/ Прочитано:

1.090

Граѓанското движење „Рaзбуди се“ ќе го тужи ЈСП, бараат двојазичност во градските автобуси

Вторник, 8 јануари 2013 – Од граѓанското движење „Разбуди се“ најавуваат дека ќе го тужат ЈСП и сите правни субјекти кои во своите ознаки и натписи не го почитуваат Законот за употреба на албански јазик. Најголемото претпријатие за јавен превоз, ЈСП е прво претпријатие на удар за да заработи тужба, информираат од Здружението. ОД ЈСП молчат за новонастаната ситуација. 

„Граѓанското Движење „Разбуди се“ информира дека во соработка со медиумите и граѓаните, ќе ги детектира сите институции и нивни водачи коишто одбиваат да го употребат албанскиот јазик и покрај фактот што се законски обврзани и ќе подготви тужби против сите тие за да ја осигураме реализацијата на законот“, велат од Здружението.

Според Здружението, ваквото однесување ги руши темелите на меѓуетничките односи.

„Меѓуетничките односи се столб на ова општество и Охридскиот договор стана дел од Уставот, но примерите на одбивност да се прифати новата реалност во Македонија, укажуваат дека сè уште има индивидуи со нереформиран ум. За среќа, Законот предвидува и санкции во случај истиот да не се почитува од институциите или функционерите“, велат од Здружението.

Очекуваат реакција на Обвинителството и најавуваат активност за детектирање на сите институции во кои не се користи албанскиот јазик, а со закон е предвидена неговата употреба.

Академик ги контактираше претпријатието но оттаму молчат за можната тужба против неупотребата на албанскиот јазик во нивните ознаки и натписи.