/ Прочитано:

1.118

Германските власти со позитивен одговор за ослободување на Јохан Тарчуловски

Среда, 20 февруари 2013 – Германските судски власти одговориле позитивно на барањето на одбраната на Јохан Тарчуловски за негово предвремено ослободување. Сега е на ред судскиот совет на Судот за воени злосторства во поранешна Југославија, кој треба да каже дали затворската казна ќе му биде преименувана во условна казна. 

Според роковите што велат дека по одлежување на две третини од 12 годишната  казна Тарчуловски може да си оди дома, неговото враќање треба да се очекува кон средината на март.Одлуката на судскиот совет на Хашкиот трибунал ќе биде најважна, пишува „Република“. Во судот не постојат сериозни правни или други пречки за судиите во Tрибуналот да спречат останатиот дел од казната, во висина од четири години, да ја служи на слобода како условно осуден.

Тарчуловски во текот на отслужување на казната во Шевенинген не направил ниту еден инцидент и целосно ги почитувал затворските правила. Тој е единствениот осуден од сите осомничени воени злосторници од Македонија, кои беа истражувани или судени во Хаг. Претходно судот го ослободи Љубе Бошковски, а во Македонија ги врати четирите хашки случаи.

Тарчуловски беше уапсен на 13 март, а на 16 март е префрлен во Хаг. Македонскиот бранител беше уапсен за евентуално убивање цивили во конфликтот во 2001 година, заедно со Љубе Бошковски, кој во тоа време беше министер. Тарчуловски ја вршеше функцијата инспектор за придружба во службата за обезбедување на претседателот Борис Трајковски.

Доколку трибуналот даде негативно мислење на одбраната на Тарчуловски, тоа ќе биде преседан во неговата работа  затоа што на сите барања за условна казна на затвореници што од­ле­жа­ле две третини од казната било одговарано позитивно, по што биле ослободени.