/ Прочитано:

1.839

(ФОТО) АКАДЕМИК обуката за мобинг проследена со голем интерес од македонските компаниите

Среда, 2 октомври 2013 – АКАДЕМИК реализираше уште една успешна обука, овојпат на многу актуелната тема „мобинг“. Проследена со голем интерес од македонските компании, особено поради фактот што во Македонија годинава за првпат годинава се донесе Законот за заштита од вознемирување на работно место со кој се дефинираат правата и обврските на вработените и работодавници, практичната обука даде одговор на бројни, досега, неодговорени прашања.

Причините за донесувањето на Законот за заштита од вознемирување на работното место ги образложи пензиониранот државен секретар за труд во Министерството за труд и социјална политика, Стојан Трајанов. Врвниот експерт во ова поле, меѓу другото, преку практични примери на присутните им ја воочи и разликата помеѓу мобинг и дискриминација на работно место.

Стојан Трајанов, пензиониран државен секретар за труд во Министерството за труд и социјална политика

„Во рамки на обуката дадов поширок осврт на концептот и содржината на новиот закон: формите и облиците на заштита од мобинг, како и условите, начинот и постапката за заштита од мобинг кај работодавачот. Подетален приказ беше даден на процедуралните прашања поврзани со отпочнување и текот на постапката за заштита од мобинг кај работодавачот. Беа презентирани моделите на акти, како и обврските кои произлегуваат за работодавачите во врска со непосредната примена на законот, за што, може да се каже дека учесниците покажаа и најголем интерес. Интерес имаше и околу потребите од усогласување на колективните договори со законот и правилата на однесување на работодавачот“, вели Трајанов.

Во  вториот дел од обуката,  присутните имаа можност да ја слушнат експертизата на Георги Димитров, управувачки партнер вo адвокатско друштво „Георги Димитров адвокати“, во врска со правилата за комуникација со вработени. Во рамки на излагањето на Димитров, беа презентирани и примери на дозволено и недозволено однесување на работното место.

„Kомпаниите не треба да се заинтересирани да премолчат или да не постапуваат во случаи на сомнежи за мобинг. Напротив, треба да изградат систем во кој јасно ќе упатат порака дека случаите на мобинг ќе бидат лесно пријавувани и во соодветна постапка ќе бидат доследно санкционирани. Во спротивно, не само што следат санкции согласно законот, туку работната атмосфера во компанијата ќе прејде во друго, непродуктивно ниво“, порачува Димитров. 

Судските постапки при наводи за мобинг и за посредување, избирањето на посредник, текот и исходот на постапката за посредување, како и судската заштита подробно ги објасни судијата Санде Зиков од Основен суд Скопје 2, каде постапува по работни спорови.

„Присутните најголем интерес покажаа во однос на постапката за определување на посредник, односно составување на листата на посредници: работодавачот кај кого се вработени 50 или повеќе вработени е должен да состави листа на посредници кои ќе посредуваат меѓу страните во случај на вознемирување на работно место. Стана збор и за обврската за информирање на вработените, односно на кој начин работодавците да ги информираат вработените, бидејќи глобите предвидени во Законот за заштита од вознемирување на работното место се многу високи“, појаснува Зиков.

Учесниците за практичната обука на АКАДЕМИК

„Од страна на АКАДЕМИК, се организираат повеке обуки, на кој сум имала чест да присуствувам. За обуката која се одржа на многу значајната тема „мобингот“, пред се сакам да истакнам дека  беше многу успешно организирана, а  учесниците-модераторите сметам дека беа правите за оваа тема. Многу ми се допадна практичното објаснување од страна на претставникот од адвокатската куќа, конкретно преку тие примери ми се разјаснија многу прашања на оваа тема.“ – Елизабета Јовчевска, раководител на Одделение за општи правни работи по овластување во Општина Велес. 

„Обуката беше на задоволително ниво, предавачите доста стручно ја разработија темата од свој аспект, а мене како учесник ми се појаснија некои работи кои во Законот се општо опфатени, а ние треба да ги спроведеме. Истовремено добивме и некои практични примери како да постапиме во конкретни случаи. Во целост сум задоволна од изведената обука, мислам дека беше квалитетна и корисна за нас кои треба да го применуваме Законот. Посебно во оваа пригода упатувам пофалби кон тимот што ја организира обуката, а е во контакт со нас учесниците, на висина на задачата, љубезни и исполнителни.“ – Елизабета Једиковска-Митревска, раководител на Сектор за правни работи и човечки ресурси во Македонска Радио Телевизија.

„Обуката помина во најдобар ред. Презентерите беа реномирани и професионални во својата област и неегоистично пренесоа свои искуства, ставови, размислувања и слично. Обуката се одвиваше во пријатна и релаксирана атмосфера со добри општи услови за работа.“ – м-р Поповска Слаѓана, виш соработник за мотивација и меѓучовечки односи во Одделение за Управување со човечки ресурси во Агенција за администрација

„Задоволен сум од обуката која овој пат беше разработена на една многу актуелна и значајна тема за работните организации: „Мобинг“. Истата ми помогна околу расчистувањето на одредени дилеми кои се јавуваат во работното секојдневие.“ – Рено Рисковски, правник во Цементарница Титан Усје АД Скопје.