/ Прочитано:

2.890

(ФОТО ГАЛЕРИЈА) ПРОТЕСТИ „МОНСТРУМ“: Толпата разбиена — приведени шест лица, повредени дваесетина полициски службеници

Петок, 4 јули 2014 – Повеќе од илјада граѓани денеска во Скопје протестираа поради незадоволство од пресудата за случајот „Монструм“ со која шест лица се осудени на доживотна казна затвор.  Иако најавен на социјалните мрежи како мирен, протестот прерасна во насилен, а епилогот е дваесетина повредени полициски службеници и шест приведени демонстранти. Ситуацијата во моментов е смирена и се преземаат дополнителни мерки за обезбедување на јавниот ред и мир.

„Дел од полициските службеници се со тешки телесни повреди. Околу карактерот на повредите ќе чекаме да се произнесат соодветни медицински лица, тоа што можеме да го кажеме во моментов е дека не станува збор за живото-загрозувачки повреди“, изјави на прес конференција Иво Котевски, портпарол на МВР.

Протестите започнаа околу 13,20 часот на ул.„Цветан Димов“ пред џамијата „Јаја Паша“ каде се собраа над 200 граѓани кои носеа различни протестни транспаренти и знамиња. Масата започна да се движи во правец кон Бит Пазар во 13,40 часот.  „Ние не сме терористи“, „Јанкулоска терорист“, „Голема Албанија“, „Полициска држава“, „Алах е голем“, „Али предавник“, „Али куче“…, извикуваа демонстрантите.

До 14,00 часот бројката на луѓе кои протестираа се искачи и голем дел од нив за време на своето движење кон Основен суд Скопје 1, со камења и други предмети ги гаѓаа полициските службеници-ангажирани за обезбедување, при што беше скршени и прозорци на Судот.

Толпата потоа се упати кон Владата, но кај Трговскиот центар Мавровка стотина полициски специјалци, придружувани од оклопни возила и водени топови ги спречи и со употреба на солзавец и шок-бомби ги потисна кон Бит Пазар при што демонстрантите  полека почнаа со повлекување, оставајќи барикади од превртени и запалени контејнери и други предмети.

„Полициските службеници и понатаму продолжуваат со обезбедување на претходно утврдените критични локации. МВР ќе ги следи и социјалните мрежи преку кои се одвиваше мобилизацијата за насилните протести и апелира граѓаните да не дозволат да бидат манипулирани и инволвирани во какви било нарушувања на јавниот ред и мир“, велат од МВР.

Оттаму соопштуваат дека продолжуваат да работат на идентификација и на останатите учесници во протестите, со помош на сопствените снимки и снимките од медиумите. 

Демонстрантите се незадоволни од пресудата, затоа што според нив немало цврсти докази дека осудените се извршители на грозоморното убиство.

Минатата недела, Основниот суд Скопје 1 ги осуди на доживотна казна затвор за петкратното убиство – Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтоoбвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда бидејќи Судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот.

ФОТО: Иванa Батев

(Е. П.)