/ Прочитано:

935

(ФОТО) Цариниците запленија 25 килограми марихуана на Табановце

Петок, 11 април 2014 – Вкупно 25 килограми марихуана заплени Царинската управа на Република Македонија во изминатите два дена во два одвоени случаја на граничниот премин Табановце на излез од државата.

Како што изјави на денешната прес-конференција директорката на Царинската управа Наташа Радеска-Крстевска, првиот случај е откриен вчера, околу 15:40 часот, кога на излез од државата  патничко моторно возило марка Цитроен Ц-3 со албански регистарски ознаки, управувано од С.Г. – албански државјанин, било селектирано за контрола. Во возилото, кое не било во негова сопственост, патувале и неговата вереница и нејзината мајка. При контролата царинските инспектори од Одделението за оперативни работи – мобилни тимови, во предната десна врата под тапацирот забележале едно пакување облепено со проѕирен селотејп наполнето со непозната зеленкаста материја со карактеристичен мирис.

При извршена контрола на целото возило, во сите четири врати во фабричките шуплини и во специјално направени бункери на предниот и задниот браник пронајдени се вкупно 30 пакувања, сите облепени со проѕирна селотејп трака и проѕирен целофан со тежина од околу 23 килограми. Веднаш по ова, случајот, за кој е осомничен албанскиот државјанин е предаден на инспектори од Одделението за истраги. Вредноста на запленетата дрога на нарко пазарот во западноевропските земји се проценува дека може да достиге до 40.000 евра.

„Во текот на спроведената предистражна постапка утврдено е дека пред 2-3 дена осомничениот добил понуда од неколку лица албански државјани за сума од 3.000 евра да пренесе 5 килограми марихуана, и ја прифатил поради лошата финансиска состојба во која се наоѓал. Марихуаната требало да ја пренесе до Милано – Италија. Утрото на критичниот ден, осомничениот го зел однапред подготвеното возило и заедно со неговата вереница и нејзината мајка, од Скадар тргнале преку Косово кон Италија“, рече Радеска Крстевска.

Исто така, таа информира и дека еден ден претходно, на 9 април, на истиот граничен премин во автобус со македонски регистарски таблички, кој патувал на релацијата Струга – Берн, во внатрешниот дел од автобусот во просторот наменет за личниот багаж, царинските службеници откриле околу 2 килограми марихуана.

„Дрогата е откриена во две најлонски кеси во кои биле ставени четири кутии од чајни колачи, така што од кутиите внимателно се извадени колачите и на нивно место е ставена дрогата, по што кутиите се затворени со оригиналната амбалажа“, рече директорката на Царината.

На прашањето на царинските службеници чии се најлонските кеси во кои била скриена дрогата, никој од патниците не се пријавил. По спроведените предистражни мерки за откривање на сторителите, царинските инспектори од Одделението за истраги утврдиле дека лицето С.А. (26) од с. Студеничани ја купило марихуаната пред 10-тина дена и ја спакувал во четири кутии од колачи, со намера дрогата да ја прошверцува во Австрија.

На 8 април, С.А. се сретнал со Ф.А. (17) и И.А. (23) од истото село, со кои се договорил тие на 9 април да му ја донесат дрогата на меѓуградската автобуска станица во Скопје, од каде тргнал на пат за Австрија.

Лицето С.А. е лишено од слобода и е предадено во Основниот суд Скопје 1 Скопје, каде му е определена мерка притвор во траење од 30 дена, додека осомничените со иницијали Ф.А. и И.А. се во бегство и се недостапни на органите на прогонот, а инспекторите од Одделението за истраги ги преземаат сите мерки и активности за нивно пронаоѓање.

Во двата случаја, Царинската управа против осомничените поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Основно јавно обвинителство.