/ Прочитано:

1.057

Големите казни и неусогласените прописи ги мачат трговците – бараат нови закони

Среда, 11 март 2015 – Трговците се жалат на неусогласеност на прописите, на големите трошоци, на парафискалните давачки и на големите казни кои го отежнуваат нивното работење. Тие бараат нови и усогласени законски решенија и намалување на казните.

Преиспитување и преуредување на законските решенија

Според Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија, одделни законски решенија, коишто имаат влијание врз работењето на стопанските субјекти од областа на трговијата, потребно е да се изменат затоа што создаваат проблеми во практиката. Особено е проблематична примената на Законот за финансиска дисциплина, а голем број проблеми во секојдневното и ефикасно работење на македонските компании предизвикуваат и примените на Законот за данок од добивка и Законот за придонеси од задолжително осигурување. Овие законски решенија, велат трговците, мора да претрпат измени.

„Одредбите од различните законски решенија треба да се преиспитаат и да се преуредат, со цел да бидат меѓусебно усогласени и да се во корелација со другите закони што ги регулираат сличните односи“, велат од Здружението.

Намалување на трошоците и детектирање на парафискалните давачки

Тие потенцираат дека се неопходни законски решенија што ќе придонесат за намалување на трошоците во работењето во трговијата, но велат и дека треба да се детектираат и сите други парафискални давачки што се појавуваат и што им се наметнуваат на компаниите во секојдневното работење.

Казните се исто така голем проблем за трговците. Тие бараат нивно намалување и укинување и преуредување на казнените одредби кои ја отежнуваат трговската дејност.

Да се намалат казните

„Неопходно е драстично да бидат намалени предвидените казни во сите закони што се однесуваат на трговците, како и укинување на одредбите каде што како казна е предвидено затворање на фирмата или забрана на вршење на дејност“, потенцираат трговците, најавувајќи дека следењето на законските прописи во оваа насока ќе биде нивниот приоритет.

Следење на проблематичните прописи и иницирање на законски измени

„Ќе ги следиме законските прописи од областа на стопанството, што ќе биде приоритет во работата во текот на секој месец од годината“, најавуваат од Здружението на трговија.

Трговците нагласуваат дека во идниот период постојано ќе бараат контакти со надлежните институции, со цел да се донесат измени на законските прописи што ќе влијаат позитивно врз работењето на стопанските субјекти.

M.В / veljanoskim@akadmeik.mk