/ Прочитано:

785

Граѓаните најголема доверба имаат во Армијата, а најмала во Обвинителството

Денес, ЕВРОТИНК – Центар за европски статегии ги презентираше наодите од анкетното истражување ЕВРОМЕТАР, кое го спроведува традиционално од 2014 година, и на кое беа измерени ставовите во однос на Европската унија, надворешната политика, како и за доверба во институциите, безбедносната ситуација и работењето на полицијата.

Граѓаните најголема доверба имаат во Армијата на РС Македонија (47 %), во Претседателот на РС Македонија (31 %), во религиозните заедници (30%), како и во полицијата (25 %), додека најмалку ѝм веруваат на судството (8 %) и обвинителството (8 %).

Во однос на работењето на полицијата на РС Македонија, доминира негативниот став во евалуацијата на сите мерени аспекти. Сепак, 30 % се со мислење дека полицијата професионална во своето работење; 26 % дека е ефикасна; 22 % дека е транспарентна; 20 % дека е отчетна; 16 % дека ги зема предвид мислењата и потребите на граѓаните во донесувањето на одлуки и во најмал процент дека е полицијата независна од партиските, владините или бизнис-интересите (13 %).

Наспроти генералната негативна оценка за работењето на полицијата, граѓаните кои имале личен контакт позитивно ја оценуваат професионалноста на полициските службеници во своето работење. Во услови на пандемија со КОВИД-19, 13 % имале потреба да контактираат со полицијата за прашања поврзани со пандемијата, а од нив 61% позитивно го оцениле ова искуство. Само 9% од граѓаните слушнале за концептот „Полиција во заедницата“ и уште помалку (5.4%) се запознаени со улогата и работата на Локалниот совет за превенција во својата општина.

Податоците кажуваат дека најголемиот дел од граѓаните остануваат упорни поддржувачи на Европската Унија. Во споредба со крајот на 2020г., годинава е за 2 проценти зголемен процентот на граѓани кои сметаат дека членството во ЕУ е „добра работа“. И покрај ветото од Бугарија, поддршката за пристапувањето останува стабилна и бележи раст. За 3 процентни поени се зголемени и очекувањата за почнување на преговори во следните 6 месеци, а речиси три четвртини (74 %)од граѓаните би гласале позитивно ЗА на референдум за влез во ЕУ и една третина сметаат дека интеграцијата на земјава во Унијата ќе се случи во наредните 5 години.

Околу половина од граѓаните сметаат дека односот на Унијата кон Македонија е нефер, надмен и уценувачки, но за 9 % од лани се зголемил бројот на оние кои веруваат дека а е фер, пријателски и коректен (30%). Процентот на оние кои сметаат дека членството во ЕУ е најдобрата алтернатива за Македонија благо се зголемува на 63%, додека опаѓа мислењето дека е потребен модел за развој надвор од ЕУ (33%), што е намалување од претходните две анкети и се враќа на бројките од 2019 година.

ЕВРОМЕТАР е истражување преку кое ЕВРОТИНК традиционално го испитува мислењето на граѓаните за прашања поврзани со евроинтеграциите и довербата на граѓаните во државните институции. Истражувањето е спроведено од страна на агенцијата Брима во периодот 23 ноември до 30 ноември 2021 година на репрезентативен примерок од 1001 испитаник со +/- 3% маргина на грешка.

М.В