/ Прочитано:

2.014

(ФОТО) ДЕДО ЉУБЕ ВО ПРЕГРАТКИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ: „Правдата ќе победи!“

Вторник, 14 април 2015 – Аплаузи и прегратки во знак на поддршка за дедо Љубе пред Кумановскиот суд. „Херој, херој!“, извикуваа граѓаните кои спонтано се собираа пред Судот, каде што денеска требаше да почне судскиот процес против 75-годишниот Љубомир Митев од кратовското село Којково. Судот донесе одлука за одложување на главната расправа. Предметот по приговор на одбраната се враќа во фаза на истрага со цел точно да се утврди што се случило критичната ноќ кога старецот и неговата сопруга биле нападнати во нивниот дом во селото, од што зависи и квалификацијата на кривичните дела што му се ставаат на товар.

„Сметам дека правдата ќе победи. Јас го преживеав ова и се надевам дека Судот ќе ја најде вистината за тоа што ми се случи. Пак ќе кажам, јас сум сигурен во правдата“, рече дедо Љубе пред насобраните граѓани пред Основниот суд Куманово, кои изразија желба да присуствуваат на судењето.

Наспроти обвинителството, според кое старецот сторил убиство на миг, одбраната тврди дека станува збор за нужна одбрана.

„Кривичниот совет донесе одлука со која се прифаќа приговорот на одбраната, предметот да се врати во фаза на истрага во смисла да се дополни со предлозите на одбраната за коишто сметаме дека правилно и целосно ќе ја отсликаат фактичката состојба. Сметаме дека треба да се утврдат битни и решителни факти од кои зависи самото подигнување на обвинението вклучувајќи ја и правната квалификација“, појасни кумановскиот адвокат Христијан Георгиевски.

Тој додаде дека одбраната активно ќе се вклучи во новата истрага.

„Во истражната постапка одбраната на јасен и конструктивен начин, активно ќе дејствува со предлагање на свои докази, со предлагање на сведоци и експерти од различни области и   со изготвување на вешти наоди со цел Судот да дојде до материјалната вистина и да донесе законита и правилна одлука. Веруваме во институциите на системот, имаме целосна доверба во судскиот систем на Република Македонија. Јавното обвинителство во Куманово внимателно го разгледува секој предлог на одбраната. Веруваме дека со една заедничка поддршка и преку институциите од системот, дедо Љубе ќе ја добие заслужената судска одлука“, истакна. Георгиевски.

Трагичниот инцидент се случи ноќта на 27 февруари 2013 година кога во домот на Митеви упаднале Зоран Златков (28) и Борчо Иванов (30).  Според исказот на дедо Љубе, Златков и Иванов со часови ѕверски ги малтретирале него и неговата неподвижна сопруга, што беше видливо и од повредите со кои се здобиле, барајќи од нив да им кажат каде им се парите. Во моментот кога разбојниците биле во другата соба, тој успеал некако да се одврзе и да ја земе старата ловечка пушка, наследство, како што вели, од неговиот татко. Враќајќи се назад бил пресретнат од Златанов кој, како што се наведува во обвинението, со моторна пила се упатил кон него. Во тој момент испукал неколку куршуми од пушката при што го усмртил Златков, а Иванов, кој бил ранет, успеал да побегне.

Освен за убиство на миг, Обвинителството го товари старецот и за убиство во обид и за неовластено држење оружје.

Ова е вторпат како се одложува почетокот на судењето. Минатиот пат, рочиште беше одложено бидејќи дедо Љубе немаше определено законски бранител, по што неколку адвокати понудија бесплатна правна помош преку социјалните мрежи. Денеска во судница тој пристигна со двајца адвокати – Жарко Стевановски од Прилеп и Христијан Георгиевски од Куманово. Дел од одбраната е и Јанаки Митровски од Скопје.

Случајот на дедо Љубе буквално ги крена македонските граѓани на нозе. Тие бараат слобода за него, истакнувајќи дека само на тој начин ќе биде задоволена правдата. Петиции за помилување, јавни апели и барања за промена на кривичното законодавство се само дел од опциите за кои сè уште се дискутира на социјалните мрежи.

Ранетиот крадец по вторпат ја обжали пресудата пред Апелација

Минатата недела во Апелациониот суд Скопје, се одржа јавна расправа по жалбата на Борчо Иванов, кого првоостепениот суд, двапати го осуди на осумгодишна казна затвор за разбојништво. Според, бранителите на обвинетиот, Основниот суд во Куманово во повторената постапка направил суштествени повреди на постапката и не се водел според насоките што му ги дал повисокиот суд.

Иванов пред Судот тврдеше дека двајцата критичниот ден не отишле за да извршат разбојништво, туку за Златков да си ги побара 10. илјади денари, кои наводно му ги должел дедо Љубе за пушка што ја набавил од него.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со сведочењето на преживеаниот разбојник,  адвокатот на дедо Љубе, Христијан Георгиевски, денеска пред Основниот суд Куманово, истакна дека фактите се едно, а зборовите друго.

„Обвинетиот, односно оштетениот во овој случај, според правниот поредок не одговара за давање на своја одбрана. Сметаме дека негово право е да пружи одбрана“, рече Георгиевски.

>> ГРАЃАНСТВОТО И КРИВИЧАРИТЕ ВО ОДБРАНА НА ДЕДО ЉУБЕ: Само слобода може да ја задоволи правдата!

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk

Фото: Наке Батев