/ Прочитано:

1.111

Европско знаменце и над медиумските куќи: високата намера на Законот за медиуми за целисходно регулирање може да ги разводни медиумските струи

Потребата од доближување на македонското законодавство до правото на ЕУ, сред досегашната застарена законска рамка и сред напредокот на новите технологии, стана препознатлива и во дејноста на медиумите во Македонија. Министерството за информатичко општество и администрација презентира работма верзија на Законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, со кој се преуредува традиционалната радиодифузија и со кој се воведуваат повеќе новини, меѓу кои и регулирањето на работата на сѐ поголемиот број интернет портали. Мнозинството на новинарскиот еснаф, со револт што не е повикано на учество во кроењето на Предлог-законот, одбива да се вклучи во каква било јавна дискусија. Проф. д-р Томе Груевски од Студиите по новинарство на Правниот факултет во Скопје тврди дека новите законски решенија, и покрај намерата за целисходно регулирање, нема да резултираат со еднакви ефекти во сите домени на медиумското работење, особено не во интернет сферата.

Обврската за усогласување на домашното законодавство со правото на ЕУ ја наложува потребата за донесување законски решенија и во дејноста на медиумите. Македонија, како земја со кандидатски статус за членство во Унијата, соочена со потребата од доближување на македонското законодавство до Европската директива за аудиовизуелни медиумски услуги, до препораките заведени во годишните Извештаи за напредокот на земјата, како и до стандардите на Советот на Европа, завчера, на 8 април 2013 година, го засведочи нацрт-законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, кој ќе го замени постојниот Закон за радиодифузната дејност. Предмет на новиот закон, меѓу другото, се телевизиското и радиоемитувањето, познати како традиционална радиодифузија; обезбедувањето аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по барање, како издавање печат и електронски интернет публикации, односно вебстраници достапни за пошироката јавност.

Според предлагачот, Министерството за информатичко општество и администрација, неопходно е досегашната регулативна рамка во областа на аудиовизуелните медиумски услуги да се усогласи со Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги. Во иста мера потцртуваат оти технолошкиот развој, кој го движи пазарот на електронските медиуми и аудиовизулени медиумски услуги, не смее да трпи каков било застој поради застарена законодавна рамка, бидејќи неговиот развој природно тече, претполага фер и конкурентски услови, како и соодветен институционален надзор. Насоките предложени во решението се засноваат на анализа на споменатата Директива, и намеруваат на повеќе цели за доследно уредување на медиумското работење во земјава.

Поврзување на технолошкиот развој на медиумите со електронските комуникации и со информатичкото општество

Во преден план, Предлог-нацртот ја наведува потребата за гарантирање на слободата на изразување и слобода на медиуми, заштитата и развојот на медиумскиот плурализам,  правото на информирање и пристапот до разновидни и независни информации и програмски содржини, како основни начела на демократското општество. Покрај тоа, решенијата се насочени кон развивање на медиумите и аудиовизуелните медиумски услуги, како и кон развој на независната продукција; внимание се посветува и на поттикнувањето, унапредувањето и заштитата на културниот идентитет, на јазикот и на традицијата, на поттикнувањето јавен дијалог, толеранција и разбирањето меѓу граѓаните, како и на поттикнувањето на творештвото, на образовниот и на научниот развој.

Додатно, во законскиот предлог се подвлекува дека ќе се унапредат и заштитат професионалните и етичките стандарди во информирањето, дека ќе се заштитат интересите на корисниците, особено на малолетната публика и оти ќе се зајакне медиумската писменост. Кон тоа се додаваат значењето и функцијата на транспарентен и независен јавен радиодифузен сервис. Вистинска новина претставува воведувањето транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на медиумите. Со новиот закон, се вели, ќе се сплотат технолошкиот развој на медиумите со електронските комуникации и услугите на информатичко општество, а ќе се поттикне и развојот на конкуренцијата во медиумите и аудиовизуелните медиумски услуги.

Новинарите револтирани од нивното невклучување во подготовката на Законот

Изнесените законски новини се пречекани со револт од медиумските работници во земјата, пред сè, од мнозинството претставници на новинарската фела. Од Здружението на новинарите на Македонија забележуваат оти работната верзија на Законот за медиуми што моментно е отворена пред јавноста е целосно изготвена од Владата и како затворен прилог сервирана за јавно коментирање. Истакнувајќи дека на носењето на Законот мора да му претходи опсежна јавна дискусија, Насер Селмани, претседателот на ЗНМ, повикувајќи се на соопштението на Здружението, истакнува дека и покрај барањата за отворање на таквиот Закон за широка, конструктивна и структурирана дебата, новинарите се соочени со настојувањето на надлежното министерството новиот Закон да се донесе до крајот на месец мај годинава. Сред таквите околности, ЗНМ и предлага на Владата го помести рокот за носење на Законот за три до пет месеци, а во меѓувреме да тече сериозна дебата, чии заклучоци подоцна би се вградиле во текстот на Законот.

Во име на Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, Македонскиот институт за медиуми и Центарот за развој на медиумите, Петрит Сарачини, програмски раководител во Македонскиот институт за медиуми, порача оти претставниците на овие организации нема да се вклучат во какви било разговори со Владата сè додека не се коригира нејзиниот однос во врска со повеќе нерешени проблематични точки, меѓу кои: неучеството на новинарските работници во подготовката на Законот и во јавната дискусија; фактот што сѐ уште никој не понесол одговорност за исфрлањето на новинарските работници од салата на Собранието на РМ на 24 декември; одбивањето на државната управа да се произнесе, како што вели, за катастрофалното 116 место на Македонија на светската ранг-листа на „Репортери без граници“ и сл.

Озаконување на цензурата?

Во ставот 3 на членот 4 од објавениот нацрт-закон, со кој се уредува слободата на медиумите, е наведено дека слободата на медиумите може да биде ограничена кога е нужно да се заштити националната безбедност, територијалниот интегритет или јавниот ред и мир; да се спречат немири и казниви дела, заштита на здравјето или моралот, заштита на угледот или на правата на другите, да се спречи откривањето доверливи информации или да се зачуваат авторитетот и независноста на судската власт. Дотолку повеќе, во ставот 10 од истиот член стои оти ниту една одредба од Законот не смее да се толкува на начин кој ќе дозволи цензура или ограничување на правото на слобода на изразување и слобода на медиумите, освен во случаите наведени во ставот 3 од истиот член. Ваквата формулација на ставот 3 може да резултира со разнородни слободни толкувања во врска со значењето на заштитата на нечие здравје или на моралот, или, пак, во однос на тоа што е заштита на угледот.

Следствено, новинарските работници предупредуваат оти ова е еден вид озаконување на цензурата, од причина што досега само судската власт можела да пресуди дали извесна медиумска содржина повредила нечија чест или наштетила врз нечие здравје. Воведувањето нов државен орган, Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, која непосредно се овластува да суди за работата на медиумите, во голема мера може да влијае врз натамошниот развој на домашните медиуми. Членот 32 од новиот Закон, којшто ги проектира надлежностите на новата Агенцијата, пренесува дека таа се грижи за обезбедување на слободата на изразување и слободата на медиумите и аудиовизуелните медиумски услуги и презема мерки во согласност со Законот во случаите кога е извршена повреда на одредбите на Законот или на прописите донесени врз основа на него и условите и обврските од дозволите.

Надоврзувајќи се на актуелноста на нацрт-законот, проф. д-р Томе Груевски од Студиите по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ тврди дека новите законски решенија, и покрај намерата за целисходно регулирање, нема да резултираат со еднакви ефекти во сите домени на медиумското работење, особено не во интернет сферата.

„Во денешни услови, цензурата е речиси невидлива, често затскриена зад тврдењето дека ‚сè е мед и млеко‘ во медиумската сфера. Пластичен пример е случајот на наредба упатена на некоја фирма да престане да се рекламира во одреден медиум. Кусокот од финанси, по некое време, сериозно може да го наруши функионирањето на таа куќа, поради што никогаш не се исклучува можноста за нејзино трајно згаснување. Се разбира, при такви случаи, државната управа ќе се најде во комотна позиција да каже дека нема никаков упад во медиумското работење, а тоа, наспроти познатото „грубо“ затворање медиуми, е пример за сосема „модерно“ втишување медиуми. Од друга страна, обидот да се регулираат медиумските струи на интернет мрежата е чиста заблуда. Мислам дека намерата на тој потег е повеќе насочена кон прибирање финансиски средства од нужноста за идно регистрирање на интернет порталите, отколку кон вистинско уредување на нивната дејност. Не е едноставно — во извесни погледи дури и невозможно — да се регулира текот на интернетот. Ако високоразвиените земји на Западот не го сториле тоа досега со искрена намера, кај нас уште потешко може да вроди со плод“, порачува проф. д-р Груевски.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 11.04.2012