/ Прочитано:

1.269

ХЕРА бара укинување на рестриктивните одредби од Законот за прекинување на бременоста

Потребно е да се укинат рестриктивните одредби (особено членот 6, но и другите одредби со кои се отежнува постапката) од Законот за прекинување на бременоста и да се започне транспарентен процес за донесување нов закон, во редовна процедура, со учество на стручни лица и здруженија, кој ќе биде во согласност со медицината заснована на докази (препораки на СЗО) и на меѓународната регулатива, препорачуваат од Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА.

fotografija

Правото на жената да одлучува за абортусот слободно и самостојно, велат од ХЕРА, во нашето општество претставува традиционална вредност на уставниот поредок. Ова право во македонското законодавство има традиција од повеќе од 40 години бидејќи за првпат е загарантирано со Законот за прекинување на бременоста од 1972 година, а потоа и со првиот Устав на самостојна Македонија.

„Во 2013 година, во скратена постапка, се изгласа и се донесе нов Закон за прекинување на бременоста, кој е спротивен на одредбите од Уставот на РМ, Законот за заштита на правата на пациентите, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за здравствена заштита, а во исто време им противречи и на Насоките за безбеден абортус на Светската здравствена организација, како и на одредбите на Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената.  Со овој закон законодавецот ја отфрли сета достигната зрелост на вредностите што ги штити македонскиот правен систем и воведе ограничувања што сериозно го узурпираат и го назадуваат правото на слободен избор на жената. Законското предвидување процедура за одобрување на прекинување на бременоста, која е утврдено да започне со поднесување писмено барање, претставува мешање на државата во правото на слободен избор на жената при одлучувањето за раѓање деца, кое е гарантирано со членот 41 став 1 од Уставот на РМ.

Штом се поднесува барање, се остава простор тоа да не биде одобрено, и на тој начин директно да се прекршат уставните права. Дополнително, имајќи предвид дека остварувањето на правото на прекинување на бременоста е врзано со проток на време (десет недели од зачнувањето), административното усложнување при реализацијата на правото може целосно да го оневозможи неговото остварување и негативно да влијае на здравјето и животот на жената. Законски утврдената должност на лекарот да изврши советување на бремената жена му дава задолжителен карактер на самото советување, воведувајќи го како услов за стекнување на правото за прекинување на бременоста“, посочуваат од Асоцијација за здравствена едукација и истражување во Билтенот за семејно планирање објавен овој месец.

Македонскиот правен систем, се нагласува во Билтенот за семејно планирање, не познава задолжително советување, кое е спротивно на Законот за заштита на правата на пациентите како lex generalis кој предвидува дека пациентот има право, со писмена изјава, да одбие прием на информација за природата на својата здравствена состојба и очекуваниот исход на предложените или на преземените медицински интервенции.

Дополнително, Светската здравствена организација ги повикува државите да обезбедат почитување на одлуката на жените што ќе побараат абортус без подложување на задолжително советување. Ако жената сака да се подложи на советување, СЗО нагласува дека тоа треба да биде доброволно, доверливо и незадолжително.

„Советувањето мора да биде на начин што го олеснува изборот, го почитува достоинството на жената и е чувствително за нејзините потреби и перспективи. Спротивно на насоките на СЗО, македонскиот законодавец му наложува на докторот да информира само за „предностите од бременоста“ и за „ризиците од спроведувањето или неспроведувањето на прекинувањето на бременоста“. Имено, дали една бременост носи предности или ризици е прашање на секоја жена и зависи од нејзината лична, емотивна, социјална, културна положба во конкретен момент и оттука какво било задолжително и пристрасно советување е мешање во приватноста на жената и е спротивно на членот 11 и на членот 18 од Уставот на Република Македонија. Со воведувањето задолжителен период на чекање по извршеното советување се зголемува и онака енормниот емотивен стрес што го доживува жената во ситуација кога се соочува со прекинување на бременоста. Дури и кога носи мртов плод како резултат на спонтан абортус, лекарите, под закана од високи глоби предвидени во Законот за прекинување на бременоста, чекаат да помине задолжителниот период од три дена, наместо веднаш да го отстранат плодот што директно го загрозува животот на жената. Барањето, задолжителното пристрасно советување и задолжителниот период на чекање, се мерки со кои се ограничуваат уставно загарантираните права на жената“, истакнуваат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА.

Од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА нагласуваат дека во Република Македонија жените се рамноправни граѓани и секој обид на државата да влијае на нивните одлуки, да го одбива или да го одобрува уживањето на нивните права, или пак да им наметнува задолжителни три дена за да размислат дали сакаат да го искористат уставно загарантираното право, значат загрозување на нивниот интегритет и достоинство како основно обележје на човекот.

„Не постојат емпириски податоци дека законските бариери имаат каков било ефект врз зголемувањето на наталитетот, а од друга страна, пак, истражувањата покажуваат дека законските ограничувања драматично влијаат врз пристапот на жената до безбеден абортус. Решавањето на компликациите предизвикани од вршење небезбеден абортус создаваат дополнителен товар, односно трошок за државата, како од здравствен така и од социјален аспект“, заклучуваат од Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

М.В