/ Прочитано:

814

ФБИ го истражува лажниот твит за напад врз Белата куќа

Среда, 24 април 2013 – ФБИ истражува како хакери успеале да испратат лажен твит на акаунтот на „Асошиетед прес“ на Твитер, за тоа дека претседателот Барак Обама е ранет во две експлозии во Белата куќа, пренесоа британските медиуми.

Портпаролката на ФБИ, Џени Ширер, потврди дека се води истрага, но не откри детали.

Лажниот твит се појави малку по 13 часот по вашингтонско време и за кратко предизвика силен пад на индексот Дау Џоунс, што се урна за 143 поена – од 14.697 на 14.554, но потоа брзо се врати на старо.

Случајот е истражуван и од Комисијата за хартии од вредност, додаваат британските медиуми. Портпаролот на „Асошиетед прес“ изјави дека агенцијата работи со Твитер за да го разјасни случајот. По хакерскиот напад АП го блокира својот акаунт на Твитер.

Одговорноста за нападот ја презеде Сириската електронска армија, но засега оваа информација не е потврдена.