/ Прочитано:

1.752

Храброст е да се биде адвокат во услови на монтирани политички процеси – Мартин Николовски, адвокат од Крива Паланка

Во услови на разнишани позиции на правната држава и на владеењето на правото, при монтирани политички процеси и злоупотреба на мерката притвор, сметам дека е уште позначајно и исклучително храбро да се биде адвокат, вели во интервјуто за Академик, Мартин Николовски, адвокат од Крива Паланка, според кого, верувањето во темелните вредности значи и верба во правдата, која не би можела да егзистира без искрен однос и без практични решенија за надминување на проблемите во правосудството, што воедно значи и зацврстување на позициите на правната држава. Регионално здружување на адвокатските заедници на ниво на општини и тоа како Регионални Адвокатски Заедници, по урнек на адвокатските заедници во Република Хрватска, е едно од решенијата кои тој ги предлага за надминување на постоечките проблеми, кои не и наштетуваат само на адвокатурата туку на целокупното правосудство, а особено на – граѓанинот.

„Перспективата на адвокатурата во Крива Паланка, не отстапува многу од курсот по кој што се движи адвокатурата на ниво на Република Македонија, односно од нејзината перспектива на една поширока основа. Во последно време, сведоци сме на еден реформаторски тренд во однос на самите постапки што се водат пред нашите судови, како и во однос на нивната надлежност, која што реформација, секундарно, но не и занемарливо се рефлектира врз адвокатурата, ефектуирајќи притоа намален обем на работа на адвокатите, за сметка на некои други вршители на самостојна дејност во Република Македонија, како што се нотарите, извршителите, медијаторите итн.“, вели адвокатот Николовски.

Според него, во Крива Паланка, посебен проблем, кој што директно се рефлектира врз перспективата на адвокатурата, тоа е намалената надлежност на Основниот суд Крива Паланка, кој што делува како суд со основна надлежност, што во многу се одразува и врз адвокатурата како посебна дејност, па и врз обемот и делокругот на работа на самите адвокати.

„Проблем за перспективата на адвокатурата во Крива Паланка претставува и слабата финансиска моќ на граѓаните на Крива Паланка, кои во добар дел од случаите, и покрај засегнатиот правен интерес, тешко се одлучуваат да иницираат постапки пред надлежен суд, токму заради неможноста финансиски да ги поднесат трошоците за користење на адвокатските услуги“, посочува адвокатот.

За Николовски, голем проблем за адвокатите кои работат предмети со прилично голема вредност на спорот е тоа што се ограничени во поглед на паричната награда, а согласно со АТ.

„Од тие причини, нужна е реформа во самата адвокатска тарифа, во склад со адвокатската практика, прифатена во светот“, вели тој додавајќи дека проблем претставува и слабата комуникација на АКРМ со Адвокатските заедници на ниво на општини, отсуството на работни средби, панели и слично, организирани од страна на АКРМ, а се со цел за подобрување на целокупната состојба во адвокатурата во Република Македонија.

Сепак, како најголем проблем во последно време, Николовски ја потенцира разнишаната позиција на правната држава, на владеењето на правото, монтираните процеси, политичките затвореници, злоупотребата на мерката притвор, намалениот авторитет и верба во судската власт, кое што во голема мера секундарно се ефектуира и врз адвокатурата во Република Македонија, како и врз нејзината успешност и перспектива.

„Со самата реформација на процесното право во Република Македонија, а пред се, на кривичната постапка, предвидена со новиот ЗКП, во добар дел се подобрува и позицијата и начинот на делување на адвокатите, односно се менува цел еден концепт и тоа кон подобро. Тука морам да ја потенцирам и проактивната улога на адвокатите, која што ја предвидува новото кривично-процесно право, која што би требало да имплицира поквалитетни адвокатски услуги и огромна посветеност и ревносност во одбраната на лицата обвинети за сторени кривични дела“, дециден е Николовски.

Тој смета дека за подобрување на состојбата на адвокатурата, неопходна е извесна промена и во самиот тарифен модел за наградување на адвокатите за дадената правна помош и услуги, посебно во поглед на паричната награда во оние спорови со сериозно висока вредност на спорот, а во склад со адвокатската практика прифатена во светот.

„Покрај наведеното, сметам дека за подобрување на перспективата и перформансите на адвокатурата во Република Македонија е неопходно регионално здружување на адвокатските заедници на ниво на општини и тоа како Регионални Адвокатски Заедници, по урнек на адвокатските заедници во Република Хрватска. Исто така, неопходна е зголемена координација и комуникација на релација АКРМ со адвокатските заедници на ниво на општини и поголема проактивна улога на АКРМ во самиот реформски процес во Македонија, каде што компарирано со другите Комори на вршители на самостојна дејност, АКРМ има најслаба активност, влијание и резултати“, предлага адвокатот.

Адвокатот Мартин Николовски не запознава дека неговата адвокатска канцеларија работи безмалку 3 години, за кој период истакнува дека има постигнато исклучително задоволителни резултати и тоа како во делокругот на граѓанската, така и во делокругот на кривичната материја.

„Сепак, Крива Паланка, како подрачје и пазар на услуги е лимитирана во поглед на атрактивни кривични предмети, но затоа пак, доста е експлоатирана граѓанско-правната материја, посебно во делот на имотно-правните спорови, каде што и најповеќе сум присутен и прилично сум успешен. Сепак, покрај имотно-правните спорови, работам и во областа на работните спорови, трговските спорови, управните спорови, споровите од областа на семејните односи, штети итн., но и кривични и прекршочни предмети и тоа не само на подрачјето на Основниот суд во Крива Паланка, туку и на подрачјето на други судови на територијата на Република Македонија“, вели тој.

 За себе вели дека уште како многу мал сум бил воспитуван од страна на неговите родители да бидам правдољубив, правичен, чесен и да верувам дека на крајот на денот, правдата секогаш победува.

„Можеби и поради таквиот начин на воспитување, се роди мојата љубов кон правото, мојата верба во правдата и мојата борба за воспоставување правна држава и владеење на правото. Отсекогаш сум знаел и сум верувал дека она што ќе биде мојата животна професионална определба, тоа е адвокатурата, како една од најблагородните професии низ историјата, па до ден денешен. Притоа, максимално сум професионален, ревносен и посветен на секој поединечен предмет, односно клиент. Секогаш сум искрен и чесен кон своите клиенти. Не ветувам повеќе отколку што можам да остварам, а остварувам повеќе отколку што можам да ветам. Ја сакам и исклучително ја почитувам онаа нишка на благородност во оваа професија и пред се моралната компонента на адвокатурата, а тоа е да се биде секогаш на помош на секого на кого што таа помош му е неопходно потребна, односно да се биде на браникот на слободата и човековите права“, открива Николовски што всушност е негов личносен идеал и манир на однесување и професионално постапување.

Од тие позиции како лична перцепција, Николовски забележува дека неговата верба во правдата често се засенува со состојбите во правосудството.

„Во последните години во Република Македонија, во услови на разнишани позиции на правната држава и на владеењето на правото, при монтирани политички процеси и злоупотреба на мерката притвор, сметам дека е уште позначајно и исклучително храбро да се биде адвокат, и тоа адвокат со визија и стремеж за враќање на нештата во нивната вредносна матрица и борба за посветли денови на адвокатурата“, посочува Николовски, но како што вели, адвокатурата е таква професија во која неминовно е да се има една ѕвезда водилка – и лично, но за правната држава, правото и адвокатурата.

„Постојат голем број на начела кои што се ѕвезда водилка во поглед на достојната заштита на човековите права, слободи, интереси и правната сигурност. Сепак сметам дека пиедесталот е резервиран за Правната држава и Владеењето на правото, независното судство и остварувањето на човековите права и основните слободи, како основни постулати на кои се темели секое демократски ориентирано општество. Секој адвокат треба да верува во овие темелни вредности, имплементирани во највисокиот државотворен акт, но и да се залага за нивно почитување и доследна примена, како и ревносно да се бори за нивната заштита, бидејќи, единствено со почитување на овие основни начела во правото и правниот поредок ќе може да биде загарантирана слободата, човековите права, правните интереси и правната сигурност на граѓаните“, вели адвокатот Николовски, повторно акцентирајќи дека само верувањето во трајните вредности може да создаде подобра правна држава во функција и на подобро судство, адвокатура и заштита на правата и слободите на граѓаните.


Разговараше: Милчо Велјаноски Објавено: 20. 06. 2014