ФБИ ќе отвори канцеларија во Србија
Петок, 8 јануари 2013 – Американското Федерално биро за истрага (ФБИ) ќе отвори своја канцеларија во Србија – се договорија српскиот премиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ и директорот на ФБИ Роберт Милер на средба во Вашингтон.
„Се договоривме за забрзување на размената на оперативна информација, бидејќи ФБИ го смета Белград за регионален лидер во борбата против криминалот“, рече Дачиќ.
Според срспкиот премиер Влада на Србија е подготвена да соработува со ФБИ за искоренување на сите видови криминал, тероризам, трговија со луѓе, наркотици и оружје.
„Заедничката работа ќе придонесе за подобрување на политичките односи меѓу Србија и САД“, истакна српскиот премиер.
Милер од своја страна се заблагодари на српската полиција и на другите служби за нивната помош во борбата против тероризмот.
„ФБИ повеќепати од српската полиција добиваше веродостојни информации за исламскиот екстремизам, особено по нападот врз американската амбасада во Сараево“, рече Милер.
На средбата меѓудругото постигнати беа и договори за продолжување на обуката на српски полицајци во академијата на ФБИ, за спроведување на специјални антитерористички курсеви и програми за спасување и ослободување заложници.