/ Прочитано:

721

ХЕЛСИНИШКИ КОМИТЕТ: Судиите сѐ уште не го познаваат Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство

Судиите сѐ уште не го познаваат Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, се вели во најновиот месечен извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија на Хелсиншкиот комитет.

foto akademik

„До Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати странка која побара правна помош како жртва на физичко и психичко семејно насилство. Имено, родителите на  странката подолг период врз неа вршат физичко и психичко семејно насилство, секојдневно тепајќи ја и навредувајќи ја со погрдни зборови. Хелсиншкиот комитет за човекови права за потребите на странката изготви барање за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство и истото беше поднесено до надлежниот основен суд. Во барањето странката од Судот побара изрекување на сите мерки за заштита предвидени во чл. 35 од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство и назначи претставник/претставничка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, кој/а ќе ја придружува на судските рочишта за изрекување на привремените мерки“, велат од Комитетот.

Од извршениот мониторинг на досегашните судски рочишта Хелсиншкиот комитет за човекови права констатира загрижувачко високо ниво на непознавање на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство од страна на судиите.

„Имено, во текот на главната расправа судечкиот судија по предметот на странката изјави дека “законот не му дава овластувања да изрече привремени мерки со кои ќе ги испрати вршителите на семејното насилство во соодветно советувалиште, ниту пак има законски овластувања привремено да ги отстрани вршителите на семејно насилство од домот”.

Потсетуваме дека во член 35 од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, предвидени се сите мерки за привремена заштита, меѓу кои и отстранување од домот без оглед на сопственоста (чл. 35 став 4) и задолжително посетување на соодветно советувалиште (чл. 35 став 8). Воедно во член 42 од истиот закон предвидено е дека судовите да одлучуваат во постапките за привремени мерки за заштита и во истите се применуваат одредбите од Законот за парнична постапка, ако со Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство не е поинаку предвидено.“

Од наведеното, посочуваат од Комитетот, лесно може да се заклучи дека судовите имаат законски овластувања да изрекуваат привремени мерки со кои ќе ги упатуваат вршителите на семејно насилство во соодветни советувалишта или пак ќе ги отстранат вршителите на семејно насилство од домот, независно од сопственоста, што укажува на елементарно непознавање на законските одредби на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство  од страна на судечкиот судија во конкретниот предмет.

„Апелираме судиите да почнат ефикасно, доследно и правилно да го применуваат  Законот за превенција, спречување и заштита на семејно насилство, особено одредбите кои се однесуваат на изрекувањето на привремените мерки за заштита, како би се обезбедила најдобра заштита и би се отстраниле непосредните и сериозни опасности по животот и физичкиот интегритет на жртвите на семејното насилство  и членовите на нивните  семејство“, препорачуваат од Хелсиншкиот комитет.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.

М.В