/ Прочитано:

983

Европски искуства за управните судии во врска со жалбените постапки во заедничкиот европски систем за азил

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка и со финансиска поддршка на Инструментот за техничка помош и размена на информации (ТAIEX) на Европската комисија, организира дводневна работилница на тема „Жалбени постапки во заедничкиот европски систем за азил“.

На работилницата присуствуваат судиите на Управниот суд и Вишиот управен суд задолжен за судска ревизија на азил, судии на основните судови кои се однесуваат на депортацијата, службеници од Секторот за азил при Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Народниот правобранител, адвокатите што соработуваат со НВО и адвокатите што обезбедуваат правна помош, како и претставници од други релевантни институции.

Целта на работилницата, истакна во своето воведно обраќање директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска,  е да се дискутира компатибилноста на националната практика за практиката на азил на заедничкиот европски систем за азил, особено постапката за жалби наведена во Директивата на ЕУ 2013/32/ЕУ за заеднички постапки за доделување и повлекување на меѓународната заштита.

„Без разлика на причините за напуштање на земјата, апликантот за азил треба да се осигура дека неговата апликација е процесирана и обработена на соодветен начин и во согласност со законодавството. Основа на политиките за азил е таканаречениот заеднички систем за азил, кој сам по себе подлежи на големи реформи што беа предизвикани од големата миграција во последните неколку години. ЕУ ги споделува своите стандарди и искуства за управување со миграцијата и со другите земји од Унијата, вклучувајќи ги и земјите кандидатки за членство“, рече Јаромир Левичек, од Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, кој ја поздрави посветеноста на Владата во донесување на националното законодавство во овие области во рамки на европското законодавство.

„Европската комисија ќе поднесе писмо до властите за експертските наоди во однос на нацрт-амандманите кои се однесуваат на националниот закон за азил, што е значително подобрен, но одредени аспекти сè уште треба да се обработат“, додаде Левичек.

Извештајот за напредок на Европската комисија од 2016 година забележува дека во Република Македонија, во однос на постапката за азил, квалитетот на одлучувањето останува несоодветен. Капацитетот за проценка на апликациите е сѐ уште слаб и потребни се дополнителни обуки. Одлуките на судовите во случаите за азил често не се засноваат врз темелно испитување на основаноста, а недостасуваат доволно капацитети за толкување.

Управниот суд продолжи да ги обработува жалбите за азил во голема мера врз процедурална, а не врз суштинска основа. Во 2015 година беа поднесени 1 578 барања за азил за 1 888 лица, но беа донесени само 34 конечни одлуки, од кои 13 негативни и 4 позитивни. Од јануари 2016 до јули 2016 година, 525 лица поднеле пријави, од кои 5 добиле супсидијарна заштита, 23 биле одбиени, а за 401 жалител постапката била запрена откако го напуштиле приемниот центар.

Експертите од земјите членки на ЕУ на дводневната работилницата во врска со овие прашања  ја споделуваат својата експертиза за стандардите на ЕУ во жалбените постапки и за ефикасните лекови против одлуките за азил.

Поконкретно, излагања поврзани со темата на работилницата имаат Мирјана Василева, судија, Виш управен суд, Силвиу Турза, раководител на единицата за постапки за азил, Генерален инспекторат за имиграција, Министерство за внатрешни работи, Романија,  Наташа Јуст Хрнчарова, вонреден професор, Правен факултет на Универзитетот Трнава, Словачка, Невенка Шишковска Николовска, раководител на оддел за регистрација на баратели на азил, Оддел за азил, Министерство за внатрешни работи, Панаиота-Ерини Сидери, судија/претседавач на Судот  за прекршоци, Министерство за правда, Грција, Џенифер Мур Петерсен, судија во Судот за прекршоци, Управен суд во Гетебург, Шведска.

На работилницата се говори за тековните жалбени постапки и практики во врска со правото на меѓународна заштита во Република Македонија и одредбите од новиот Нацрт-закон за меѓународна и супсидијарна заштита, институционална поставеност и планови за жалба на судовите за азил на земјите членки на ЕУ, постапките за жалби наведени во Директивата на ЕУ 2013/32/ЕУ за заеднички постапки за доделување и повлекување на меѓународна заштита (поглавје V), правото на пристап до територија, постапки за азил, информации и бесплатна правна помош на барателите на азил и бегалци во Република Македонија, правото на пристап до територија, постапки за азил, информации и бесплатна правна помош на барателите на азил и бегалци во Грција.

На работилницата која ќе продолжи и утре, исто така, ќе се говори и за улогата на судот во оцена на доказите и за одлучување дали е изречена одлука во управна постапка во согласност со материјалното и процесното право во случаите на азил, развојот на националното законодавство за азил во светло на правните стандарди на ЕУ за правото на судска заштита, сослушување на жалителот и одлуките врз основа на неоткриени докази, прашања на националната безбедност и меѓународна заштита, очигледно неосновани апликации и преглед на случаи за суштината, стандарди на третман на непридружувани малолетници и ранливи групи на баратели на азил и студии на случаи.

M.В