/ Прочитано:

4.634

ГРАФИЧКИ РЕГИСТАР НА ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ: Транспарентност на урбанистичките и катастарските планови

Просторното и урбанистичкото планирање се клучен инструмент за воспоставување на долгорочни и одржливи рамки за социјален, територијален и економски развој на државата. Неговата примарна улога е да ја подобри интеграцијата помеѓу населението, транспортот, енергетиката и индустријата и да го подобри територијалниот развој, како на урбаните така и на руралните средини, притоа земајќи ги предвид заштитата и унапредувањето на животната средина.

Просторното и урбанистичкото планирање, истакнуваат од Агенцијата за катастар на недвижности, се континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторен план и урбанистички планови, со цел да се обезбедат уредување и хуманизација на просторот и заштита и унапредување на животната средина и природата.

Планирањето има за цел да се подобрат социјалниот и економскиот раст и развој на државата, да се намалат штетите во животната средина; да се подобри заштитата на природните ресурси, природното наследство и културното наследство како фактор за развој; да се развијат енергетски ресурси и во исто време, да се одржува безбедноста, да се поттикне висококвалитетен и одржлив туризам и да се ограничи влијанието на природните катастрофи.

За квалитетно планирање, образложуваат од Катастарот, неопходна е потребата од достапност и користење на голем број просторни (и непросторни) податоци.

„За таа цел, Агенцијата за катастар на недвижности воспостави централизиран информациски систем на урбанистичките планови и регистар на градежно земјиште. Главни цели на Графичкиот регистар на градежно земјиште се: транспарентност, точност и ефикасност во изработката и донесувањето на плановите, како и зголемување на степенот на реализација на градежните парцели и остварување инвестиции во градењето. Графичкиот регистар за градежно земјиште ги прикажува урбанистичките планови во просторот заедно со катастарските планови. Достапни се информации содржани во урбанистичкиот план за секоја градежна парцела, како и информација дали таа е слободна или веќе е реализирана“, посочуваат од Катастарот.

Со овој регистар, додаваат од оваа институција, е направена стандардизација во изработката на сите видови урбанистички планови и урбанистичко-планска документација, овозможен е транспарентен преглед на локациите каде што има донесено урбанистички планови и урбанистичко-планска документација, овозможен е преглед на сопственоста на катастарските парцели кои ја сочинуваат градежната парцела, преглед на градежното земјиште по нумерички показатели (намена, катност, површина итн.), како и преглед на градежните парцели во државна сопственост.

Графичкиот регистар за градежно земјиште овозможува и историски преглед на секој урбанистички план, односно кога е донесен, кога и со која одлука на советот е ставен вон сила, важност на планот, а доколку се работи за измена и дополнение на дел од урбанистичкиот план, и бројот на одлуката со која е донесена измената.

Преку овој регистар, планерот уште во рана фаза има јасна слика од кои катастарски парцели е составена секоја градежна парцела што ја дефинира, како и податоци за сопственоста на катастарските парцели од кои е составена градежната парцела.

Општините имаат можност за увид во спроведливоста на планот, преглед на урбанистичките планови и урбанистичко-планската документација, како и увид во нумеричките податоци и условите за градба, историјатот на урбанистичките промени во сопствената општина, изводот од графичкиот регистар, просторните и статистичките анализи за урбанистичките показатели за сопствената општина и во просторниот приказ за урбанистите во општината за реално претставување на предлог-планот и можност за контрола на неговата реализација.

Катастарот, пак, преку овој регистар на градежно земјиште обезбедува брза и ефикасна реализација на градежните парцели во Катастарот на недвижности, промена на катастарската култура и оформување на градежните парцели, можност за преземање на градежна парцела во дигитален векторски формат, како и контрола на изградениот објект дали се гради во рамките на просторот за градење.

Графичкиот регистар на градежно земјиште, нагласуваат од Катастарот, е комплементарен со е-урбанизам, тој го надополнува системот е-урбанизам во делот на графичкиот приказ на планот и геопросторната поставеност на локацијата на градежната парцела во просторот.

Досега, преку Графичкиот регистар на градежно земјиште е направена контрола на 993 урбанистички планови и урбанистичко-плански документации, како дел од законската надлежност на Агенцијата за катастар на недвижности да издава согласност на усогласеноста на урбанистичките планови со катастарските планови.

Во Графичкиот регистар на градежно земјиште се внесени: 10 урбанистичко-плански документации за градби од посебен интерес, 19 детални урбанистички планови, 110 архитектонско-урбанистички планови, 7 урбанистички планови за села, 31 локална урбанистичко-планска документација, 277 инфраструктурни проекти, 1 ГУП и 4 ГУП-ови за градски четврти или вкупно 2557 урбанистички планови, вклучувајќи ги и урбанистичките планови и урбанистичко-планските документации донесени пред воспоставувањето на овој регистар за градежно земјиште. Во Графичкиот регистар на градежно земјиште се внесени вкупно 47.638 градежни парцели, односно 14.912.966 м2 вкупна површина на градежно земјиште во РМ.

Сите урбанистички планови и урбанистичко-плански документации, велат од Катастарот, се достапни на пошироката јавност, како и на бизнис-заедницата преку веб-порталот на Агенцијата за катастар на недвижности, преку следнава врска: http://ossp.katastar.gov.mk/OSSP/.

Преку ваквата достапност, велат од Катастарот, се овозможуваат бесплатен увид  и транспарентност во постапката на изработка и донесување на урбанистичките планови; можност за увид на граѓаните што е предвидено да се гради на нивната парцела и околните парцели; можност  за инвеститорите  да најдат слободно земјиште и да ја проверат сопственоста на катастарските парцели и достапност до информација за висината на продажната цена на земјиштето и објектите во околината од Регистарот на цени за недвижностите.

М.В