/ Прочитано:

928

Грчкото обвинителство покрена истрага за документарецот сниман за партијата „Златна зора“

Четврток, 7 март 2013 – Грчкото обвинителство нареди истрага за документарниот филм емитуван на британската телевизија Канал 4 во кој е прикажан кандидатот за пратеник  Александрос Пломаритис на неофашистичата Златна зора како повикува да се направи сапун од имигрантите. Истовремени обвинителството покрена истрага против тројца поранешни министри на Владата на Грција. 

Документарецот што носи наслов „Чистачите“ кој го сними студентот по филмска режија Константинос Јоргусис,  прикажува членови на партијата Златна зора кои отворено разговараат за насилство врз имигранти.

Во филмот се вели „подготвени сме да ги вклучиме рерните“ и повикува од имигрантите да се направат сапун и лампи. Портпаролот на Златна зора Илиас Касидиарис го опиша видеото како „трагикомично“ а ставовите прикажани во него „смешни“.

Режисерот пак бил шокиран од сето она што го слушнал за време на снимањето на филмот и на моменти бил „загрижен од нивото на поддршка од страна на грчкиот народ“ за насилството врз имигрантите.

„Бев преплашен од тоа што овие членови беа горди да ги изразат своите екстремни идеи отворено во јавност за време на кампањата. Бев шокиран од нивното непријателство и од начинот на кој тие ги третираат имигрантите во Атина“, вели Јоргусис пишувајќи за неговите искуства додека снимал.

Во изјавата за вестите на Канал 4, пратеникот на Нова демократија Андонис Јоргиадис рече дека мислењата изразени од страна на поддржувачите на Златна Зора не се мислења на мнозинството Грци. Тој истакна дека екстремната десничарска партија е срам за грчкото општество и демократија, но додаде дека грчкиот народ е под голем притисок и оти тоа предизвикало некои избирачи да го дадат својот глас за Златна зора.

– „Со оглед на тоа што мојата земја се соочува со финансиска и социјална пропаст, Златна зора стана главен вентил за бесот на јавноста“, изјавил пратеникот на Нова демократија, Андонис Јоргиадис. 

Во меѓувреме грчкото обвинителство покрена истрага против тројца поранешни министри поради непочитување на Законот за имот и финансиска состојба на политичарите. Истрага се води против Петрос Дукас и Јоргос Вулгаракис од Нова демократија и Јанос Папандониу од ПАСОК, откако парламентарната комисија изврши истрага за нивната имотна состојба.

Според обвинителството, Дукас неосновано пријавил пониски приходи за 1,1 милион евра во 2010 година во споредба со 2009 година и не можел да оправда дека парите се инвестирани. Кривична одговорност ќе се бара и од Папандониу и Вулгаракис бидејќи се откриени имоти и банкарски сметки на нивните сопруги кои не биле пријавени.