/ Прочитано:

1.598

Граѓаните најмногу се жалат за високите сметки за телефон и за неквалитетните услуги на телекомуникациските оператори

Граѓаните најмногу се жалат за високите сметки од телекомуникациските оператори и за неквалитетните и ненавремени услуги, велат од АЕК, и додаваат дека е намален бројот на приговори за услугите во роаминг во мобилната телефонија.

slika

Од АЕК велат дека свесноста на корисниците за контакт-центарот на АЕК, кој функционира од мај 2010 година и каде што граѓаните можат да ги искажуваат своите поплаки, е зголемена во однос на минатата година, но воедно и подвлекуваат дека голем број од поплаките на граѓаните биле оценети како неоправдани од Агенцијата.

Според директорот на АЕК, Сашо Димитријоски, покриеноста со сигнал и квалитетот на сигналот е сфера што и понатаму треба да се унапредува. Потребно е, вели Димитријоски, корисниците да добијат услуга од која навистина ќе бидат задоволни.

Податоците на АЕК покажуваат дека барањата за квалитетни услуги за мобилен интернет покажуваат дека граѓаните во Македонија сè повеќе користат интернет, не само во вообичаената секојдневна комуникација туку и во сферата на деловните контакти и бизнисот.

Од АЕК потсетуваат дека на бројот 190 граѓаните кои се корисници на услугите на телекомуникациските оператори можат да пријават евентуални проблеми во доменот на електронските комуникации, како што се мобилната и фиксната телефонија, мобилниот и фиксен интернет и телевизијата.

Од АЕК велат дека и понатаму ќе работат на создавањето на поволни услови за ефективна и одржлива конкуренција на пазарот на електронските комуникации која ќе им служи на интересите на корисниците, на стопанството и на индустријата за комуникации преку ефективна, транспарентна, соодветна и проактивна примена на регулаторните алатки.

На почетокот на овој месец, АЕК ги презентираше и податоците на Секторот за заштита на правата на корисниците во рамките на оваа институција. Овие податоци покажуваат дека најмногу спорови, 20,2 %, се однесуваат на говор во мобилната телефонија, по што следуваат 18,1 % на мобилен интернет, 6,4 % за ДВБ­Т, 5,5 проценти на говор во роаминг, 5,3 % на кабелска телевизија, 4,6 % за ИПТВ. За интернет преку фиксна телефонија отпаѓаат 4,2 %, за говор во фиксна – 2,9 %, а за преносливост на број – 1,9 %. Од вкупниот број спорови, 50,7 % или 448 барања за решавање спор се за услуги од Оне.вип, 41,7 % или 369 барања за решавање спор на Македонски телеком, а 7,6 проценти за спорови со останатите оператори.

Најголем број од приговорите на корисниците на Македонски телеком се за говор и за интернет во мобилната мрежа, 24,1 %, односно 13,3 %, а кај Оне.вип, пак 24,3 % за интернет во мобилната мрежа и 20,1 % за говор во мобилната мрежа. Од споровите на корисниците со Оне.вип целосно или делумно се усвоени 20,5 %, во тек на решавање се 10,7 %, а отфрлени се 54,5 %.

Од споровите, пак, со Македонски телеком, за 14,2 % се изготвени решенија за усвојување или за делумно усвојување, во тек се 19,1 %, а отфрлени се 47,8 %. За 13,4 % од приговорите постапката е запрена.

М.В