/ Прочитано:

1.663

Фискализацијата на адвокатурата е апсурд — Наим Цами, најискусниот меѓу дебарските адвокати

Најискусниот меѓу петмината адвокати, колку што брои градот Дебар, е Наим Цами. Потекнува од адвокатска фамилија: неговиот татко бил еден од првите петмина албански адвокати во Македонија. Во долгата листа на пријатели на адвокатот кој извесен период од животот се впуштил во политиката, се вбројуваат и: првиот претседател на Косово, сега покоен Ибрахим Ругова и експремиерот на Албанија, Сали Бериша. Според Цами, кој беше дел од претходното раководство на Адвокатската комора на РМ, фискализацијата на адвокатите претставува еден голем апсурд.

„Роден сум во Дебар, староседелец, но по сила на околностите израснав и се школував во Приштина. Првото мое вработување, како стручен соработник, беше во Окружниот стопански суд во Приштина, а работев и како приправник кај првиот албански адвокат во Косово, Зеѓи Арни. Инаку може да се каже дека јас пораснав во адвокатска канцеларија, бидејќи и мојот татко Азис Цами во 64-та година беше еден првите петмина албански адвокати во Македонија, но во 68-та година се преселивме во Косово, каде, пак, според регистарот беше третиот адвокат од албанска националност“, ја почнува својата приказна дебарскиот адвокат Наим Цами.

Цами, со задоволство се присеќава на времињата кога раководел со правниот сектор во интерната банка на комбинатот „Агро-Косово“, но со разочарување појаснува дека компанијата во 92-ра година отишла во стечај.

„На Косово работите идеа во лоша насока, но не знаејќи што ќе се случи 99-та година, 96-та се вратив во Дебар и отворив адвокатска канцеларија, па ете до денеска сум тука“,  раскажува тој.

Во Дебар моментно има пет адвокати, меѓу нив, Цами е со најдолг стаж.

„Еден колега, на шега ми вели: ‘Наим ти ќе влезеш во Гинисовата книга на рекорди, повеќе од 17 години си адвокат во Дебар, бидејќи никој повеќе од 5 години не останува тука да работи адвокатура“, низ насмевка раскажува дебарчанецот.

Сепак, Цами смета дека бројката на адвокати во овој мал град, како и во сите други мали градови, треба да се ограничи.

„За Дебар се предвидени двајца или тројца нотари, односно оваа бројка се одредува според бројноста на населението. Значи во едно мало место, каде што имате основен суд со намалена надлежност, треба да се земаат предвид овие работи. Значи, во ред се пет адвокати, но шест веќе би биле премногу. Зошто на нотарите ова им се овозможува, а  на нас не?!“, прашува адвокатот.

Вели дека имал среќа да стекне искуство во речиси сите правни области, но не му се допаѓа кога некој неговите колегите себеси се нарекува „кривичар“ или „парничар“.

„И во Приштина, кога почнав да работам кај адвокат, а од 92-ра година и самиот како адвокат, имав среќа да работам во сите области. Од кривичната материја, сум работел на: силувања, убиства, грабежи, дрога, трговија со луѓе, оружје…,  сите сум ги поминал низ годиниве. Нормално исто и во граѓанската област, сите дела, од А до Ж. Не ми се допаѓа, кога некој колега вели јас сум „кривичар“, или јас сум „парничар“. Ние сме земја од само околу два милиони луѓе, па не можеш да речеш: ‘ќе ја работам само оваа област, а другата не ме интересира’, ми звучи во најмала рака несериозно. Знам колеги кои зборуваат така, а работеле се’, а знам и колеги кои не работат ништо, а зборуваат така. За мене, привилегија и чест е што сум работел во сите области“, истакнува адвокат Цами.

Украсена со бројни слики, дипломи, сувенири – канцеларијата на адвокатот Цами и самата „раскажува“ приказна, но сепак највоочливи се фотографиите од неговите три деца, неговата гордост.

„Имам три деца, од кои, две се близнаци. Највозрасната, ќерката, пред само три месеци магистрираше на Правниот факултет во Приштина – меѓународно арбитражно право, доста тешка област. Денот кога ја бранеше магистерската, бев многу горд татко. Син ми е исто така на постдипломски студии во Приштина, но тој се определи за малку полесна материја, кривично право. Најмалата ќерка се определи за моден дизајн, јас го прифатив нејзиниот избор, задоволен сум, ако таа е среќна и јас сум“, раскажува тој.

Говорејќи за новите генерации правници, смета дека денешните студентите многу лесно се стекнуваат со дипломи.

„Јас и на моите деца кога им зборувам, им велам: многу важно човек да учи зошто тоа ќе му треба во иднина, а не да учи само за да положи испит. На жалост, сите знаеме како денеска се добиваат дипломи. Правосудниот испит кој го положив во 80-тите години, беше испит за кој ние сонувавме, животен испит за мојата генерација. Како и во Скопје, и во Приштина се полагаше пред една комисија при Министерството за правда. Јас паметам дека претседател на комисијата беше претседателот на тогашниот Окружен суд Приштина, Србин, Љуба Поповиќ. Беше многу строг, „до небо и назад“,  построго не може. Поповиќ исто така беше врвно спремен и многу умешен судија. Јас, кaко и многу други кандидати, парнична постапка полагав кај него, замислете со полагањата почнувавме во 15 часот напладне, а јас го положив испитот во 3.40 наутро.  На многу мои колеги од Скопје кога им раскажувам за овој детал, ме гледаат со неверување, но тоа е големата вистина. На тој испит му се даваше многу голема важност и не можеше да се ургира“, вели Цами.

Во долгата листа на пријатели, на адвокатот кој извесен период од животот се впуштил во политиката, видно и од фотографиите во неговата канцеларија, се вбројуваат и првиот претседател на Косово, сега покоен Ибрахим Ругова и експремиерот на Албанија, Сали Бериша.

„Со покојниот др.Ругова бев доста близок. За мене, тој секогаш ќе претставува една од најголемите личности во Југоисточна Европа. Тоа време, негде од 89-тата година до неговата смрт, поготово додека бев активен во политичкиот живот на Приштина – како и многумина косовски интелектуалци во тој период, за мене ќе останат најопасните, но најубавите години.  Проф. др. Бериша, исто така го познавам од тие години и многу го ценам. Исто така тој е врвен интелектуалец, човек кој зборува пет странски јазици. Како политичар се покажа извонреден, се спротистави на едeн екстремно суров диктаторски режим во Албанија. Според мене, ќе остане еден од најдобрите премиери кои Албанија ги имала. Но никогаш познанствата со овие две историски личности не сум ги користел за свои лични интереси“, потенцира Цами.

Ние, како Управен одбор, не требаше да дадеме неотповиклива оставка“

Коментирајќи ги состојбите во Адвокатската комора на РМ, каде Цами извесно време  бил претседател на Надзорниот одбор на АКРМ, но и член на Управниот одбор Комората, оценува дека претходниот претседател, Ненад Јаниќевиќ одлично си ја вршел  улогата на раководител.

„Шест години бев претседател на Надзорниот одбор и три години бев член на Управниот одбор. Претседател сум и на Комисијата за односи со правосудните органи. Преку Комората сум делегиран и за член и на Државниот совет за превенција на малолетничко престапништво каде имам петгодишен мандат. Бев член и на Комисијата за полагање на адвокатскиот испит, кој нема ништо заедничко со правосудниот испит, а ни беше сугериран од Европската унија и додека во сите адвокатски комори во нашето опкружување истиот постои, односно се полага, на жалост Уставниот суд на РМ го укина без никаков повод. Во однос на поранешниот претседател Ненад Јаниќевиќ, сметам дека беше одличен раководител на Комората, иако луѓето зборуваат разни работи, сепак мислам дека додека не се „внатре“, не се свесни за некои работи. Убеден сум дека г-динот Ненад Јаниќевиќ до моментот на неговата оставка, без никаква двојба дал најголем личен допринес како претседател на Управниот одбор на АКРМ за унапредување на адвокатурата во РМ и нејзината афирмација надвор од државава. Со претседателот Јаниќевиќ имавме извонредна комуникација со повеќе адвокатски комори низ Европа и светот. Во тој период АКРМ стана член на многу соодветни меѓународни организации и тоа под уставното име на државата! На нашите годишни собранија имавме и по 28 странски делегации, кој имал толку странски делегации на едно собрание?! Се изборивме за неколку круцијални работи: измени на ЗКП и ЗПП и други закони во прилог на адвокатурата во РМ; а неколку работи како Законот за адвокатски маркички, кој успеавме да го наметнеме, па оспориме во неколку дела, ни останаа недовршени. Некои други сметаа дека фискализацијата ни е потребна, јас сметам дека тоа е голем апсурд. Адвокатите во ниту една држава од нашето опкружување, па и пошироко, не се фискализирани“, истакнува тој.

Според него, одлуката, претходниот Управен одбор на АКРМ да си даде оставка на вонредното собрание што се одржа во Кичево, е неправилна.

„Во однос на новото раководство, не би бил ниту добар политичар, ниту добар адвокат ако не сум прагматичен. Не го знам г-динот Никола Додевски, не можам да судам, претпоставувам дека е добар како адвокат. Мандатот на ова раководство е до мај 2014 година и не знам што би можеле да направат, бидејќи не ги знам луѓето, не им ги знам капацитетите. Само знам дека немаше потреба Ненад да биде сменет на тој начин, а исто така сметам дека и ние, како Управен одбор, не требаше да дадеме неотповиклива оставка без никаков повод. Ценам дека она што се случуваше на вонредното собрание  во Кичево не беше во ред. Ние сме адвокати, не ни личи такво однесување, пред се и најмногу поради фактот што сме најповикани да ги браниме и спроведуваме законските решенија, како и Статутот на АКРМ,  а не да ги уриваме истите со тоа што постапуваме спротивно на нив“, подвлекува адвокат Цами.


Разговараше: Елена Павловска Објавено: 30.09.2013