/ Прочитано:

3.144

ХАНС ЛИТЕН: Германскиот адвокат кој им се спротивстави на фашизмот и нацизмот

Адвокат со брилијантен интелект, човек со изразено чувство за правда, жесток противник на нацизмот и фашизмот, интелектуалец кој зборувал неколку европски јазици, вљубеник во класичната музика и во поезијата на Рилке, вака ја опишуваат историчарите личноста на Ханс Литен, познат во историјата како адвокатот кој доблесно ги бранел правата на граѓаните и работниците, биејќи ја битката против нацизмот и во судницата, каде што со своите аргументи успеал лично да го понижи и Хитлер.

akad 1

Ханс Литен е роден 1903 година, во Хале, во семејството на Ирмгард и Фридрих Литен. Љубовта кон правото ја наследил од својот татко Фридрих Литен, истакнат германски правник и почитуван професор, декан и ректор на Универзитетот во Кенигсберг, каде што предавал римско и граѓанско право.

Биографите на Литен пишуваат дека неговата мајка кај него го разбудила интересот за уметноста, но и чувството за праведност и правичност. Воспитан во таков дух, Литен во текот на својата младост го отфрлил општествениот опортунизам и, заедно со неговиот пријател писателот Макс Фирст, ги прифатил револуционерните и социјалистичките идеи.

Иако, првично сакал да студира историја на уметноста, тој набрзо констатирал дека преку адвокатурата, особено во делот на правосудството, практично може да се посвети на одбраната на правата на граѓаните и работниците.

akad 1

Согледувајќи дека Германија е во опасен период, кога нацистите полека ја освојувале општествената и политичката моќ добивајќи поинаков третман во судот, младиот правник одлучно се посветил на студиите и на адвокатското образование, завршувајќи ги последните испити во 1927 година. Неговите оценки биле извонредни, па добил понуда да работи во Министерството за правда.

Исто така, и неколку познати адвокатски канцеларии го повикале да работи кај нив. Сепак, како што пишуваат неговите биографи, меѓу лукративната понуда да работи во Министерството и одличната понуда да работи за познатите адвокатски канцеларии, тој одлучил сам да си отвори адвокатска канцеларија во 1928 година.

Политички левоориентиран, но независен и без припадност на политичка партија, Литен, нагласувајќи ја својата независност, сатирично велел „двајца би биле премногу за мојата партија“. Поаѓајќи од таа своја правна и политичка филозофија, Литен набрзо станал адвокат жесток борец за правата на работниците и граѓаните, силно поддржувајќи ги своите истомисленици опоненти на нацизмот и фашизмот.

akad 1

Познат е судскиот процес од 1931 година во кој познатиот германски адвокат го испрашувал Адолф Хитлер како сведок. Се работи за судењето на неколку следбеници на Хитлер и членови на нацистичката партија кои учествувале во бруталниот инцидент и убиството на неколку левоориентирани работници.

Целта на испрашувањето на Литен била да ги сруши тврдењата на Хитлер дека неговата партија не ги користи насилствата и убиствата за свои политички цели. Исто така, Литен имал за цел во поширок контекст да покаже дека намерата на нацистите била преку користењето на теророт како тактика да ги срушат демократските вредности и институции.

Испрашувајќи го три часа, Литен, како што пишуваат неговите биографи, успеал да го понижи нацистичкиот водич, но и да предизвика голем гнев кај него. Иако судскиот процес не придонел да се спречи доаѓањето на нацистите на власт, тие никогаш не ја заборавиле храброста на адвокатот.

akad 1

По преземањето на државната, институционалната и политичката контрола од страна на нацистите, талентираниот адвокат во 1933 година бил уапсен и бил затворан во различни логори. Пет години траеле постојаните брутални малтретирања врз него. Во 1938 година не можејќи веќе да ги издржи измачувањата, извршил самоубиство во логорот Дахау.

Денес името на Ханс Литен претставува синоним за адвокатската и пожртвувана борба против нацизмот и фашизмот и неговата улога за германската и европската адвокатура се нагласува со голем пиетет во германската адвокатска заедница.

По обединувањето на Германија, берлинските адвокати својата берлинската адвокатска комора ја нарекле по името на адвокатот Ханс Литен. Оваа комора, како и Федералната германска адвокатска комора имаат и свои седишта во спомен-куќата на Ханс Литен.

За посебни заслуги во светот на правото, адвокатурата и заштитата на човековите права денес се доделува и наградата „Ханс Литен“, која на секои две години ја добиваат заслужни адвокати ширум светот.

M.В