/ Прочитано:

795

ЕВРОПСКИОТ СУД НА ПРАВДАТА: Унгарците мора да плаќаат акциза за печење домашна ракија

Петок, 11 април 2014 – Европскиот суд на правдата пресуди дека одлуката на унгарската влада да ги ослободи граѓаните од плаќање акцизи за печење домашна ракија до 50 литри годишно е спротивна на директивите на Европската Унија, објави вчера весникот „Будапест бизнис џурнал“. 

Со одлуката на судот, сите унгарски граѓани што ја печат за сопствена употреба популарната ракија од кајсии „палинка“ ќе мора на државата да и плаќаат акциза.

Унгарската влада, кога ја донесе одлуката за укинување на оваа акциза во 2010 година, соопшти дека сакала да ги заштити домашните печачи на ракија, кои се дел од унгарското културно наследство, и оти ќе продолжи да се бори за нив.

Унгарскиот министер за економија Михаил Варга изјави дека владата планира да покрене преговори со Европската комисија и оти „ќе стори најмногу што може“ за да ја зачува традицијата во рамките на прописите за тоа кои ги утврдила самата Европската Унија, пишува „Будапест бизнис џурнал“.

Според унгарскиот закон, кој во сила стапи во есента 2010 година, граѓаните можат за сопствени потреби, без да платат акцизи, да испечат до 50 литри ракија годишно. Судот толкувал дека директивата на ЕУ дозволува намалување на акцизите само за 50 отсто за ваков вид производи.

Според унгарската статистика, во 2013 година се произведени над 15 милиони литри ракија „палинка“, што е за 1 милион литри повеќе во споредба со претходната година. Инаку, дури, 95 отсто од целото производство на ракијата од кајсии во Унгарија се пијат во државата, наведува весникот.