои се однесуваат на судиската етика е Коментарот на Бенгалорските начела за судско поведение креиран од судиите на врховните судови од целиот свет.

Целосната изолација не е ниту возможна ниту корисна

„За судиите не е ниту возможна, ниту корисна целосната изолација. Колку се очекува еден судија да биде независен од општеството? Работата на судијата еднаш беше опишана како слична на свештеничка. Еден друг судија напишал дека врховниот судија оди во манастир и се ограничува себеси само на судиската работа“, се посочува во Коментарот на Бенгалорските начела.

Денес ваквите ограничувања може да се сметаат за преголемо барање, иако режимот наметнат врз судијата е веројатно „монашки во многу аспекти“. Иако од еден судија се очекува да задржи начин на живот и поведение потежок и поограничен од оној на другите луѓе, би било неразумно да се очекува целосно да се повлече од јавниот живот, живеејќи приватен живот сконцентриран само околу домот, семејството и пријателите.

„Целосната изолација на судијата од заедницата во која живее не е ниту можна, ниту корисна. Потребен е контакт со заедницата бидејќи судијата не може да биде херметички затворен во својот дом по завршување на работното време. Тој ќе биде изложен на влијанија што ќе го обликуваат неговото мислење, па дури и да почне да размислува на одреден начин како последица од изложеноста на пријателите, колегите и медиумите. Всушност, одредени познавања на јавноста се од суштинско значење за добро спроведување на правдата. Судијата не е само збогатен со спознание за реалниот свет, туку природата на современиот закон бара од судијата ‘да живее, да диши, да мисли и да учествува во мислењата на светот’. Денес функцијата на судијата се протега подалеку од само решавање на спорови. Сè повеќе и повеќе се бара судијата да се осврне на широк спектар прашања од општествена вредност и човекови права, да одлучува за контроверзни морални прашања и да го прави тоа во многу плуралистички општества. Судијата што е изолиран е помалку веројатно дека ќе биде ефективен. Нема да му користи ниту на личниот развој на судијата, ниту на јавниот интерес доколку судијата е прекумерно изолиран од пошироката заедница во која служи. Правните стандарди често повикуваат на употреба на разумност во тој поглед. Судското пронаоѓање факти е важен дел од работата на судијата и бара оцена на доказите во светлото на логиката и на искуството. Затоа, судијата, до степен кој е во согласност со посебната улога на судијата, треба да остане во близок контакт со заедницата“, се вели во Коментарот на Бенгалорските начела.

Дали може да се очекува од судските службеници, од една страна, да бидат, да покажуваат или да развијат во голем обем квалитети како што се: тактичност, смиреност, одлучност, чувствителност, здрав разум и интелектуална строгост, без да изгледаат, од друга страна, непријатни, затворени, механички, ограничени, без смисла за хумор или арогантни?  Навистина, да имаат улога на примерен и истовремено на обичен граѓанин, изгледа дека е невозможен двоен чин.

„Она што за едни е граѓански и љубезен чин, за други можеби изгледа круто и формално. Спротивно на тоа, она што едни ќе го осудат како недостојно поведение и недостиг на почит кон судиската функција, други ќе го поздрават бидејќи покажува дека судските службеници поседуваат смисла за хумор и капацитет да не се сфаќаат премногу сериозно.Оливер Вендел Холмс можеби беше и пред своето време кога ги советуваше судиите дека е подобро да ја споделат страста и животот на нивното време отколку да бидат осудени дека не постоеле“, се истакнува во начелата.

Пример на добра пракса 

Пример за начин на кој еден судија треба да одговори на барања од заедницата е даден во следниве насоки на Бенгалорските начела, кои се препорачани од страна на советодавна комисија за судско поведение во една надлежност каде што со судиите често контактираат членови на групи со посебен интерес за состаноци на советот:

1. Не е задолжително барање за судиите да се одзват на покана за приватна средба.

2. Судијата треба добро да се информира за целта на средбата пред да одлучи дали да ја прифати.

3. Судијата треба добро да процени дали состанокот треба да вклучи членови и на одбраната и на обвинителството. Често се случува, побараниот состанок да вклучува прашања од кривичната гранка на судот (на пример, претставници на група мајки против пијани возачи).

4. Барањето на групата со посебен интерес треба да е во пишан облик, за да нема несогласување, и судијата треба во писмен облик да го одобри состанокот и да ги постави правилата на дискусија.

 5. Мора да се почитува апсолутната забрана на екс парте комуникација за одредени случаи и тоа треба јасно да се му се истакне на поднесувачот на барањето пред да започне состанокот.

6. Судијата треба да размисли дали во текот на состанокот треба да присуствува и судски известувач. Тоа ќе помогне да нема понатамошни недоразбирања околу тоа што било кажано на состанокот. Исто така, ќе го заштити судијата од срам ако подоцна се погрешно цитирани неговите изјави.

 Довербата од општеството е од суштинско значење

„Судската независност однапред претпоставува целосна непристрасност од страна на судија. Кога суди меѓу кои било странки во постапката, судијата мора да биде ослободен од каква било врска, од наклонетост или од пристрасност, која влијае – или може да изгледа дека влијае – врз неговата или нејзината способност да суди независно. Во оваа смисла, судската независност е разработка на основното начело ‘никој не може да биде судија на својот случај’. Ова начело исто така има значење и пошироко од влијанието само врз одредени странки во еден спор бидејќи општеството како целина мора да има доверба во судството“, се вели во Коментарот на начелата.

БЕНГАЛОРСКИ НАЧЕЛА ЗА СУДСКО ПОВЕДЕНИЕ

M.В / 4.8.2015