/Прочитано:

1.354

Граѓанските активисти: Итно да се донесат измените на Законот за азил и привремена заштита

Граѓански активисти, како и претставници на ООН, бараат итни измени на регулативата за азилот, поточно на Законот за азил и привремена заштита, со што би им се олеснила состојбата на азилантите. Подготовките за измените беа најавени од МВР уште минатиот месец и во нив се посочува дека целта е преку измените да им се олесни пристапот на потенцијалните баратели на азил.

Привремен легален статус

„За жал, моменталните законски регулативи ги третираат азилантите како криминалци и тие не смеат да користат јавен превоз. Поради таа причина тие се жртви на организирани банди што киднапираат азиланти и што ги држат во заробеништво сѐ додека не се плати откуп за нив. Како што рече Јасмин Реџепи од НВО „Легис“, дури и да ги имавме на располагање целите државни резерви, ова не е начин да им помогнеме на мигрантите. Мора под итно да се сменат законските норми за овие луѓе да добијат привремен легален статус за да можат да користат јавен транспорт за полесно да ја поминат Македонија“, вели за Академик Јанко Лега од иницијативата „Да им помогнеме на азилантите во Македонија“.

Тој додава дека дел од земјите од Балканот веќе донеле закони со кои го регулираат транзитот на мигрантите и дека во насока на законските измени треба да се искористат искуствата од соседството, потенцирајќи дека е позитивен примерот со Србија.

Позитивни примери од соседството

„Како позитивен пример од соседството би ја спомнал Србија која им дава документи за привремен азил од 72 часа, кога тие можат да ја поминат државата или да бараат траен азил во земјата. Во Албанија веќе се воведени специјални пасоши за мигрантите според релевантните меѓународни конвенции“, вели Лега.

Според него, постојат притисоци да не се донесат законските измени од причини миграните да не станат, како што подвлекува, проблем на властите.

„Нема страв дека мигрантите ќе останат во Македонија, сепак, нивната крајна дестинација е Западна Европа. За жал, поради тој факт, голем е притисокот врз нашите власти да не се донесе овој закон бидејќи потоа мигрантите ќе станат нивни проблем. Но хуманоста и човештвото нѐ обврзува да им се помогне на овие луѓе! Мораме да направиме сѐ што е во наша моќ за да им се олесни болката“, посочува Лега.

„Додека беа помали групи, имаа многу повеќе шанса да фатат воз. Сега, за жал, дел од нашите граѓани се жалат на нивното присуство во возовите и ѝ се јавуваат на полицијата да ги симне. Тоа е нехумано од нивна страна и затоа сега полицијата дежура на сите станици не дозволувајќи им да се качат и ги остава по групи од 200 луѓе да пешачат до Скопје и до Велес“, вели Јасмин Реџепи од невладината организација „ЛЕГИС“, од каде што апелираат за побрзо донесување на Законот.

Мохамед Ариф: Законот треба да се изгласа колку што е можно побрзо

Мохамед Ариф, претставникот на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) во Македонија, исто така нагласува дека Македонија итно треба да ги донесе предложените измени во Законот за азил.

„Законот треба да се изгласа колку што е можно побрзо за да се спречи страдањето на мигрантите“, рече Мохамед Ариф на регионалниот форум на министрите за внатрешни работи од земјите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ.

Народниот правобранител: Потребно е надградување на регулативата

Од невладината организација „Цивил“ информираа дека Народниот правобранител  исто така има став дека е потребно да се надгради законската регулатива, при тоа укажувајќи дека, и покрај слабостите во регулативата, Македонија има и слаб систем за прифаќање на бегалците. Тоа го потврди и на денешната  прес-конференција.

„Наша констатација е дека постоечкиот правен систем не дава целосна гаранција за заштита на правата на странците. Поради тоа апелирам за што поскоро донесување на измените на Законот за азил и привремена заштита. Овој закон е позитивен чекор, но далеку од решавање на проблемот, изјави Иџет Мемети.

Законски измени и подзаконски пропис

Инаку, со предложените законски решенија кое според МВР се наоѓа во владина процедура, му се овозможува на странецот на граничен премин или во внатрешноста на територијата на Република Македонија пред полициски службеник на Министерството за внатрешни работи да искаже намера дека ќе поднесе барање за признавање на право на азил и да биде упатен во рок од 72 часа да поднесе барање за признавање право на азил пред овластено службено лице на Одделението за азил во просториите на Прифатниот центар за баратели на азил.

Покрај измени на законското решение, најавени од страна на МВР, во текстот на измените се посочува дека е потребно да се донесе и подзаконски пропис.

„За извршување на предложениот закон е потребно донесување на подзаконски пропис за образецот на искажаната намера за поднесување барање за признавање право на азил, образецот на барање за признавање право на азил, начинот на земање отпечатоци од прсти и фотографирање на барателите на право на азил, образецот и постапката за издавање и замена на исправи на баратели на право на азил и лица на кои им е признаено право на азил или привремена заштита во Република Македонија и за начинот на водење на евиденција“, се вели во преложените измени.

ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА АЗИЛ И ПРИВРЕМЕНА ЗАШТИТА: Странецот пред полицискиот службеник да искаже намера дека ќе поднесе барање за признавање на право на азил

М.В / veljanoskim@akademik.mk