/ Прочитано:

2.045

(ФОТО) АКАДЕМИК Конференција во Белград – Нова светлина во светот на правото, настан за кој долго ќе се говори!

Среда, 21 мај 2014 – Во понеделникот во Белград, во организација на АКАДЕМИК, се одржа Втората Регионална Конференција „Управување со правни ризици“ што воедно претставува успешно продолжување на Првата Регионална Конференција од истата тематика која се одржа минатата година во Скопје. Она што беше поставено како цел на Првата Конференција, овојпат во Белград не само што ги потврди како заложба за обединување на регионалната и светската правна мисла и фела, туку постави и нови стандарди во креирањето на настан кој едновремено ќе биде корисен едукативен простор за размена на искуства и идеи, но и совршено пледоаје за создавање на нови професионални контакти, пријателства и меѓусебна соработка. Со таквиот впечатлив епитет, Конференцииите на АКАДЕМИК се потврдуваат како асоцијативен европски бренд за препознатливост на современите правни трендови, кои сигурно, чекор по чекор, од иновативна идеја до врвна реализација, а со внесување на искрен ентузијазам најавуваат дека токму од Македонија, преку  регионот и Европа, светот ја добива една од поблескавите вредности на современото право и деловната глобализација.

АКАДЕМИК Конференцијата – Нова светлина во светот на правото

Пред широкиот аудиториум, составен од членови на видната домашна и регионална академска заедница, високи политички претставници од областа на правдата, адвокатура, правосудство, претставници на универзитетската и студентската средина, бизнис заедницата и менаџментот, публицистиката и почитувачите на правната мисла, со поздравните зборови на познатиот македонски адвокат Георги Димитров чија визија се преточи во нова реалност за правото, започна Втората Регионална Конференција „Управување со правни ризици“ во Белград.

Аплауз, нескриено задоволство и почит го проследија поздравниот говор на Димитров, воедно упатувајќи му благодарност за покажаната солидарност и хуманост на АКАДЕМИК за настраданите во временската непогода во Република Србија, но и благодарност што токму преку АКАДЕМИК во миговите на скршениот дух, се појави нова светлина која не означува ништо друго и не дава поинаква порака од онаа вистинската – дека развојот на регионот и космополитизмот на правото е во интегрирањето на солидарноста, креативната мисла и размената на позитивна енергија, нешто што АКАДЕМИК толку посветено и успешно го промовира како вредност.

Со одржување на вакви советувања се гледа светлина, се гледа крајот на тунелот, рече претседателот на Адвокатската комора на Србија, Драгољуб Ѓорѓевиќ во својот поздравен говор, притоа искажувајќи огромна благодарност што АКАДЕМИК внесува нови стандарди во развивањето на мислата за правните ризици кои нужно се поврзани со владеењето на правото – услов без кој прогрес не е можен.

Чедомир Бацковиќ, помошникот министер за правда на Република Србија, во својот говор истакна дека му е чест што присуствува и што токму во Белград се организира настан кој значи внесување на современи содржини во правната практика и професија, осебено што и неговата земја е исправена пред предизвиците за имплементирање на управувањето со правни ризици како државна стратегија, притоа посочувајќи ги конкретните легислативни акции на тој план, кои, како што акцентираше, голем дел се посветени на управувањето на правните ризици како алка во градењето на правната држава и правната сигурност.

Тим Џонс, угледниот британски адвокат, ги пренесе своите значајни искуства поврзани со правниот менаџмент за Олимписките игри во Лондон. На голем интерес на публиката, тој говореше за организационите, адвокатските и менаџментските аспекти за реализацијата на големиот настан, енумерирајќи ги деталите од организационата природа на настанот посочувајќи го институционално-извршниот фактор во организациска смисла, превенцијата од ризиците и нивното решавање, предвидливоста на можните опасности од појава имотно-правни спорови, преку економските злоупотреби во маркетиншки контекст, па се до детектирањето на појавите на тероризам кога се организа настан со таква глобална интроспекција и валоризација.

Рикардо Угарте, одличниот американски адвокат со богато интернационално искуство, низ мошне исцрпна правна анализа со посочување на конректни арбитражни постапки и спорови говореше за правните ризици во арбитражните постапки и инвестициските договорни спорови. Угарте вешто направи експликација на типовите на арбитража, заштитата на интересите на инвеститорите како еден од неопходните услови за инвестиции, условите под кои се склучуваат инвестициските договори како модалитети за креирање на правна сигурност, важноста на судството во земјата за инвестициите и значајноста од примената на неутралната арбитража, со засебен осврт на постојаните и ад хок арбитражите.

Предавањето на Метју Вајли, експерт за правни ризици од Лондон имаше исклучително корисен придонес на оваа Конференција. На јасен начин, со прецизни варијабли, неговиот говорнички фокус во врска со прашањето на правните ризици во организациите и структуирањето на менаџментскиот систем, беше заснован на интелигентен, атипичен и темелен методолошки приод. Каков е визионерскиот валоритет од инклузија на адвокатите и нивното знаење во таа област, потребата за креирањето на стратешки совети со подготовката на анализа за правните ризици во корпоративниот сегмент, прецизното оценување на состојбите и детализирање на прегледот во методолошкото систематизирање во управувањето со правните ризици, беа насоки со кои Вајли практично и отвори една, условно кажано, револуционерна тема, која, како што рече, е прашање на иднината на корпоративното и менаџерско работење.

Угледниот адвокат Георги Димитров говорејќи за правните ризици во парничната постапка и одредувањето на процентот на ризик во судскиот спор, приопшти одлична едукативна анализа, концентрирана на квантифицирањето на правните ризици, идентификацијата, структурата, комуникацијата, управувањето и мониторингот, посочувајќи дека правниците и адвокатите кои се најупатени во материјата на правните ризици ја имаат таа ексклузивна можност да ја препознаат и да ја проценат состојбата во таа насока. Учесниците имаа можност да ја проследат неговата извонредна презентација заснована на анализа на судски случаи како симбиоза на искуство и хипотетичност, која, несомнено, не само што го има нивото на еден вид консултатувен практикум, туку импонира со експликативноста на теоретско-истражувачки аргументи во еден повисок академски стадиум.

АКАДЕМИК Конференцијата за управување со правни ризици не би го имала префиксот на Конференција со прогресивнен академски концепт доколку во неа не би бил опфатен и спојот на технолошко-дигиталната и правната област. Илијанчо Гаговски, директор и основач на PrymApps, ја презентираше програмата АСПЕКТАЛ, која како новитет беше пријатно изненадување за учесниците на Конференцијата, кои увидоа колку современата технологија може да ги реши практичните проблеми на канцелариското работење, што означува и експедитивност и економичност и прецизност – начела кои се од витално значење во правната практика.

Александар Ицковски, директор на правната служба во „ONE“ во своето излагање се осврна процедуралните корпоративни компоненти на правните ризици, менеџментот и деловното работење, прикажувајќи солуции за правните ризици од корпоративна гледна точка и важноста на стратешкото имплементирање на планови за развојот на компаниите.

Правните ризици неминовно како современ правен тренд се поврзани и во пошироки економско-деловни контексти. Јавното-приватно партнерство е еден од нив. Кои се предизвиците на Јавното-приватно партнерство во урбаните развојни проекти низ сите нивни специфичности беше прашањето кое низ говори и панел дискусија го дискутираа Урош Поповиќ од Bojović & Partners, Кристофер Браун од Norton Rose Fullbright и Есер Џевахир од Cevahir Holding.

Кристофер Браун ги пренесе своите искуства во реализацијата на проектот „Лондонско око“, еден од помаркантните британски проекти од Јавно – приватното партнерство, притоа пренесувајќи ги своите драгоцени искуства од извршувањето на тој проект, кои биле предизвиците и што всушност претставува Јавно-приватното партнерство од економски и инвестициски аспект во пошироки рамки.

Суштинско надоврзување кон презентацијата на Браун претставуваше и излагањето на Есер Џевахир, кој пак се осврна на нивниот динамичен инвестициски циклус на неговата компанија ширум светот, со посебен акцент на Балканот и Македонија. Џевахир укажа на важноста од јавното-приватно партнерство за економијата, атуелноста на јавното-приватно партнерство како инвестициски и економски тренд, акцентирајќи ја институционалната и бизнис соработката на субјектите како создавање на извонредна можност за остварување на поволни национални и приватно-деловни резултати, во кои треба да бидат инкорпорирани тенденциите и на современите правни афинитети, вклучително и управувањето со правните ризици. Панел дискусијата на говорниците низ која непосредно ги открија своите искуства од јавното приватно партнесртво беше единствена можност и за квалитативен судир на идеи и насоки како од приватните иницијативи може да се преточат во врвен јавен, државен и интернационален интерес.

Завршетокот на Конференцијата беше одбележано со присуството со легендата на адвокатурата, познатиот српски адвокат Тома Фила, кој на нему својствен начин ги образложи управувањето со правните и другите ризици во кривичната постапка и поставеноста од специјалните судски одделенија за организиран криминал. Дали е потребно постоењето на специјалните судови, начелото на презумпцијата на невиност и медиумите и влијанието на политиката во правосудството, беа клучните поенти на кои се задржа реномираниот адвокат, кој низ примери, кои, како што рече, нему му се омилени за доловување на клучната поента, а на особено задоволството на публиката, пренесе дел од своето драматично искуство. Она што можеше да се заклучи сумарно од презентираниот адвокатски опус  на ценетиот адвокат е дека клучен проблем во кривичната постапка секогаш се наметнува политиката и влијанието на политичарите. Со својот дух и раскажувачка моќ, Фила предизвика огромни позитивни реакции кај учесниците, особено кај младите студенти кои нестрпливо чекаа да се запознаат со, како што го нарекуваат, живата адвокатска легенда.

И токму тие, спојот на младите студенти и нивните постари колеги со веќе профилиран дострел во професијата, на оваа Конференција и дадоа дополнителен шарм на едукативност и впечаток кој ветува многу и единствено на АКАДЕМИК Конференциите како голем влог во современото право.

Прекрасните презентации на говорниците, меѓучовечките и професионалните релации кои се содадоа на Конференцијата, генерирањето на нови идеи, нови спознанија и информации од претставници на професијата кои се синоним за успех  и иноватитвост кај бројните присутни учесници предизвикаа непоморливи реакции на задоволство, кое пак не може да не биде забележано и од самите говорници за кои Конференцијата е настан кој отвора ново поглавје во современото право.

Конференција која отвора ново поглавје, настан за кој долго ќе се говори, велат предавачите

„Конференцијата е одлична и доаѓа баш во вистински момент. Ова е тема, на која треба да се обрне внимание со цел успешно функционирање во современиот свет. Србија исто така спроведува стратегија за справување со правни раизици. Нашиот Закон за буџетски систем е многу прецизен дека сите органи и организации се задолжени до крајот на годинава да подготват стратегија за  управување со правните ризици, или воопшто „risk management“, вели Чедомир Бацковиќ.

„Исклучително важна конференција и она што можам да кажам е дека главната порака на секој ваков настан, поготово за земјите од регионот,  дека подигнувањето на капацитетот на правната професија е многу битно. „Legal risk management“ претставува еден многу битен почеток на тоа“, вели Драгољуб Ѓорѓевиќ.

Метју Вајли „BLP London“

„Конференција е од голема важност бидејќи се работи за тема која е од големо значење како што е управувањето со правните ризици, за кое и во текот на моето излагање образложив дека за компаниите предвидувањето и вреднувањето на управувањето со правните ризици треба да претставува еден од приритетите како иновативен модел во нивното деловно работење“, вели Метју Вајли.

„Втората Регионална АКАДЕМИК Конференција „Управување со правни ризици“ во Белград како продолжение на Првата Регионална Конференција која се одржа во Скопје, ги потврди и надмина нашите очекувања и би сакал да истакнам дека особена чест и задоволство е што низ една ваква инспиративна атмосфера веќе ја најавуваме Третата Регионална Конференција која ќе се случи следната година во Истанбул“, вели Георги Димитров, адвокатот чија визија денес е синоним за сиот потенцијал на Конференцијата.

„Конференцијата е мошне успешна и исклучително корисна, опфативме прашања кои се од витално значење за компаниите и нивното работење, од правен и деловен аспект, па секако позитивно е што на овој начин се развиваат и нови меѓучовечки и деловни контакти и релации, што пак од друга страна отвора нови перспективи и за самиот менаџмент, кој беше дел и од денешната презентација“, вели Александар Ицковски.

„Конференцијата е извонредна, одлично обмислена, особено што претставува и можност стручната фела да се запознае со развојот на технолошките аспекти во правната професија, што  беше и темата на моето предавање, а кое се однесуваше на презентацијата на Аспектал како електронски систем за управување во адвокатските канцеларии и правните служби“, вели Илијанчо Гаговски.

„Навистина конференцијата е одлично искуство во услови кога оваа тема станува се побитна и „пожешка“ низ цела Европа. Конкретно, минатата недела бев во Копенхаген со околу дванаесетмина советници на многу големи компании и беше интересно да се слушне како тие му пристапуваат и како гледаат на управувањето со правните ризици како еден од главните елементи на нивната работа. Тие не само што ги менаџираат правните ризици, туку ризиците на компаниите од секаков вид“, вели Тим Џонс.

„На панел дискусијата говоревме за Јавното – приватно партнерство, дискусијата помина извонредно со соговорници кои директно се вклучени во развојните проекти, а можам да кажам дека самата Конференција се разликува од разните настани од ваков тип како во организацијата така и во квалитетот на презентациите. И секако, драго ни е што настан со вакви карактеристики се одржа во Белград“, вели Урош Поповиќ.

„Конкретно на Конференцијата ги дискутиравме прашањата за јавното-приватно партнерство. Говорев за проектот Лондонско око,  а низ панел дискусијата поделатно ги пренесовме нашите искуства.  Конференција е многу корисна и на извонреден начин ги обработува прашањата кои се однесуваат на развојните проекти, нивните специфичности и однесувањето на деловните субјекти во врска со правните ризици на планот на урбанизмот“, вели Крис Браун.

„Моето предавање беше фокусирано кон Јавното – приватно партнерство во Турција и проектите на нашата компанија. Ми беше задоволство што присуствувам на ваков настан и многу сум задоволен од Конференцијата. Искрено, сум присуствувал на повеќе настани и собири, но најискрено ви велам дека не сум бил на подобар настан од оваа Конференција и благодарен сум за тоа“, вели Есер Џевахир.

„Многу убав настан, за жал под сенката на елементарната непогода која се случи во Србија, но и покрај емоциите, вредно беше за мене да бидам дел од оваа Конференција на која зборувавме за кривичната постапка и специјалните судови. Се чувствував пријатно, посебно задоволство ми е што го организираат македонски правници, знаете и моето потекло е од Македонија, па ете и во духот на соработката и солидарноста, добро е што правниот збор добива регионален квалитет низ организацијата на оваа Конференција“, вели адвокатот Тома Фила.

„Мислам дека Конференцијата беше крајно значителна и ги презентираше новите начини за истражување на правните проблеми со кои се соочуваат коорпорациите и инвеститорите и тоа на начин на кој подобро ќе се разбере и менаџира правниот ризик. Го поздравувам ваквиот серија на регионални Конференции на АКАДЕМИК!“, вели Рикардо Угарте.

Учесниците за Конференцијата искажуваат благодарност и почит за идејата

„Можам да кажам дека впечатоците се одлични. Сите студенти со кои зборував по конференцијата се многу задоволни и со одлични впечатоци и можам само уште еднаш да ви кажам благодарам!“, Горан Милојевиќ, претседател на ЕЛСА Србија. 

„Голем фан сум и ја следам работата на г-динот Георги Димитров. Мислам дека е еден вонсериски адвокат на нашите простори. Јас сакав да дојдам и на конференцијата во Скопје, но поради други околности не успеав да бидам дел од истата, па едвај ја дочекав белградската конференција. Во секој случај може многу да се научи многу од ова случување и се гледа дека сите се расположени да го споделат своето знаење, отворено и без никакви прикривања. Ова е можеби и една од најдобрите конференции на кои сум присуствувал!“ – Александар Ѓорѓевиќ, адвокат од Белград. „Многу убави теми: поучни, искуствени, емпириски. Сметам дека вакви конференции треба почесто да се организираат. Во Скопје на конференцијата не присуствував, еве на белградската – присуствувам, а во план ми е да бидам дел и од следната“ – Ненад Крстевски, д-р на правни науки, директор на Правна служба во АД МЕПСО.
„Многу сум задоволен од конференцијата бидејќи стана збор за прашања кои се многу присутни во пракса. Така што сакам да истакнам дека конференцијата беше многу убаво осмислена и организирана и сметам дека беше ефикасна“ – Александар Младеновиќ, Јавно Обвинителство Белград.
„Ваквите конференции се многу битни. Ова е можеби некако почеток во регионот во однос на оваа тематика и го поздравувам чекорот. Предавчите беа исклучително интересни и педагошки ја завршија својата работа“ – Млада Катиќ, судија во Прекршочниот апелационен суд во Белград.

„Многу сум задоволен и од организацијата на конференцијата и од предавачите. Поготово ми се допаѓаше излагањето на г-динот Димитров, тема за која сме многу заинтересирани, како јас, така и моите вработени во адвокатската канцеларија. Би сакал да има вакви конференции многу почесто“ – Александар Сајиќ, управувачки партнер во адвокатската фирма „Сајиќ“.

„Идејата за организирање на ваква конференција е навистина добра и пожелна. Мислам дека вакви конференции треба да почесто да организираат за да можеме полесно да дојдеме до посакуваната цел.“ – Слободан Шошкиќ, претседател на Адвокатската Комора – Белград. 

„Legal risk management“ е една жива материја, една широко поставена област која мора да ја посматра како адвокатот, така и клиентот, како судовите, така и поединците. Правниот ризик е тема која е секогаш во центарот на случувањата на еден адвокат кој има тендеција да биде алка меѓу клиентот и судот и добро и да ги предвидува правните ризици“ – Владимир Шошкиќ, адвокат од Белград.

Конференцијата се одвиваше во најдобар ред. Јас сум сигурна дека целните групи секако извлекоа некаков заклучок од оваа конференција: некои предавачи беа повеќе фокусирани правните ризици во компаниите, други, пак, се фокусираа на генералните правила и воопшто се она од што се состои правниот ризик“ – Маријана Познан, директор на Правниот сектор во „Fresenius Medical Care“.

„Многу сум задоволен сум од конференцијата и битно е што имаше многу квалитетни предавачи кои зборуваа за различни апсекти од областа на утврдување на правниот ризик. Тие го споделија своето искуство за тоа како се проценува правниот ризик, како да работиш подобро, воопшто како до правна сигурност“ – Станко Дивљаковиќ, студент во трета година на Правниот факултет во Белград.

„Би сакала да искажам најпозитивни впечатоци поготово што тука стана збор за една тема која нашите простори сѐ уште не е толку развиена и тема на која секако треба постојано да се зборува и слушне нечие професионално искуство.  Дефинитивно многу значајна тема во сите области од правото“ – Лилјана Пауновиќ, Канцеларија за регулаторни реформи и анализа на ефектите од прописите. 

„Конференцијата беше навистина многу добро организирана, предавањата беа одлични. Слушнавме интересни искуства во однос на темата“ – Марија Чабаркапа, адвокат од Белград.

„Многу сум задоволна од конференцијата. Ова е нова тема за која можеше да се слушне од различни меѓународни предавачи што е многу корисно за нас“ – Милка Гајинов, судија во Основниот суд во Нови Сад. 

„Конференцијата беше одлична, поготово фактот што имаше учесници од регионот и пошироко допринесе за  еден навистина квалитетен настан“ – Саво Манојловиќ, помлад соработник во Уставниот суд на Србија. 

„Конференцијата беше многу добро организирана, беа изнесени некои нови аспекти во правото. Воопшто конференцијата е многу значајна за правната сигурност, тема за која генерално многу малку се зборува. Предавачите беа многу квалитетни, нивните излагања беа одлични!“ – Валентина Ранкуловиќ, студент во четврта година на Правниот факултет во Белград. 

„Многу интересна тема! Предавачите исто така беа многу квалитетни. Препорачливо е македонските правници да се дел оваа конференција и во иднина. Само напред!“ – Бојана Стефановска, правник во Агенција за електронски комуникации.

„Искрено многу ни се допадна конференцијата, дури и ги надмина очекувањата. Нивото беше исклучително високо, тргнувајќи од квалитетот на самата организација до изборот и темите на предавачите. Конференцијата беше и одлична прилика да се разменат искуства и контакти со колегите од регионот – правници и припадници на бизнис заедницата“ – Влатко Ристовски, адвокат од Скопје.

 „Екстремно сум задоволен од конференцијата, иако не сум по професија правник ме интересираат содржините. Имав прилика да бидам дел и од скопската и мислам дека оваа ја надмина и таа конференција. Излгањата на предавачите беа прекрасни, особено оние кои се однесуваат на искуството како се применува правото. Последното предавање на легендарниот адвокат Тома Фила мислам дека ја обележа оваа конференција“ – Лазар Заковски, сопственик на „Еуро Табак“ ДОО Скопје.

„Конференцијата ги надмина моите очекувања, многу сум задоволна. Предавачите беа многу стручни, поготово ми се допаѓа што имаше многу примери од пракса. Од мене сите пофалби! – Александра Гајиќ, директор на Службата за правни работи во АД „Sberbank“ Србија.

„Конференцијата е една првите на ваква тема во Србија и беше навистина многу успешна. Имаше многу интересни теми, се разговараше на многу битни прашања. „Legal risk management“ е тема на која се зборуваше и  истата создава многу главоболки во фирмите. Последниот, кривично – правниот панел беше фантастичен – еден од најдобрите адвокати на просторот на поранешна Југославија одржа фантастично предавање.  Исто така и граѓанско-правниот панел беше одличен, така што сум многу задоволен и едвај ги чекам на следната конференција организирана од Вас“ – Ненад Жујиќ, потпреседател за финансиски менаџмент во ЕЛСА Белград. 

„Конференцијата беше многу корисна и од аспект на тоа што целиот регион сега треба да се поврзе во правна смисла и затоа сметам дека треба да има што повеќе вакви настани“ – Јовица Бунчиќ, адвокат во „Нелт“ ДОО Белград.  

„Ваквите искуства и средби се од непроценливо богатство заради запознавање на практичната примена правото во различни средини. Сите пофалби за организација на ваков тип на конференција бидејќи на овој начин можеме да видиме каде се наоѓаме во моментов“ – Игњат Панчевски, адвокат од Скопје.

„Почестен сум што денеска сум тука. Исклучително сум задоволен од конференцијата. Досега не биле отворани вакви теми, имаше доста што да се слушне, особено од колегаtа адвокат од Македонија – г-динoт Димитров, но и колегата од Лодон – г-динот Џонс. Интересно е и поучно да се слушне. – Радомир Радојчиќ, претседател на Привредни суд Зрењанин.