/ Прочитано:

1.594

(ФОТО) Се точи фалсификат „Скопско“ во Малезија

Среда, 5 март 2014 – Фотографии на фалсификувана лименка на пивото на брендот „Скопско“ деновиве кружат на социјалната мрежа „Фејсбук“, пишува „Утрински“

Според информациите кои можат да се прочитаат под фотографијата на лименката, таа е произведена во Кина, а фотографирана во Малезија. На самата лименка  јасно се читаат кириличните букви, со кои е напишано дека е произведена во пиварница во Скопје. Називот е изменет и наместо „Скопско“ пишува „Скооскк“. Инаку, лименката има и малку изменета боја од оригиналот, но многу потсетува на изгледот на една од постарите лименки во кои се пакуваше нашиот најпознат пивски бренд. Во скопската пиварница немаа никаков коментар на сликата со фалсификатот на нивниот производ.

Досега не е забележано копирање на овој бренд во нашата земја, појаснува Пазарната инспекција. Сепак, многу наши производи се цел на фалсификаторите, а особено текстилните брендови. На пазарите, но и во бутиците се продаваат верни копии на многу познати марки. Купувачите, советуваат пазарните инспектори, треба да внимаваат каде и каква козметика купуваат, бидејќи кремите и шампоните се меѓу најкопираните производи на нашиот пазар.

Фалсификаторите најчесто копираат амбалажа, бидејќи така најлесно се измамува купувачот. Се имитираат и логоа и етикети, бидејќи најчесто први паѓаат во очи кај потрошувачот. Пред две години во маркетите во Охрид и во Струга се појави леб што целосно наликува на оној на „Жито лукс“. Беше целосно копиран дизајнот на амбалажата на производите што директно ги доведуваше до забуна потрошувачите. Во Македонија лесно може да се купат и лажна ракија и вино. Винарската визба „Тиквеш“ уште во 2008 година воведе холограмска заштита сите жестоки пијалаци во кои спаѓаат и природната жолта лозова ракија, како и специјалната природна жолта лозова ракија. Сепак, информираат од Државниот завод за заштита на индустриска сопственост, неодамна била откриена ракија за која со хемиска анализа било утврдено дека е фалсификат, иако се продавала со етикета на „Тиквеш“. На еден од дивите пазари во Скопје инспекторите откриле и копии на вино на винарската визба „Сковин“.