/ Прочитано:

1.407

„ФАЛАНГА 2“: Јавната расправа пред Апелација одложена за септември

Четврток, 2 јули 2015 – Јавната расправа за предметот „Фаланга 2“, која требаше да се одржи денеска во Апелациониот суд Скопје, се одложи за 3 септември поради неуредна достава за еден од обвинетите.

Поранешниот раководител на Одделението за превенција во Управата за заштита на културно наследство, првообвинетиот Илчо Бојчевски, пак, не беше донесен од притвор, но причините за тоа не беа образложени.

Најголемиот дел од шеснаесеттемина обвинети во овој предмет, кои беа прогласени за виновни со првостепената пресуда на Основниот суд Скопје 1, се товарат дека илегално ископувале артефакти и ги продавале.

Бојчевски, кој беше најгласен во текот на постапката, беше осуден на затворска казна од седум и пол години за делата: злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба,  тешка кражба и прикривање. Тој во своја одбраната тврдеше е жртва на лажен сведок и мета на одмазда токму поради тоа што успешно се справувал со нелегалната трговија со артефактиСпоред него, зад трговијата со артефакти во Македонија  стојат големи финансиски моќници кои се инфилтрирани во секоја сфера на општеството.

Другите обвинети, кои исто така се товарат дека биле дел од злосторничката група која се занимавала со трговија на артефакти, добија меѓу три и пол и шест и пол години затвор.

Последните неколку обвинети во овој предмет, меѓу кои и поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, пак, се товарат за сосема други дела, а не за трговија со артефакти или прикривање. Кузман, според Обвинителството,  како директор на Управата за заштита на културното наследство ја злоупотребил службената положба  на начин што како директор на Управата за заштита на културното наследство им издал согласност на физички лица за изведување земјени работи на две локации со цел проверка на наводите за постоење културно–историско наследство. Во обвинителниот акт се тврди дека овој документ не е предвиден со законските и подзаконските акти на Управата.  Според Кузман, пак,  единствено Управата е надлежна за издавања согласност во вакви случаи.

Со првостепената пресуда, која беше донесена пред точно една година, на четири лица им беше изречена условна казна.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk