/ Прочитано:

836

ГЛАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ НА ХАГ, БРАМЕРЦ: Пресуда за Шешељ до крајот на 2015 гoдина

Четврток, 13 ноември 2014 – Главниот обвинител на Хашкиот трибунал Серж Брамерц синоќа изјави дека пресудата на Воислав Шешељ не може да се очекува пред крајот на 2015 година.

Брамерц за ТВ Н1 изјави дека за жал реалноста е оти по десет години нема пресуда и изрази надеж дека пресудата на Шешељ ќе биде изречена што побрзо.

Главниот обвинител на Трибуналот изјави дека одлуката за пуштање на Шешељ без никакви услови „не е вообичаена“. Тој нагласи дека пресудата требало да биде изнесена во октомври минатата година, но дека еден од судиите е сменет и тоа Фредерик Хархоф.

Брамерц, исто така, ги отфрли тврдењата на Расим Љајиќ дека Хашкиот суд го пуштил Шешељ со цел тој пресудата да ја дочека на слобода во Србија.

„Не знам што Љајиќ мисли со тој коментар. Имаше слична ситуација и во случајот Прлиќ, каде некои луѓе се пуштени на слобода пред пресудата или за време на чекање на пресудата. Кога ќе биде донесена одлука, јасно е дека Шешељ ќе биде повикан во Хаг“, нагласи Брамерц.

Хашкиот трибунал од хумани причини, условно го ослободи Шешељ, наведувајќи го сериозното влошување на неговата здравствена состојба, како една од главните причини. На Шешељ, минатата година, му беше дијагностициран рак.

Српската влада обезбеди гаранции за негово враќање, со кои се обврза дека Шешељ нема да има контакт со сведоци или жртви, и дека ќе се врати во Хаг на изрекување на неговата пресуда.

Лидерот на српските радикали се наоѓа во притвор во Холандија од 2003 година, кога доброволно му се предаде на судот во Хаг. Изрекувањето на пресудата беше закажано во октомври минатата година, но потоа беше одложено, откако еден од судиите беше изземен поради наводна пристрасност.

Се очекува, новоназначениот судија, барем до крајот на јуни 2015 година, да се запознае со деталите на случајот.

Во текот на судскиот процес Шешељ често имаше испади во судницата, а поради објавување имиња на заштитени сведоци, беше обвинет за непочитување на Судот.