/ Прочитано:

1.928

(ФОТО) Поставен нов стандард во развојот на правната мисла и почеток на нова традиција – АКАДЕМИК успешно ја заокружи амбициозната задача

Петок, 25 октомври 2013 – Кои се правните ризици во меѓународната трговија и како да се справите со правните ризици во работните односи и споровите во врска со менаџерските договори. Како да се одреди процентот на правен ризик во парничните предмети и како адвокатите да управуваат со правните ризици во вршење на својата професија, беа едни од прашањата кои се дебатираа на вториот ден од Конференција за управување со правни ризици организирана од АКАДЕМИК.

Проф. др. Јан Трзасковски од Бизнис школата Копанхаген говореше за правните ризици во менаџментот и меѓународната трговија. Правниците мора да го познаваат менаџментот – беше основната теза на неговото предавање, бидејќи  добриот правник не само што ги познава законите туку мора да ги познава и законитостите на пазарот и предвидливоста во менаџментот, што од друга страна е поврзано со правните ризици во меѓународната трговија. Затоа е потребно познавање за креирање на структурен пристап, ризиците да се идентификуваат и да се поостават по начело на приоритет.

„Правниците мора да прават приоритети на ризикот, тие секогаш треба сигурно да одредат и да речат – овој ризик е поважен од другиот. Новите ризици не може да се толерираат, затоа што правните ризици се тековен и иреверзибелен процес и мора веднаш да се реагира“, потенцираше Трзаковски.

Тој упати едукативна порака до правниците дека мора да имаат холистички пристап кон материјата, а тој пристап да го засноваат врз неколку точки како ориентири во сложената проблематика. Како такви ги напомена: Подготовка на суштинска анализа, подготвеност за нови ризици, избегнување на ризикот од парници, дилемите околу етичноста, замената на приоритети и креирање на програми за усогласеност и одговор.

По ова одлично изложување, свој контрибут кон дебатата за правните ризици даде и истакнатиот адвокат од САД Блеин Бортник од „Blaine Bortnick, Liddle & Robinson“, кој на мошне исцрпен начин ја образложи дистинкцијата помеѓу домицилното право на САД визави моделите на европските правни системи. Она што остави впечаток беше изненаденоста на Бортник од споменувањето на политиката како фактор од страна на другите учесници, затоа што според него тоа е слабост на институциите. Во тој контекст, повикувајќи се на американските искуства, напомена дека само силни институции може да го минимизираат тој проблем. Тоа можеше да се спознае и преку неговото излагање кое аргументацијата ја рефлектираше низ призмата на работните односи и односот работодавач – работник со акцент на приватниот сектор.

Тој ги истакна формалностите околу склучувањето на овие договори, супремацијата на федералниот врз државните и локалните закони и можноста за нивен судир, како и обичајното право како елемент кој има улога во дефинирање на постапките. Информаците кои ги приопшти Блеин придадоа корисно спознавање на стуктурална дистинкција помеѓу различните правни традиции и актуелности во трудовата област.

„Во САД може работодавач да ве отпушти ако не му се допаѓа вашата вратоврска, затоа што сте носеле црвена вратоврска, а тој не сакал такви“, пластично и јасно ги објасни американскиот адвокат аспектите на некои делови од трудовото право на неговата земја. Со ова тој објасни дека правните ризици се дистинктивни. Тоа го илустрираше со судир на законодавства од различна културолошка провиниенција и простор. Меѓутоа и покрај овој фактор, правните ризици се спојуваат во сегменти на универзалност, односно нивното управување е апликативно во сите системи. Како најважни со таква функционалност ги напомена планирањето, базата на податоци и избегнувањето ризиците затоа што водат кон парници, а парниците се синоним за енормно губење на средства и време од страна на клиентот што во американската економска теорија на правото е прифатено – како ризик број еден.

Еминентниот адвокат Георги Димитров, управувачки партнер во „Георги Димитров Адвокати“, со нов, кретивен и оригинален пристап го образложи управувањето со правните ризици во компаниите. Исклучителен впечаток остави поентата на неговиот говор, особено почетокот. Имено, атипично, а на  позитивно изненадување за учесниците беше презентираната компарацијата на управувањето со ризици и раководната поставеност на компаниите со архитектурата. Спојот на градежното планирање и градењето на компанија, навидум толку неспоиви, а толку очигледни визуелно-суштински компоненти е олицетворена во архитектонскиот модел како урбанистички дизајн на секојдневиото сфатен како асоцијација на домот. Домот, куќата, собите во куќата се алузија на семејна присутност, а семејството функционира според механизмите на раководното функционирање на компаниите. Ваквиот приод кон експликацијата на управувањето, збогатен со правнофилзофска димензија беше крајно ефективен начин да се доближиме до сржта на проблематиката.

„Оттука правниот ризик не е еден, индивидуален ризик, тоа е мноштво од ризици“, истакна Димитров.

Кон тоа, Димитров го надоврза супстратот и методологијата на управувањето со нив: од вертикалното поврзување на раководната позиционираност во компаниите до нешто што е нужно системски. Нужноста погледнато од домот е одлучувањето базирано на интуитивност, за разлика во компаниите кое треба да биде на осмисленост и предвидливост. И од тоа може да се заклучи непроценливото значење на практиката и адвокатурата, чија суштинска правнофилозофска, економска и социолошка функција е истите да ги детерминира и управува низ праксата. Практичните услови за успешно управување се препознаваат како идентификација, структура, комуникација и мониторинг на правните ризици, кои пак се делат на ризици настанати од спорови, интерни прописи, неусогласеност на актите со законодавството и судските спорови.

Неминовни се и мерките кои треба да се преземат, а кои имаат структурална класификација. За појасен преглед и спознавање на посочената проблематика, неопходно е апсолвирање и идентифицирање на статичните и динамичните индикатори. Како поткрепа на ентузијастичкиот приказ на управувањето со ризици беше прикажана споредба на хипотетично водење на правни случаи, колкав е процентот на ризик во секој од нив и како да се лоцираат ризиците преку можна елиминација на степенот на нивната присутност. Низ ваков декартовски начин на перцепција на правото, адвокатот Димитров понуди оригинална формула и методологија на управувањето со ризици, што не само што е инспиративен теоретски приод туку и тип на водич и прирачник за секој адвокат и правник.

Марија Бојовиќ од „Бојовиќ & Партнери“ од Србија говореше за правните ризици поврзани со професијата адвокат. Нејзиното изложување беше фрагментирано во рамки на адвокатското делување, интерперсоналните и професинални односи на адвокатските соработници, кодексот на етичност и како да се создаде функционално друштво со квалитетен пристап до клиентот. Правните ризици системски ги поврза во овој круг на активности и искажа ниво на резерва во однос на политиката како фактор во областа на деловното и бизнис правото бидејќи во таа област капиталот е доминантен правен ризик. Тоа го илустрираше така што потенцираше дека кога се склучува договор помеѓу клиентот и адвокатот, врз адвокатот се префрла надлежноста за паранојата. Според неа тоа е така затоа што адвокатите секогаш го поставуваат прашањето – „Но, што ако се случи она?“ Оттука, правните ризици во правото се фрагментирани од различната природа на предметот, конкретно во предмети за кои од суштинско значење за клиентот е физиономијата на капиталот и правниот ризик својот приоритет го насочува кон правната превенција на истиот, од сите правноделовни и економски аспекти.

Марија Бојовиќ, „Bojovic & Partners“

Интересно беше да се слушне Невен Вранковиќ, личност со огромно професионално искуство, кој на конференцијата дојде како претставник Атлантик Груп. Природно беше тој да ја објасни и балканската позиционираност на компанијата затоа што и тука се соочила со најмногу правни ризици. Тоа е така, затоа што брендот на компанијата важела за национално богатство, а компании од таков тип како препознатлив национален бренд наидуваат на опструкции како инвестиција затоа што преку нив се препознава симболизам на национална доминантност. Србија и Словенија се едни од земјите кадешто оваа компанија имала можност да наиде на правни ризици, а тој тип на ризици во основа се тешки за премостување бидејќи го интегрираат факторот на ризик од необјективна природа за кои е потребно безмалку вештина на политичко преговарање. Затоа за тешките ризици е потребно да се детерминираат на време и во рана фаза да се детектира непремостливоста затоа што моше да предизвикаат штети. Кај ризиците кои може да се премостат најважно е да се запази односот продавач – купувач, да се внимава на психологијата и на потребите на купувачот. Во овие околности постојат Топ 3 вида на ризици: Недоверба, Парнични и Оперативни.

Невен Вранковиќ, Атлантик Груп

„Најдобар начин за избегнување на ризиците е како кога влегувате во соба да преговарате. Ако оцените во моментот, ако си го поставите прашањето – Мора ли ова да го купиме? – заминете си“, поентираше Невен Вранковиќ.

Кон компаниите како национално богатство се надоврза и излагањето на Борис Шаровиќ од адвокатското друштво „Boris Savoric, Savoric and Partners“, кој говореше за приватизацијата на компаниите во Хрватска. Интерес предизвика неговото објаснување на концептот „Компанија“ како национално богатство, затоа што според перфомансите и јавните перцепции за тоа, ваквите услови не концидираат со реалноста во Република Македонија. Сепак, истите може да се апсолвираат како искуства кои може да служат за лоцирање на пропустите околу етаблирањето на стратешкото планирање на пазарот и да се применат во сегментите од јавен интерес со слична економска-правна конотација.

Најважен момент кој беше посочен на ова излагање е прилагодувањето на законодавството и формата на договори со трендовите на новото право на новите правници. Иако метафорично кажано, новото право е аспект на правото кое ја следи логиката на капиталот, а тој потекнува претежно од земјите со доминантни финансиски пазари кај кои доминиум и применливост на англо-саксонскиот правен систем. Од таму потекнуваат и протекуваат најзначајните инвестиции, а за нив е светост правната сигурност и правната форма. Правната форма мора да го интегрира деталниот и комплициран јазик на подготовка на договори затоа што она што повеќето закони од балканското опкружување го имаат е одговорноста за физички и правни недостатоци, што се смета како превентива од лоши намери. Но, тоа не е во сферата на интерес на апликантите за инвестиции затоа што она што нив ги интересира е обемната, деталната и прецизната структура на Договорот. 

Како резиме, беше заклучено дека конференцијата ќе премине во традиција со цел секоја година современата македонска правна мисла да биде збогатена со нови содржини од теоријата и практиката.

Учесниците за Конференцијата

„Треба почесто да има вакви конференции, насловот е Прва регионална конференција, алудира на тоа дека и понатаму ќе има вакви конференции. Мислам дека е оганизирана на високо професионално ниво, дури ги надмина и моите очекувања. Во однос на изборот на предавачи мислам дека е одличен, со оглед на тоа што доаѓаат од различни земји и континенти, за секој правник е убаво да присуствува на вакво нешто – Марта Десовска, правник во „Штедилница можности“

„Бев само денеска, меѓутоа многу ми се допадна. Треба да се продолжи со вакoв тренд“ – Билјана Јанура судија во Основен суд Скопје 2

„Одлично организирано! Слушнавме мислења од други држави, од други адвокати, односно на кој начин тоа е регулирано во овие држави. Факт е дека тој правен ризик постои насекаде, треба навреме да се реагира да се намали ризикот затоа што штетни се последиците и за работникот и за работодавачите. Сметам дека конференцијата е успешна, а тоа се гледа и од посетеноста“ – Санде Зиков, судија во Основен суд 2

„Сметам дека организацијата е на високо ниво и истата ќе користи за подобрување на правната сцена во нашата држава. Слушнавме меѓународни искуства што е многу позитивно за нас.“ – Марко Димов, адвокат од Велес

„Прекрасна конференција, имавме можност да слушнеме на каков начин се решаваат правните ризици во други држави во Европа и светот. Особено предавањето на претставникот од Америка, г. Бортник, не воодушеви раскажувајки за нивниот начин на справување со правни ризици, кој за нашето подрачје малку е невообичаен. Сметам дека треба да се продолжи со вакви конференции во области кои навистина досега не е зборувано во нашето подрачје.“ – Јулија Чавдар-Христова, судија во Основен суд Скопје 1

„Треба да се продолжи со повеќе вакви конференции, многу е продуктивно, се слушнаа корисни совети и искуства од адвокатски канцеларии кои се надвор од Македонија. Паралела со Македонија не може да се направи, кај нас системот е сосема различен, но во секој случај добро е да се слушне.“ – Соња Пешовска, директор на Правна служба во „Империјал тобако“

„Конференцијата навистина многу значи за нас како правници, се стекнавме со нови искуства, слушнавме излагања на лица кои имаат искуства со справувањето со правните ризици“ – Фатон Мемети, Фонд за здравство Тетово

 >> (ФОТО) Идејата се претвори во реалност: Конференцијата за управување со правни ризици ја обедини светската правна елита